Министерот за правда, Бојан Маричиќ, денеска учествуваше на ЕУ – Западен Балкан министерскиот форум за правда и внатрешни работи, кој е во организација на германското претседателство со Советот на ЕУ, а покрај министрите, ќе учествуваат и еврокомесарите за проширување, правда и внатрешни работи, Оливер Вархеји, Дидие Ренедерс и Илва Јохансон. Форумот беше претседаван од страна на германската министерка за правда Кристина Ламбрехт.

Во своето обраќање, Маричиќ истакна дека поради пандемијата со ковид-19, потребата за забрзана дигитализација на правосудниот систем е значајна како никогаш досега, како за реформите во правосудството, така и за ефикасното постапување по случаите од страна на судските институции.

Со еврокомесарите и министрите од регионот, министерот ги сподели предизвиците со кои се соочија нашите судови и обвинителства, како и дејствијата што беа преземени за ублажување на влијанието на пандемијата врз тековните постапки за време на вонредната состојба.

– Без никакви одложувања, Владата донесе Уредба со законска сила за роковите во судските постапки за периодот на вонредната состојба. Со оваа Уредба, се запреа роковите за поднесување тужби во парнична постапка, кривични постапки и управни спорови, како и роковите за поднесување редовни и вонредни правни лекови за време на вонредната состојба – потенцираше Маричиќ.

Воедно, министерот образложи дека за заштита на судиите и странките во постапката, Судскиот совет постапил навремено со донесувањето на Одлуката за работата на судовите во услови на пандемија. Со оваа одлука беа утврдени кои случаи ќе се сметаат за итни и приоритетни за постапување, како и начинот на заштита при влегување во судот, дезинфекција на судот и сл. Случаите што не биле итни се воделе единствено доколку немало ризик по здравјето на кој било од учесниците во постапката.

– За прв пат во Северна Македонија онлајн судењето беше спроведено од страна на судот во Кавадарци. Ова го сметаме за позитивен исход и пример што дополнително ќе поттикне употреба на дигитални алатки како современ начин на комуникација помеѓу судовите и странките – потенцираше Маричиќ, кој наведе и други позитивни примери со кои се покажало дека системот е применлив за сите видови кривични постапки со целосна гаранција од секаков вид на злоупотреба.

Со цел да се надминат идентификуваните слабости, Маричиќ истакна дека ќе биде многу важно во претстојниот период да се зајакне правната рамка во врска со електронското водење на судските постапки.

– Ние исто така ја разгледуваме потребата за понатамошни подобрувања нa релевантните процесни закони, со цел да се овозможи ефикасно продолжување на судските постапка за време на пандемијата – истакна Маричиќ.

За соодветно и непречено функционирање на правосудството за време на пандемија или слични ситуации, Маричиќ истакна дека е потребна целосна дигитализација на случаите и интероперабилност помеѓу судовите, со што значително ќе се зголеми ефикасноста на судовите и ќе ги забрза судските постапки од една страна, а ќе ја намали потребата за физичко присуство од друга страна.