Фото: Игор Бансколиев

Глобалното затоплување, климатските промени и сѐ понагласениот недостиг од храна ги сменија фокусот и интересот на светската јавност, при што битката за храна сега станува врвен стратегиски приоритет.
Неодамна властите на соседна Србија одлучија во Норвешка да испорачаат 96 автохтони семиња на земјоделски производи што виреат во Србија, со цел да ги зачуваат од уништување и изумирање. Македонија како традиционално и типично земјоделска земја е извонредно богата со уникатни сорти на земјоделски видови и растенија, кои се отпорни на климатските промени и можат да обезбедат храна за државата. Нашите земјоделски семиња се непроценливо генетско богатство на Македонија. Но што се прави тие да се зачуваат од исчезнување, зашто македонското семе не смее да загине

СПАСУВАЊЕТО НА АВТОХТОНИТЕ ВИДОВИ И КУЛТУРИ СТАНУВА ВРВЕН СВЕТСКИ ПРИОРИТЕТ

Светот интензивно се подготвува како да ги надмине последиците од глобалното затоплување, но и негативните случувања поврзани со големата криза со недостиг од храна, која ја зафати планетата како последица и од пандемијата на ковид-19. Во тој правец на норвешкиот остров Свалбард, на најсеверното населено подрачје од Европа, постои глобална банка на семиња за спас на човештвото во случај на катастрофа.
Трезорот на семиња е во близината на градот Лонгирбаен и во него се складираат семиња на прехранбени растенија од целиот свет, кои би можеле да се користат во случај на несакани настани како нуклеарни катастрофи и епидемии, кои би довеле до изумирање на флората и фауната.
Трезорот изграден за зачувување на семињата содржи милион видови растенија меѓу кои се и семињата од приватната ботаничка градина на британскиот принц Чарлс, а од неодамна и оние што виреат во непосредното наше соседство. Деновиве белградската телевизија РТС соопшти дека властите на соседна Србија одлучиле во Норвешка да испорачаат 96 автохтони семиња на земјоделски производи што виреат во Србија, со цел да ги зачуваат од уништување и изумирање.
Во контекст на актуелните случувања, интересно е да се види и што прави Македонија како типично земјоделска земја со разновидни зеленчукови и овошни производи. „Нова Македонија“ побара размислувања од видни универзитетски професори и експерти дали државата ги следи актуелните светски трендови, дали ги зачувуваме локалните видови семиња на најзначајните стратегиски култури и кои се видовите и растенијата што и ние би требало да ги испратиме во норвешкиот трезор за семиња или во други светски банки од овој тип. И конечно, дали имаме услови и за формирање своја банка или трезор за семиња.
Познавачите на оваа проблематика со кои се консултиравме велат дека Македонија не поседува централна ген-банката на семиња, но има свои три регионални сефови во Скопје, Струмица и во Прилеп за собирања автохтони семиња на зеленчуци и овошје. Тие советуваат дека и Македонија треба да се вклучи во норвешката иницијатива за глобален трезор на семиња, а таму треба да се испратат семињата од специфичните сорти на земјоделски и овошни култури како на станушина, скопски јабучар, тетовски грав, драчевски кромид, струмичката пиперка – куртовската капија, охридска цреша…

Нашите сорти се веќе отпорни на климатските промени

Професорот Ордан Чукалиев од Земјоделскиот факултет во Скопје вели дека кога се говори на темата поврзана со генетските ресурси на автохтоните култури на земјоделските производи кај нас, мора да се сфати дека говориме за материја што е огромно богатство и за земјата и за светот.
– Она што е специфично за нашите локални сорти на култури на зеленчуците и овошјата е што тие се растени во делови на нашата земја што имаат полупустински карактер, односно некогаш во делот на годината има многу високи температури, ниска стапка на врнежи, а со тоа и мала влажност во почвата. Оттука може да се каже и дека нашите македонски култури се уникатни и тие пред своето време веќе се приспособливи на временските непогоди што можат да му се случат на светот со климатските промени, а кои носат високи температури и мала влажност на обработливата почва – вели професорот.
Тој објаснува дека нашата земја по разноликоста на теренот има огромен број сорти на земјоделски култури што се македонски генетски ресурси и се своевидно огромно богатство што државата треба да го чува, обновува, евидентира, размножува и развива на начин како што го прават тоа сега развиените земји од Европа и во светот.

Непроценливото генетско богатство

Професорката Соња Ивановска од Катедрата за генетика и одгледување растенија, при Институт за биотехнологија на растенијата од Факултетот за земјоделски науки и храна, истакнува дека Македонија има значителна разновидност на автохтони и локални сорти, односно околу 361 земјоделска култура.
Таа објаснува дека овие култури историски се создадени од многуте националности што живеат на територијата на нашата земја.
– Оваа разновидност беше збогатена со екстремно различни климатски услови цврсто плетени на микролокации. Земјоделството во големи размери се потпира на комерцијални сорти, освен за производство на грав, кое се базира исклучиво на тетовската домашна раса. Малите земјоделци и локалното население во руралните средини се чувари на различни локални раси, главно на мешунките, зеленчукот и пченката. Тие поседуваат уникатни вредни особини, особено за отпорност на абиотски и биотски стресови и за специфичен вкус – вели професорката.
Ивановска нотира дека, за жал, само мал дел од оваа разновидност е зачуван во генските банки во земјата.
Таа нотира дека, за жал, кај нас овие култури се одржуваат во живот традиционално, а семето на домашните видови се наследува во семејствата што се земјоделци со генерации.
– Поради интензивната депопулација и стареењето на руралните средини, голем дел од семето веќе е изгубено. Овој процес се очекува да биде повпечатлив во наредниот период. Малкуте млади луѓе што одлучуваат да станат бизнис-ориентирани земјоделци одгледуваат само модерни сорти. Слично на тоа, старите овошни сорти често се заменуваат со модерни сорти или земјиштето се трансформира за други намени – вели таа.
Професорката подвлекува дека сето она што сега се случува во норвешката генетска банка е само еден од многуте примери што се активни во светот, со што државите го одржуваат наследството во растителните култури поради страв од негово исчезнување.
– Овие процеси се многу скапи и тие подразбираат семињата да се чуваат на екстремно ниски температури подолг период и потоа да се расадуваат. Токму затоа сега е избран остров каде што има вечна зима, во кој се складира генетското богатство од светот. Во поранешна Југославија ваков комплекс беше изграден во соседна Србија, каде што требаше да се чува оваа материја од сите поранешни републики, но со распадот на заедничката држава сѐ остана во сопственост на властите во Белград, кои очигледно сега дел од овие семиња ги депонираат да се чуваат и во Норвешка. Врз овој југословенски модел денеска функционира и скандинавската банка, која е простор каде што земјите како Шведска, Финска, Норвешка и Данска ги зачувуваат своите култури – вели професорката.

Таа се надева дека поради опасноста од климатските промени и нашата земја конечно ќе се обиде да го зачува огромното богатство што го поседува, но кое, за жал, од година на година се губи.
Професорката поентира дека што поскоро на Македонија ѝ е потребно да постојат политичка волја и национален интерес финансиски и научно да се активираме и да го зачуваме нашето земјоделско наследство во пресрет на тешките климатски времиња што се најавуваат.
– Земјите од соседството веќе имаат свои закони за оваа проблематика, државите инвестираат во капацитети и локалитети за банките на семиња, а се чини дека само Македонија тапка во место – резимира Ивановска.
Македонски сорти се чуваат дури во САД

Скопскиот пензиониран професор Гоце Василевски објаснува дека државата поседува свои три регионални банки на семиња, но, за жал, немаме централно државно тело што со поголеми финансии ќе се грижи за локалните сорти на зеленчуци и овошја типични за Македонија.
Професорот истакнува дека вакви центри има во Скопје, Прилеп и во Струмица, кои се составен дел на академски и државни тела, но нивното дејствување е ограничено поради високите финансии потребни за нивен целосен ангажман.
– Со оваа проблематика се занимавам повеќе од 50 години, а Македонија е држава што поседува огромно богатство на семиња на земјоделски растенија. Првите наоди и класификации за растенијата и идентификација на семињата во земјата беа вршени во раните 70-ти години, а од тогаш, па досега се вршат слични процеси од страна на колегите од областа – вели професорот.
Тој појаснува дека, за жал, зачувувањето на семињата е скап, комплициран и тежок процес, а за негово правилно извршување треба да се вложат многу финансии.
– Поранешна Југославија тесно соработуваше со САД на оваа проблематика и таа во американската банка на семиња ги донираше автохтоните семки од целата некогашна држава, во кои влегуваа и оние од Македонија. Јас верувам дека ако и сега се побара некоја поранешна сорта што исчезнала во Македонија, многу е пологично и по толку години таа да е одржана во Америка отколку во нашата држава – вели тој.

Хибридните семиња – поприсутни од традиционалните

Поранешниот професор од Земјоделски факултет, Илија Каров, посочува дека потребите на земјава од семе за производство на зеленчуци, за жал, во најголем процент се обезбедуваат преку увоз, иако до пред петнаесетина години сме имале домашно производство.
– Доколку во ген-банките, односно во специјални услови се зачувани нашите традиционални семиња, ние можеме лесно да ги обновиме. Земјата чувала повеќе видови семиња, и тоа од различни земјоделски производи. Јас сум убеден дека сите наши сорти имаат извонреден квалитет, тие порано важеа за квалитетни продукти и беа многу барани, но поради силната конкуренција од странство и сите перипетии низ кои помина државата, нивното производство речиси да е згаснато. Жалосно е што денес нема кој да произведува, бидејќи се потребни инвестиции и финансиска и технолошка поддршка за истото тоа да се спроведе. Но кај нас за наука се одвојуваат само 0,2 отсто од буџетот, а со толку малку средства нема кој да произведува семе – вели тој.
Според професорот, од традиционалните семиња меѓу попознатите во земјата се оние на доматот, а тие се сортите јабучар и воловско срце.
Оригиналните сорти, информира Каров, биле и покрупни и значително поквалитетни со нутритивен состав, но, за жал, и пократкотрајни од хибридите во денешно време, па затоа многу земјоделци и увезуваат нови сорти на семиња во земјата.

[email protected]