Во македонската јавност сѐ уште се свежи сеќавањата за случајот кога десетина Македонци од Пустец, Албанија, гласаа на избори во Македонија, а беа евидентирани на една иста адреса во стан во Општина Центар. Тогаш со право реагираа јавноста и институциите, а не помалку жестока беше реакцијата и на меѓународната заедница. А пропо тој случај, токму сега, во пресрет на изборите во Бугарија, во софиската област Средец се евидентирани дури 45.752 имиња на една иста адреса. Но сега нема никаква реакција од ЕУ, ниту пак се отвори некаква истрага внатре во Бугарија. Повторно различен критериум на ЕУ? Но кои се овие луѓе, дали се фантоми, некаква политичка фикција или реалност, како добиле важечки документи дека престојуваат на иста адреса, во каква игра и во чија функција ќе бидат тие втурнати?! Меѓународната заедница засега е без реакција и одговори…

Областа Средец близу Софија стана светски рекордер по бројот на гласачи што живеат на иста адреса

Бугарската држава очигледно не прекинува со своите државни политики на асимилација на небугарско население и со фингирано зголемување и фабрикување на бројката на доделени бугарски државјанства. Во пресрет на изборите во Бугарија, на ваквиот феномен предупредуваат и независни медиуми во Бугарија, кои посочуваат дека официјална Софија вештачки креира бугарски пасоши наменети за македонски граѓани, сместувајќи ги сите на една единствена адреса на улица во Софија.
Бугарската новинска агенција БГНЕС неодамна информира дека 45.752 имиња се регистрирани во изборниот список како гласачи во софиската област Средец во Бугарија и на сите како престојувалиште во документите им е заведена една иста адреса, ул. „Леге“ број 6 во главниот град. Се поставува прашањето како е можно толкав број луѓе (45.752 лица) да живеат на една иста адреса, дали се тоа фантомски избирачи и зошто меѓународната заедница и ЕУ молчат за ова.

Зградата на окружната администрација е адреса на привремено населените во Бугарија?!

Според БГНЕС, „огромниот број од тие луѓе на списокот се со имиња и презимиња што имаат македонски завршеток, кои го добиле бугарското државјанство врз основа на наводно бугарско потекло“.
Градоначалникот на областа Средец, Трајчо Трајков, објаснува дека тоа е така бидејќи, според законот, оние граѓани што стекнале бугарско државјанство и живеат во странство, мораат да добијат постојана адреса, како што вели „кај него во зградата на окружната администрација“.
Градоначалникот Трајков уште додава дека често ги гледа тие луѓе како користат административни услуги во областа, но дека нивните гласачки ливчиња „веројатно ќе останат недопрени, како што се случувало и досега во минатите изборни циклуси“.
Во новинарското истражување се потсетува дека според законската процедура, за добивање бугарско државјанство и пасош, барателот мора да пријави адреса во Бугарија.
Според податоците на бугарското министерство за правда, во период од 2010 до 2020 година евидентирале околу 66.000 случаи во кои Македонци добиле бугарско државјанство.

Проблемот е очигледен, има докази за злоупотреба, но некој надлежен ќе мора да го отвори

Политичкиот бугарски аналитичар Росен Крестов, во изјава за „Нова Македонија“, вели дека сознанијата од овој профил за издавањето на државјанствата на Бугарите од соседните земји, не само на оние од Македонија туку и на оние од Романија што се многу слични се навистина загрижувачки за тамошната јавност. Тој, не навлегувајќи во меѓусебните релации со Македонија, смета дека доколку има нарушување на законитоста во овие процеси, ЕУ ќе го принуди државниот врв на Бугарија да ги реши настаните во согласност со законите.
Од македонска перспектива на случувањата, пак, Иван Стефановски, извршниот директор на „Евротинк“, вели дека, за жал, Европската Унија нема никаква правна можност ниту пак има свои механизми со кои може да влијае институционално во спречување на актуелните настани во Бугарија, поврзани со сомнителниот начин на издавање пасоши за македонските граѓани.
– Единствен механизам што може да го користи Унијата на некои прекршоци на државите-членки е да го употреби членот 7 од договорот за ЕУ, со кој практично се суспендира правото за гласање на државата во европските институции – вели Стефановски.

Според него, иако нема голема палета институционални можности, ЕУ сепак може индиректно да влијае врз Софија на начин на кој може да се изложи земјата, ако се има консензус, на одреден политички и дипломатски притисок.
Тој објаснува дека секој државјанин на земја-членка е практично државјанин и на целата ЕУ, па доколку овие случувања во Бугарија го кренат алармот во ЕУ, Брисел може во иднина да ја принуди земјата да ги коригира овие однесувања на тамошната влада.
– Политичкиот притисок иако, не е ефективен колку институционалното или правно дејствување на ЕУ, сепак се практикува. Тоа е очигледно во примерите со Унгарија и со Полска каде што преку овие форми, Унијата ги дисциплинира членките и ги принудува да ги променат нивните политики за одредени проблематични прашања – вели Стефаноски.
Аналитичарот појаснува дека, за разлика од државите-членки во ЕУ, Македонија како земја што сака да стане дел од семејството е во неповолна позиција по многу прашања.
– Имено, и Македонија имаше сличен случај, но во помали димензии и тој беше поврзан со гласачите од Пустец од нашето малцинство во соседна Албанија. За разлика од актуелниот бугарски случај, Македонија тогаш како држава беше силно притисната од меѓународната заедница и беше принудена да реагира навреме поради одредените забелешки на оваа тема што пристигнуваа од дипломатите од ЕУ. Тоа беше така бидејќи бевме, но и сѐ уште сме во позиција да мораме да ги почитуваме највисоките стандарди на владеењето на правото во сите процеси сѐ додека не станеме членка на Унијата – вели Стефаноски.

Тој потсетува дека македонскиот случај имаше своја судска завршница, со која се отфрли сомнежот за некакво влијание на изборните резултати во земјата.
Она што е интересно, пак, за бугарскиот настан, вели Стефановски, е да се истражи врската дали овие илјадници македонски граѓани стационирани на една адреса ќе извршат некакви промени во изборните резултати во Бугарија, и во парламентарните и во локалните.
– Доколку се случи тоа, тогаш со сигурност би можело да се очекува некаква реакција на ЕУ кон овие настани – вели тој.

Македонија не треба да се надева дека некој од меѓународната
заедница ќе реагира

Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Никола Тодорчевски, во изјава за овие настани истакнува дека по серијата непријатни случувања со Бугарија, Македонија не треба да се надева дека некој од меѓународната заедница ќе реагира за настаните со бугаризацијата на населението.
Тодорчевски вели дека не може да се очекува од ЕУ да ги погледне актуелните настани со емпатија и низ наши очи.
– Македонците имаат перцепција дека меѓународната заедница е некој собир на добронамерници, кои врз одредени проблеми дејствуваат објективно и праведно. Последните настани во меѓународните односи на нашата земја го говорат токму спротивното. Ние како што се доближуваме до ЕУ треба да градиме поблиски сојузништва, но и да разбереме како функционира Унијата. На овој начин, без да очекуваме објективен пристап од ЕУ, можеме самите себеси да си помогнеме да излеземе од овие проблеми, кои очигледно со Бугарија добиваат динамика – вели дипломатот.
Тој резимира дека не сака да падне во искушение да каже дека никој во ЕУ не се грижи за Македонија, но треба да се знае дека агендата на Европа ја движат многу побитни процеси од оние на нашата земја.

[email protected]