По изјавата на бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева дека усогласеноста на Македонија со политиките на ЕУ била под 50 проценти, што е многу малку, регира македонското Министерство за надворешни работи од каде ја демантираат оваа информација.

– Поради појавените информации во јавноста за усогласеноста на Република Северна Македонија со надворешната и безбедносна политика на Европската Унија, сакаме да информираме дека усогласеноста на Република Северна Македонија кон ставовите, декларациите и мерките на Европската Унија изнесува 94 проценти – велат од МНР.

Оттука додаваат дека само во последната третина од 2020 година (периодот септември – декември 2020 година), Република Северна Македонија се има придружено на над 40 декларации на Европската Унија. Оваа практика продолжува и во првиот квартал на 2021 година.

Во моментов, во рамките на Министерството за надворешни работи се разгледува можноста за имплементација на политики со кои поскоро ќе се постигне целосна, или 100% стапка на усогласеност со политиката на ЕУ, наведуваат од македонското МНР.

Во истата насока, покрај надворешната и безбедносна политка, во рамките на процесот на Стабилизација и Асоцијација, Република Северна Македонија веќе има усогласено околу 30% од европското аки (acquis), ниво на усогласеност на домашното законодавство по кое земјава стои рамо до рамо и со останатите земји од регионот кои веќе подолго време преговараат.

– Стратешка цел на Република Северна Македонија претставува полноправното членство во Европската Унија, и поради тоа, севкупниот процес на усогласеноста со политиките, правилата, стандардите и вредностите на Европската Унија претставува највисок државен приоритет – се додава во реакцијата на министерството.

Претходно, на социјалните мрежи реагираше и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров. Изјавата на Захариева тој ја оцени како скандалозна невистина, наведувајќи дека очигледно е потребна поголема внимателност, особено кога се работи за лесно достапни податоци.