Кандидатот за претседател на Република Северна Македонија, кој ќе го поддржи СДСМ и коалиционите партнери ќе биде познат на јавноста неколку дена пред конгресот на СДСМ, што е закажан на 3 март, најави денеска од Штип, министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски.

-Во фаза на сме на консултации со другите коалициски партнери, но и надвор од коалицијата. Постои добра шанса да имаме заеднички кандидат, со повеќе политички партии и кандидат кој ќе биде пред се прифатен и прифатлив за поголем дел од граѓаните. Тоа е она што се обидуваме да го направиме сега и мислам дека сме на доста добар пат, ќе треба уште неколку дена за да се види, кој точно од повеќето кандидати ќе го поддржиме за Претседател, вели Манчевски.

Прашан за реформите во јавната администрација, за што јавноста има впечаток дека во неа се повеќе се полни со нови вработувања, отколку да се прават распределби и реформи, Манчевски со став дека резултатите од реформите ќе престојат токму во 2019 година, а 2018 –та била година, во која ги изготвувале стратегиите за реформите. Најави дека за еден месец треба да излезе и извештајот за состојбите во јавниот сектор, каде што детално ќе ги има бројките, колку има вработено во овој сектор.

-Ќе го воведеме новиот систем на високо раководна служба и нов начин на избор на овие раководни лица, каде што ќе има комисија, која ќе биде независна. Составена не само со луѓе од институциите, туку и надвор од нив. Тие ќе го вршат бодирањето на кандидатите, ќе ги гледаат нивните квалификации. Тие ќе ги даваат предлог кандидатите на Владата од многу кратка листа од квалификувани кандидати да избере, рече Манчевски.

Тој забележа дека ова ќе биде еден од чекорите во реформата на администрацијата, а до крајот на 2019 година во овој сектор ќе има како што вели поинаква ситуација, во која видливи ќе бидат и чекорите во делот на дигитализација во јавниот сектор.