Фото: Архива

Засега посакувано, но сѐ уште не најсигурно сценарио, за кое домашните експерти се резервирани, е она за веројатноста Бугарија и Грција да попуштат пред меѓународниот притисок за признавањето на правата на македонското малцинство кај нив. Од друга страна, според експертите со кои се консултиравме, помеко и попродуктивно сценарио би било да се инсистира на измени во договорите што се потпишаа со двете држави и, на тој начин, асиметричните договори полека да добијат на симетричност, со обврски на Бугарија и на Грција да ги признаат македонското малцинство, јазик, училишта, токму како што е предвидено во европските конвенции за малцинствата…

ПО НАЈАВИТЕ ДЕКА САД И НЕКОИ ЕУ-ПАРТНЕРИ ЈА ИНТЕНЗИВИРААТ РАБОТАТА ЗА МАКЕДОНСКОТО МАЛЦИНСТВО ВО БУГАРИЈА

И покрај поделените ставови околу потребата за преиспитување и евентуална корекција на договорите за пријателството, добрососедство и соработка и за промената на уставното име, кои Владата ги постигна со Бугарија и со Грција, може да се каже оти во Македонија постои речиси општоприфатено мислење дека мора многу поактивно отколку досега да се дејствува во однос на признавањето и заштитата на македонското малцинство во двете земји.

Американската амбасада во Софија и некои европски партнери работат на решавање на проблемите на македонското малцинство во Бугарија

Надежите и оптимизмот дека, иако во сѐ уште не докрај дефинирана форма, нештата би можеле да се придвижат во насока на признавањето и заштитата на македонското малцинство во двете земји ги подгреваат и изјавите на заменик-помошникот на државниот секретар на САД, Габриел Ескобар, дека американската амбасада во Софија и некои европски партнери работат на решавање на проблемите на македонското малцинство во Бугарија. Освен тоа, и Европската слободна алијанса (ЕФА), како значителна група во Европскиот парламент, неодамна усвои декларација со која ја повикува Европската Унија да ги охрабри своите членки Бугарија и Грција да ги поддржат самоопределувањето и културниот идентитет на своите граѓани од македонско потекло. Според ЕФА, Македонците ги исполнуваат критериумите за малцинство, лојални им се на државите во кои живеат и се силно мотивирани за нивниот заеднички идентитет, вклучувајќи ги нивната култура, нивните традиции и нивниот македонски јазик.
Сепак, домашните експерти се резервирани во однос на можноста Бугарија и Грција да попуштат пред меѓународниот притисок, поради што, според нив, попродуктивно би било да се инсистира на измени во двата договора.
– Двата договора се еднострани и нереципрочни и се на долгорочна штета на интересите на Македонија. Тие последици се повеќеслојни, меѓутоа најнеприфатливи се кога е во прашање нашето малцинство и во Бугарија и во Грција. На еден катастрофален начин, ние прифативме или се согласивме дека Македонци нема ниту во Бугарија ниту во Грција, а тие со векови се присутни и се автохтони во двете земји. Се доведовме во ситуација да не смееме официјално ни да кажеме дека во двете земји има македонско малцинство и дека тие луѓе дури и зборуваат на македонски јазик.

И додека тоа, на некој начин, можеби и се заборави во случајот со Грција, овој наш однос денес ја манифестира невидената апсурдност во политиките со кои Софија секојдневно нѐ малтретира. Тие инсистираат непостојни Бугари да внесуваме во нашиот Устав, а ние не се осмелуваме да го побараме истото тоа за стотици илјади таму присутни Македонци. Впрочем, во Бугарија има над два милиона Македонци по потекло. И додека Европскиот суд за човекови права има донесено 14 пресуди против државата Бугарија за малтретирање на Македонците и тоа за нас не е никаков повод за политички ангажман, од другата страна нема никаков доказ дека во Македонија постојат Бугари, освен неколку стотини. Ние во двата договора се откажавме од Македонците во Грција и во Бугарија. Суштината врз која треба да се бараат измени на овие два договора треба да биде инсистирањето на заштита на универзалните права на македонското малцинство, кои во овие две земји никогаш не се почитувале – објасни поранешниот амбасадор Ристо Никовски.
За издвојување е информацијата што ја пренесоа регионалните медиуми, односно изјавата на претседателот на Бугарскиот хелсиншки комитет, Красимир Канев, дека „секој што ќе се изјасни како Македонец во Бугарија може да биде предмет на малтретирање“!
Знам луѓе Македонци што се плашат да кажат што се таму каде што работат, особено оние што работат може да бидат објект на малтретирање на своите работодавци, може да бидат малтретирани од своите колеги. Да не зборувам за оние што евентуално би работеле во полиција, државна администрација. Мене ми е тешко да замислам дека Македонец во Бугарија што јавно се изјаснува како Македонец може да работи за бугарската држава. Мислам дека таков човек би имал сериозен проблем – предупредил Канев. Д.М.М.