Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пописот ги држи во заложништво институциите, а сега ги крои и постизборните комбинаторики

Неможноста да се спроведе попис веќе 20 години отворено ја наметнува дилемата за вистинските бројки и клучните показатели за статистиките во државава. Но статистичките операции не се само дисциплина што собира податоци, анализира, синтетизира и прикажува заклучоци од собраните податоци. Пописот се реферира на економски, стопански, финансиски, политички план. Примерот со бројот и процентот на популацијата на албанското малцинство недвосмислено покажува како се става во заложништво одржлив развој на мултинационално општество. Феноменот оди дотаму што се поставува и прашањето дали малцинството врши „мајоризација“ врз мнозинството за остварување на сопствените цели, притоа постојано заканувајќи се со загрозување на унитарноста на државата, со конфликти и блокади на институциите?!

Партиите на Албанците во земјава станаа главен фактор што ја крои политичката судбина и иднина на Македонија по секои избори, иако со години го опструираат спроведувањето на пописот, оневозможувајќи вистинска слика за нивната реална присутност во државата.

Неможноста да се спроведе попис веќе 20 години отворено ја наметнува дилемата за вистинскиот процент на Албанци во земјава, односно дали малцинството врши мајоризација врз мнозинството за остварување на сопствените цели, притоа постојано заканувајќи се со загрозување на унитарноста на државата, со конфликти и блокади на институциите, а истовремено негирајќи ги државните симболи во континуитет низ годините.

Токму рамковниот договор беше документот што требаше да им стави крај на етничките барања на Албанците, но се чини дека тој по секој изборен циклус добива нова рамка на која не ѝ се гледа крајот.
На последната изборна кампања Демократската унија за интеграција излезе со ветување пред своите гласачи за Албанец премиер, што го посочи како услов за идна владина коалиција со некоја од македонските партии.

Она што особено загрижува се барањата што не соодветствуваат со реалниот однос на силите на терен, а политички скроената територијална поделба пред повеќе од петнаесетина години, повторно под уцена, придонесе за нереално зголемување на бројот на мандати од албанските партии на штета на македонското гласачко тело, а од друга страна им овозможи несоодветно полнење на државните институции по етнички клуч.

И сега, кога под превезот на тајноста, се одвиваат состаноците меѓу партиските претставници за идните коалиции за состав на новата влада, не се исклучуваат голем број привилегии и отстапки што ќе се направат кон македонските Албанци само да овозможат да се формира влада, отстапки што никој јавно не ги споменува, но кои подоцна излегуваат на површина и ја брануваат јавноста.

– Пописите кај нас се етнички инженеринг и со тоа мора да се раскрсти. Ако се реши Зоран Заев да прави коалиција со ДУИ, тогаш со Али Ахмети треба да се разберат за пописот, односно што е попис? Попис на луѓето што живеат овде, или попис на луѓето што некогаш живееле овде и ги нема, па доаѓаат, па повторно одат… Не можете без попис да планирате развој во ниту една област. Значи за тоа треба да го почнат договарањето, а не да се договараат дали Насер Зибери ќе биде едногодишниот премиер или некој друг – вели Владимир Милчин, режисер и граѓански активист.

Според него, важно е сите партии во Собранието или оние што ќе партиципираат во Владата да се договорат за изведувањето попис според европските стандарди.
– Тоа е темелот. Ние не знаеме колку жители имаме и не е тоа само важно заради етничките бројки, туку за сè. Ние го немаме тоа, значи ние градиме вавилонски кули, кои не можат ниту да стигнат до врвот, се распаѓаат. Значи, и реформите зависат од пописот… Мора да се почне од темелот, а не од покривот. Ние секогаш почнуваме од покривот – додава Милчин.

Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка смета дека токму темата попис мора да биде дел од преговорите за формирање влада меѓу партиите, за конечно да се утврди колкав процент Албанци има во земјава.
– Попис мора да се направи идната година, оти сите држави ваквата статистичка операција ја прават на почетокот на декадата, така што овој пат и кај нас мора да се направи. Претпоставувам дека партиите разговарале за тоа и пописот мора да биде една од точките во нивните преговори – вели Кржаловски.

Тој додава дека може да се најдат решенија за несогласувањата поради кои досега не се одржуваше пописот.
– Треба да се договорат дали ќе ги броиме тие што се државјани а не се тука, нешто што не им оди во прилог на Албанците, иако во сите земји се бројат само оние што во моментот на пописот се во државата. Друго решение е отсутните да се стават на посебен список – појаснува Кржаловски.

Според него, втора работа што би можела да биде проблем за Албанците е изјаснувањето за етничката припадност.
– Лично сметам дека изјаснувањето за етничката припадност е важно, бидејќи тие етнички квоти се важни при функционирањето и пополнувањето на институциите. Можно решение е дури и да бидат под 20 отсто, законите што веќе се донесени да продолжат да важат исто како да се над 20 отсто – вели Кржаловски.

За Марко Трошановски од Институтот за демократија клучно е да се направи попис доколку земјата сака да оди напред.
– Клучно е дека мора да се направи попис за да се креираат развојни политики на земјава, а не за да се задоволуваат одредени етноцентристички апетити – смета Трошановски.

Од Државниот завод за статистика најавуваат спроведување на пописот идната година.
– Спроведувањето на пописот на населението, домаќинствата и становите се планира за 2021 година. Во ДЗС подготовките за пописот се одвиваат континуирано, а за реализација на пописот е потребно најитно да се усвои законот за попис. Состојбата со ковид-19 за наредната година не може да се предвиди, но, секако, пописните активности ќе се реализираат во согласност со сите мерки на заштита и почитување на протоколите (ако има потреба за тоа). ДЗС и во актуелните состојби со ковид, тековно ги спроведува сите теренски активности со обезбедени заштитни средства за анкетарите што ги спроведуваат анкетите – изјави Апостол Симовски, директор на ДЗС.

Како и да е, без соодветна статистичка операција засега ќе остане енигма колку население има во земјава, а уште поголема непознаница колку од присутното население во земјава се Албанци. Додека не се утврди тоа врз реална основа, државата ќе остане заложник на непринципиелните барања, кои имаат за цел задоволување етнички наместо граѓански потреби.