Секаде во светот еден од клучните услови за добивање државјанство е одличното познавање на официјалниот јазик на државата, во нашиот случај македонскиот јазик. Најновата епизода барања на албанските партии е да се воведат измени во постојниот јазик за државјанство, според кои, „кандидатите би можеле да аплицираат за пасоши и да добијат државјанство без познавање на македонскиот јазик и неговото писмо?!“

Што содржи најновиот предлог на албанските партии во врска со Законот за државјанство

По серијата контрадикторни и контроверзни предлози на дел од албанските политички партии во врска со прашањето за начините за стекнување македонско државјанство, нови моменти повторно ја брануваат јавноста. За потсетување, првично се предлагаше „со изјава на двајца сведоци да може да се докаже бараниот услов за добивање пасош и државјанство“. Потоа имаше и обид со „лидерска средба и со политички договор“ да се договорат екстра лабави услови за издавање македонско државјанство, што беа надвор од секоја правна и меѓународна логика.

Спорниот Закон за употреба на јазиците – основа за добивање државјанство без познавање на македонскиот јазик?!

Најновата епизода барања на албанските партии е да се воведат измени во постојниот јазик за државјанство, според кои, „кандидатите би можеле да аплицираат за пасоши и да добијат државјанство без познавање на македонскиот јазик и неговото писмо“.
Имено, партиите Алијанса на Албанците и Алтернатива веќе неколку недели чекаат одговор од власта „дали е прифатливо македонско државјанство да се добива без познавање на македонскиот јазик, што сега е законски услов“.
Според најновиот предлог на албанските партии, ова нивно барање се заснова на Законот за употреба на јазиците и Уставот на земјата, кој гарантира дека покрај македонскиот, друг службен јазик е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од населението.
Од партиите информираат дека нивните измени на ова законско решение се базираат на одредба што би се однесувала на лица што се стекнуваат со државјанство по основа на тоа дека се родени во Македонија, но го говорат еден од двата јазика.
Натаму, според предлогот што се темели врз знаењето на албанскиот јазик, би се измениле и одредбите за натурализација, кои предвидуваат олеснување на постапките, како и за апатридни лица, но и за лицата што сакаат да бидат граѓани преку брак или редовна дозвола за престој. Во врска со овој нов предлог од албанските партии неодамна се огласи и премиерот Зоран Заев, кој истакна дека текстот на законот на албанските партии „не е во согласност со усниот договор што го имале за време на нивниот состанок минатиот месец!“

Сите држави во светот предвидуваат добро владеење на јазикот на државата каде што аплицираат за државјанство

Универзитетските професори и експерти велат дека процесот за добивање македонско државјанство сам по себе подразбира одлично познавање, говорење и пишување на македонскиот јазик. Според нив, ова правило е еднакво важно и во Македонија, но и во сите светски и европски држави каде што доделувањето статус на државјанин може да се стори само ако тоа лице ги исполнува законските критериуми што се во согласност со Уставот на земјата.
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов смета дека познавањето на јазикот на државата, а тоа е македонскиот јазик, е задолжително за секој што сака да стане наш државјанин, без разлика од тоа на која етничка заедница ѝ припаѓа.
– Имено, факт е дека сите што се родени во оваа земја го знаат во добра доза официјалниот јазик на државата, а тоа е македонскиот, покрај тоа што го познаваат и јазикот на својата заедница, турскиот, албанскиот, српскиот и сите други. Имено, од тука почнувајќи е сосема нелогично некој да бара да не се познава јазикот на државата, а притоа да се обиде да добие статус на државјанин. Па затоа мислам дека е императив што не треба да се менува од постојниот закон за оваа намера, кој е многу јасен во делот на познавањето на македонскиот јазик – вели Трајанов.
Тој објаснува дека политичките уцени од овој профил со блокирање на парламентот со амандмани мора еднаш засекогаш да престанат, а тоа ќе се надмине ако се смени Деловникот за работа на парламентот, со што временски ќе се ограничи траењето на секоја дискусија и со тоа алатките што сега ги користат Алијанса и Алтернатива ќе бидат неупотребливи.

Универзитетскиот професор Оливер Андоновски вели дека познавањето на официјалниот јазик на државата е покажување лојалност и почит кон државата на која одредено лице припаѓа со своето државјанство.
– Од тука секој обид да се наметне непознавање на македонскиот јазик треба да се сфати со крајна сериозност. Оваа определба не треба да се протурка во никаква смисла во законот бидејќи таа ќе придонесе да имаме сегрегација и гетоизираност на земјата. Дополнително во овој процес и безбедносно ќе се размрда Македонија, бидејќи лицата што ќе се стекнат со нашето државјанство нема да имаат никаква лојалност кон земјата бидејќи нема да бидат дел од нашиот јазик, закони, институции и системски алатки – вели Андонов.
Професорот забележува дека е манипулација тоа дека албанскиот јазик е втор официјален јазик во земјата, бидејќи Законот за јазици единствено ја регулира употребата на јазикот на малцинствата што се повеќебројни од 20 проценти само на територијата на која живеат за локална употреба, а не за национална.
– Ако го допуштиме овој чин, ние во иднина ќе ја отвориме вратата на насилна и етничка натурализација и дополнителна поделба на нашата Македонија – заклучува Андонов.


Какви се светските искуства

Светските искуства за стекнување државјанство во земји како САД, Германија и Британија, сите до една, предвидуваат задолжително познавање на јазикот на нацијата на која апликантите за државјанство сакаат да станат дел. Имено, во Америка, законите пропишуваат дека освен задолжително познавање (зборување, читање и пишување) на англиски јазик, треба да има добри познавања на политичкото уредување и историјата на државата, а дополнително апликантите за државјанство мораат да исполнат и серија законски одредби, како што се најмалку 5-годишно легално престојување во една од сојузните држави, петгодишен брак со американски државјанин и друго… Во Германија, пак, оној што сака да се стекне со германско државјанство мора најпрво да се испише од државјанството на земјата од која потекнува, а дури потоа треба одлично да го познава, пишува и говори германскиот јазик и да ги познава општествените и законски норми на државата. Во Британија за да се добие тамошно државјанство, кандидатите што аплицираат мораат да минат низ бодовен систем на тестови, со кои ако се исполни квотата одредено лице може да се стекне со тамошен пасош и документи. Како една од нормите што носат голем број поени е токму течното познавање, говор и пишување на јазикот на нацијата.

[email protected]