Фото: Игор Бансколиев

Разликата меѓу мнозинството и малцинството во која било држава е во правото на отцепување. Тоа особено важи во унитарните држави, каде што не е дозволена промена на границите со сецесија на малцинствата. За разлика од унитарните држави, во сложените држави, како што се федерациите, било тоа да е спомнато во нивните устави или не, правото на отцепување на народите во голема мера е легално

Меѓународното право е децидно за правата на малцинските ентитети во однос на отцепувањето

Барањето решение за деновиве вжештениот српско-косовски спор, потоа потенцијалот тој да се прелее во регионот, како и можноста да се генерираат безбедносни жаришта од таква идентична природа (на пример во БиХ или во Македонија), ги активира поврзаните прашања за почитување на правата на малцинствата во контекст на меѓународното право, вклучувајќи го и правото на малцинствата за отцепување.

Народите можат, ама малцинствата не можат да се отцепуваат од државите

Според важечките норми, меѓународното право не дозволува отцепување на националните малцинства од одредена држава. Тоа е затоа што, според Декларацијата за правата на лицата што припаѓаат на национални или етнички, верски или јазични малцинства, загарантирано им е правото на заштита на нивниот идентитет и негување на сопствената култура, вероисповед и користење на сопствениот јазик, приватно и јавно, без вовлекување каков било облик на дискриминација.
– Разликата меѓу мнозинството и малцинството во која било држава е во правото на отцепување. Тоа особено важи во унитарните држави, каде што не е дозволена промена на границите на легален начин. За разлика од тоа, во федерациите, било тоа да е споменато во нивните устави или не, правото на отцепување во голема мера е легално. Да се потсетиме дека пред распадот на Југославија се водеа сериозни научни, но повеќе политички дебати, дали е легално правото на отцепување. Додека во Србија сметаа дека такво право не постои, во Хрватска и во Словенија сметаа дека постои. Се покажа дека Хрватска и Словенија беа во право – ги појаснува поранешниот амбасадор Ристо Никовски одредбите од меѓународното право во врска со правата на малцинствата во контекст на можноста за отцепување.
Тој открива дека за ова прашање од меѓународното право е клучна Хелсиншката конференција од 1975 година, кога било договорено и заклучено дека нема и не е дозволена насилна промена на границите.
Универзитетскиот професор за прашања и теми поврзани со меѓународното право, Љубомир Фрчковски ја потврдува дефинираната состојба во меѓународното право дека малцинствата немаат право на сецесија, т.е. отцепување од државите во кои припаѓаат.
– Според меѓународното право, малцинствата немаат право на сецесија, отцепување од државите во кои се наоѓаат. Право на отцепување имаат само народите во рамките на правото на самоопределување. Но сите други права за организирање и здружување на малцинствата во рамките на внатрешното уредување на државите се отворени. Дали тоа ќе биде автономија во рамките на државата, специјален статус, посебен територијален ентитет… зависи од традицијата во државите на манифестирање и организирање на одредена малцинска заедница – вели Фрчковски.

Дали Албанците во Македонија сакаат да се прогласат за државотворен народ заради пресметана цел?

За применливоста на одредбите од меѓународното право во Македонија, во однос на малцинствата за отцепување, амбасадорот Никовски смета дека со Охридскиот договор и неговото стипулирање во Уставот, правното уредување на нашата државата станало некомпатибилно со меѓународното право.
– Во Македонија, по Охридскиот рамковен договор и со промена на Уставот, веќе нема малцинства, туку сите станаа заедници, вклучувајќи го и македонскиот народ. Тоа, секако, е погубно решение, со кое Албанците во Македонија се прогласија за уставотворен народ. А со Законот за употреба на јазиците, кој всушност се однесува на албанскиот јазик, Македонија, неформално, е барем јазична федерација. Последиците веќе се случуваат. Во принцип, тоа се внатрешни решенија во политичкото уредување на Македонија, кои го прават некомпатибилно со меѓународното право. На одреден начин, со внатрешните договори (како и со соседските) сами си ја пресековме гранката да се повикуваме на меѓународното право, како што се покажува и сега со блокадата за ЕУ од страна на Бугарија, а претходно со Грција – вели Ристо Никовски.
Професорот Љубомир Фрчковски вели дека во Македонија како унитарна држава со граѓански (не национален) концепт, сите граѓани, од секаква етничка припадност имаат еднакви права.
– Затоа е важен Охридскиот договор, во смисла дека го гарантира одржувањето на Македонија како унитарна држава, во која сите граѓани, од секаква етничка припадност, имаат еднакви права. Некогаш доаѓа време кога не треба да се поставуваат такви прашања – вели професорот Љубомир Фрчковски.

Македонски народ има и во Бугарија и во Грција, но тие не го признаваат тоа

Во најмала рака чуден, но вистинит е фактот што Грција и Бугарија ги немаат ни потпишано (или ратификувано) Рамковната конвенција за почитување на националните малцинства и Повелбата за регионални и малцински јазици! Тие и како членки на ЕУ, на секаков начин, со години се обидуваат да го избегнат извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), па поради тоа на Бугарија ѝ се заканува опасноста да биде исклучена од Советот на Европа. И така, официјалните политики, а и документи во Грција и во Бугарија тврдат дека кај нив нема малцинства?! Во овие земји-членки на ЕУ е забранета регистрацијата на политички партии или културни здруженија на Македонците, кои немаат ни можност за образование на мајчин јазик. Иако според регулативите на ЕУ и во меѓународното право малцинските права се темелни демократски вредности, тие не се испорачани и не се почитуваат за македонското малцинство во Грција и во Бугарија како членки на Унијата. Така, претставниците на македонското малцинство во соседните земји своето право да се здружуваат и етнички да се идентификуваат како Македонци го бараат најчесто преку Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
Сепак, за волја на вистината, потребно е да се спомене уште еден момент (во мозаикот на контрадикторностите на ЕУ). А тоа е дека Македонија беше притисната од меѓународната заедница со потпишување на Преспанскиот договор со Грција и на Договорот за добрососедство со Бугарија, преку одредбата за немешање во внатрешното уредување на соседите, во кое влегува и уредувањето на односите на државата со малцинствата, Македонија практично да се откаже од деловите на македонскиот народ надвор од своите граници… Толку за принципиелноста на ЕУ.

Малцинствата во Македонија ги уживаат сите права

За разлика од статусот на македонското малцинство во соседните земји-членки на ЕУ, малцинствата во Македонија имаат највисок статус предвиден во меѓународните регулативи и ги уживаат сите права на граѓани на демократска држава. Во одредени сегменти дури се надминати и стандардите на Советот на Европа за правата на малцинствата. Со Охридскиот договор (и некои други политички договори што следуваа низ годините на независноста на Македонија) се практикува принципот на правична пропорционална застапеност на етничките заедници во власта, администрацијата и јавниот сектор, воопшто. Таквата практика дури доведе до една особено апсурдна ситуација во земјата, десетина години неколку илјади граѓани од малцинските заедници да бидат вработени во јавниот сектор, да примаат плата, а да не одат на работа. Таквиот феномен го има името – рамковни вработувања. За Законот за употреба на јазиците, кој е во колизија со Уставот, Венецијанската комисија оцени дека во одредени делови е нефункционален за спроведување (поради прешироките дадени права), но сепак е во сила и е своевиден израз на (пре)широката рамка за правата на малцинствата, поширока и од европските и светските стандарди.