Академијата реагирала до Владата дека спогодбата од Мала Преспа не е правосилна без потпис на указот од страна на претседателот на државата и нејзино објавување во „Службен весник“, но не знае дали Владата ги зела предвид нивните укажувања

Македонската академија на науките и уметностите, која е и директно засегната во однос на нејзиното именување со спроведувањето на спогодбата од Мала Преспа, збунето и со променливи ставови реагира за спроведувањето на уставните измени (односно четирите уставни амандмани) што веќе го минаа филтерот на собраниската комисија за уставни прашања.
Имено, претседателот на МАНУ, Таки Фити, на крајот од минатата седмица „откри“ дека Академијата реагирала до Владата дека спогодбата од Мала Преспа не е правосилна без потпис на указот од страна на претседателот на државата и нејзино објавување во „Службен весник“. Претседателот на МАНУ, навистина, не прецизира кога и на каков начин била упатена реакцијата за незаконското спроведување на процедурата за имплементација на спогодбата, а не знае ни дали Владата ги зела предвид нивните укажувања.

– Треба да ги прашате правниците и луѓето во Собранието. Законите се јасни. Ние во Академијата го споменавме тоа кога разговаравме со луѓето од Владата, дека тоа треба да се направи и тоа е законска обврска. Но дали е направено и ако не е направено, зошто не е, не ми е јасно – изјави во медиумите Таки Фити.

Во поглед на законската процедура за спроведување на уставните измени произлезени од потребата за имплементација на Преспанскиот договор, и академикот Владо Камбовски смета дека таа формалноправно е нарушена, но дека уставните амандмани можеле да се иницираат независно дали основа за тоа бил меѓународен документ.

– Потребата за да извршиме такви уставни измени е еднакво идентична со потребата да се склучат такви договори со нашите соседи. Оттука, јас би ги раздвоил тие две прашања. Тоа што формално е ставено како услов во самиот договор за ратификација на договорот и изведба докрај не мора да се толкува во една или друга смисла на легитимноста на иницијативата – исто така двосмислено се изјаснува академикот Камбовски.

Ваквите изјави уште повеќе го засилуваат впечатокот за амбивалентноста на ставовите во МАНУ, во поглед на процесот на измена на уставното име на државата, што, според одредбите од договорот со Грција, го загрозува и македонскиот национален идентитет. Во текот на преговорите меѓу македонскиот и грчкиот преговарачки тим, кои резултираа со потпишување на спогодбата во Нивици, од МАНУ се изјаснуваа дека македонската страна не смее да прифати ерга омнес употреба на новодоговореното име на државата, ниту пак уставни измени. Но пред спроведувањето на референдумот за прифаќање на договорот со Грција, по научен симпозиум, првите луѓе на МАНУ изјавија дека еволуирале во своите ставови.

– МАНУ има свои ставови за прашањето за името уште од 1992 година до денес, т.е. до моментот кога преговорите навлегоа во критична фаза. И тие ставови еволуираа со текот на времето. На почетокот велевме името да биде Република Македонија-Скопје… Но условите се менуваа, а ние и понатаму ги разработувавме, ги аргументиравме во дванаесетина различни обраќања, од кои некои се објавени како цели студии. Но дека еволуираа нашите погледи и сфаќања, тоа е точно. Во што е недоразбирањето? Ние на крајот направивме платформа, со која сакавме да им помогнеме на нашата влада и нашиот преговарачки тим, особено во релативизирање на некои барања што ги наметнуваше грчката страна. Тоа беше во случајот со барањето за ерга омнес и менување на Уставот. Ние дававме аргументи зошто тоа не треба да се прифати. На пример, мислевме дека барањето за уставна ревизија може да се реши со меѓународен договор, што би било полесно и за целосно прифаќање на договорот… Но, исто така кажав, ние немавме никакви илузии дека сите овие наши барања и аргументи ќе бидат прифатени. Тоа се договори, тоа е однос на сили, аргументи… Но се направи компромис, со кој ние можеме да бидеме задоволни или незадоволни… Но секогаш при компромис, двете страни се незадоволни со дел од решенијата. Сепак, важни се тие две придобивки од спогодбата: идентитетските прашања и нашите перспективи на економски план и развој. Да се одлепиме од оваа стагнација и изолација, бидејќи многу е мала Македонија за да може сама да егзистира – го образложи еволутивниот пат на ставовите на МАНУ претседателот Таки Фити, на две седмици пред одржувањето на референдумот.

Во меѓувреме во Македонија се случуваат бурни политички процеси и промени, за да се спроведат уставните измени, а МАНУ реагира единствено како „нем набљудувач“. Единствениот план што го има е откако ќе биде подготвен текстот на уставните амандмани да свика конференција во Академијата, во која ќе бидат вклучени професори и експерти по уставно право и да се разговара за сите правни аспекти што ги опфаќаат промените на Уставот.

– Со својот однос кон сите политички процеси што се случуваат во Македонија поврзани со уставните измени, за промена на уставното име на државата, МАНУ уште еднаш докажува дека не е научна, туку политичка институција. Највисоката научна институција настапува секогаш прагматично, секогаш во функција на актуелната власт. По ниту едно суштествено прашање за државата, МАНУ немал сопствен автентичен став, различен од оној на моментална политичка власт, од која било провениенција. Очигледно е дека самото членство во МАНУ, на академиците им нуди голем број привилегии и доходни проекти, што го предизвикува тој прагматичен однос кон власта. Затоа, потребно е итно рекомпонирање на целата структура и функционирање на МАНУ – вели професорот Јове Кекеновски.