Францускиот претседател, Емануел Макрон, во првото обраќање во јавноста откако стави вето за пристапните преговори за Македонија и Албанија со ЕУ, порача дека полноправното членство на ЕУ не треба повеќе да биде единствената политика кон земјите во соседството на Унијата.

Со ова, фрaнцускиот претседател за првпат јавно ги доведе во прашање европската иднина и перспектива на земјите од Западен Балкан, зацртани во Солун во 2003. година.

– Разговаравме за нашите визии за Европа, а јас не сметам дека проширувањето е единствената политика кон соседството – рече Макрон додавајќи дека ЕУ не функционира каква што е сега.

Тој исто така призна дека бил против зелено светло за Македонија, а црвено за Албанија, со обрaзложение дека тоа би предизвикало насилство не само кај албанското малцинство во Македонија туку во сите земји каде има албанско малцинство.