Токму сега е сезоната на крлежи, комарци и други ситни инсекти и мора да внимаваме и да се заштитиме ако шетаме на планина, во шума, па дури и во парк. Во урбаните средини, пак, поради зголемените надворешни температури, во станбените згради и во некои индивидуални домови се појавија глодачи и бубашваби. Регионалниот аларм го вклучи Хрватска, каде што се потврдени 40 случаи на глувчешка треска, која може исто така да биде опасна за човекот

НЕ Е САМО ПАНДЕМИЈАТА РИЗИК ПО ЗДРАВЈЕТО НА ЛУЃЕТО

Во период кога поради подобрите временските услови сите едвај чекаат да излезат од затворениот простор поради мерките против пандемијата на коронавирусот и да побегнат некаде во природа, треба да знаат дека и таму ги демнат непредвидливи опасности. Токму сега е сезоната на крлежи, комарци и други ситни инсекти и затоа мора да внимаваме и да се заштитиме ако шетаме на планина, во шума, па дури и во парк. Во урбаните средини, пак, поради зголемените надворешни температури, во станбените згради и во некои индивидуални домови се појавија глодачи и бубашваби. Глувците не се пожелни гости во ничиј дом, особено не сега, во ова време на пандемија на коронавирусот, кога сите стравуваат за здравјето. Глувчешката треска што ја пренесуваат глодачите може исто така да биде опасна за човекот. Оваа болест веќе се појавила пролетва во некои делови на Хрватска, а во Горски Котар од тамошниот завод за јавно здравје потврдени се 40 случаи, од кои помал дел биле хоспитализирани, додека поголемиот се лекувале амбулантски. Глувчешката треска може да предизвика покачена телесна температура, студ и треска, главоболка, болки во слабините, во пределот на бубрезите. Барајќи храна, глувците доаѓаат во близина на луѓето, па оттаму е важно да се внимава додека се престојува во природа на отворено, бидејќи вирусот освен со вдишување може да се пренесе и преку нечисти раце, па затоа е потребно да се мијат рацете и да не се допираат устата и очите. Треба да се избегнува и лежење на земја. Граѓаните, пак, додека ги чистат подрумите, задолжително да носат маски и ракавици. Од службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција советуваат станарите во колективните објекти на домување, како и во индивидуалните да не чекаат само на дератизацијата што ја реализираат општините, туку и самите да ги дератизираат, дезинсекцираат и дезинфицираат зградите и домовите.

Глувците и стаорците секогаш се во близина на луѓето и домашните животни и можноста за пренесувањето на патогените е секогаш голема. Патогените ги пренесуваат преку загадување на храната, водата, преку урина, плунка, измет, контакт, алиментарен пат, воздух, преку инсекти што се хранат со крв (крлежи, комарци, болви, вошки итн.), преку каснување. Затоа мора редовно да се прави дератизација на канализациските мрежи, септичките јами, а тоа треба да го прават и заедниците на станари, училиштата, градинките, индивидуалните домови, сите мора да имаат добри хигиено-технички услови. Мора да се преземаат мерки, како хемиска контрола (пролетна и есенска дератизација) или да се постават механички фаталки, стапици. Глодачите пренесуваат и заразни болести како беснило, Q-треска, лајмска треска, чума, американска спиечка болест, салмонелоза, бруцелоза, амебијаза, токсоплазмоза, туберкулоза, туларемија, ендемски пегав тифус – објаснува Николина Соколовска, шефица на ДДД-служба со Ентомолошка лабораторија од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје, Епидемиологија со служба за ДДД.
Од оваа служба напоменуваат дека кога се оди во природа, мора да се преземат превентивни мерки, бидејќи сега е сезона на крлежи, а веќе ги има и комарците.
Кога се оди во природа или на места каде што се очекува присуство на крлежи, треба да носите облека што го покрива телото, со долги ракави и ногавици, облеката да е со светла боја, капа на главата и, секако, треба да се употребат репеленти по телото и облеката. Кога ќе се вратите од прошетката, добро протресете ја или исперете ја облеката што сте ја носеле, направете детален преглед на телото, обрнете внимание на косматиот дел од главата, зад ушите, под пазувите, ципите, папокот, зад колената.

Ако забележите дека се закачил крлеж, треба веднаш да се отстрани. Вадењето треба да биде со пинцета или конец, пинцетата треба да биде поставена најдолу до усниот апарат, а не со масло, ацетон, крем, солен раствор. Треба да се внимава да не остане дел од усниот апарат во телото, во тој случај мора да се посети лекар и хируршки да се отстрани. Се препорачува извадениот крлеж да се однесе на анализа (дали е заразен или не и за кој вид се работи). Ако се појави црвенило, исип, температура, веднаш треба да се посети лекар. Крлежите се преносители на патогени што предизвикуваат енцефалитис, лајмска болест и други болести – нагласува Соколовска и додава дека луѓето што чуваат миленичиња мора и нив редовно да ги контролираат и заштитуваат.
Крлежите интензивно се појавуваат по дожд и на места каде што има висока, неодржувана трева.
Во овој период веќе се појавуваат и комарците и за заштита од нив во природа како превентива се препорачува облека со долги ракави и ногавици, светла боја, употреба на репеленти, мрежи на прозорците. Комарците сакаат вода и затоа во дворните површини не треба да има садови што би задржувале вода, како што се олуците, а полевањето во дворот треба да е умерено. Од ДДД-службата велат дека токму затоа е потребно локалната заедница да ги одржува каналите за одводнување и јавните површини и редовно да спроведува дезинсекција.