Фото: Игор Бансколиев / Архива

Со свое демократско уредување денес може да се пофалат најголем број држави во светот, иако има големи разлики и нијанси и во поимањето и во практикувањето на демократијата во светот. Но какви се состојбите во Македонија, каде има вишок, а каде недостиг од демократски вредности и стандарди, споредено со европските и со светските искуства и примери

ПОВОД – МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ДЕМОКРАТИЈАТА – 15 СЕПТЕМВРИ

Меѓународниот ден на демократијата е интернационален јубилеј што од 2007 година, па досега се одбележува на 15 септември. Овој интернационален датум, избран од страна на Генералното собрание на Обединетите нации, е значаен во светски рамки бидејќи преставува момент во кој светската јавност ги издигнува на површина и во фокус сите вредности, кои се дефинираат како демократски.
Според одредени теории, демократијата подразбира облик на управување каде што државната власт произлегува од луѓето, од непосредни парламентарни и локални избори. По дефиниција, зборот „демократија“ води потекло од старогрчките зборови демос – што значи народ – и кратос – што значи власт.
Со свое демократско уредување денес може да се пофалат најголем број држави во светот, иако има големи разлики и нијанси и во поимањето и во практикувањето на демократија во светот.
Македонската држава практикува демократско државно уредување веќе три децении или веднаш по нашето прогласување независност од Југославија.
Од друга страна, за време на трите декади на плурализам и демократија во Македонија, демократијата кај нас се толкуваше и применуваше во растеглива смисла, за нешто и повеќе отколку што треба, за друго и помалку од што е потребно.
Оваа шареноликост за тоа како се практикува демократијата во Македонија формира перцепција дека ние некогаш имаме суфицит на демократските вредности, на пример кога говориме за правата што ги уживаат малцинствата во земјата, но и дефицит на демократија, од аспект на нејзината примена внатре во македонските партии каде што гласот на народот не се слуша.

Дефицит на демократија во партијата се воочува и од тоа што тие сѐ уште се раководат по принципот на т.н. султан-партии, каде што лидерот или врхушката околу него одлучува за сѐ.
Во меѓувреме, политиколозите и политичките аналитичари со кои се консултиравме велат дека во Македонија вистинска демократизација ќе биде возможна првенствено кога ќе се либерализираат раководствата на партиите и во моменти кога лицата во државата на раководни позиции ќе се избираат и поставуваат според личните и професионални квалитети, а не поради нивната партиска и национална припадност.
Политикологот Петар Арсовски истакнува дека состојбите со демократичноста на партиите во земјата се такви какви што се, и тие се должат на редица политички феномени што се очигледни во Македонија, но и во сите преостанати држави што настанаа од распадот на поранешна Југославија.
– Присуството на демократијата во партиите во земјава е мало и тоа стагнира, а слични се и состојбите на политичките сцени во сите некогашни републики на Југославија. Имено, кај нас во партиите евидентна е пренагласената моќ на лидерите, кои самите одлучуваат како ќе дејствува партијата и кои ги избираат преставниците од партијата што ќе настапат на изборите, без разлика дали станува збор за локални или за парламентарни трки. Зголемувањето на демократските вредности во партиите, а со тоа и во државата, би можело да се постигне само ако некогаш успееме да обезбедиме на изборите да се гласа по модел на отворени гласачки листи. На овој начин граѓаните ќе бидат тие што ќе одлучуваат, а не партиските султани и народот ќе гласа не само за партијата со која се идентификува туку и за лицата на кои граѓаните најмногу им веруваат првенствено поради нивните лични квалитети.

Иако работите во изминативе месеци малку се „размрдаа“ во позитивна демократска конотација на терен, сепак ние сме далеку од вистинска демократичност што ја посакуваме – вели Арсовски.
Политичкиот аналитичар објаснува дека кај нас многу ретко се слуша народот и преку механизмите на непосредната демократија. Тоа е така бидејќи и самите граѓани не се запознаени со нивните вистински демократски права докрај, но и самите партиите дополнително се чини немаат волја демократски да ги спроведуваат овие процеси.
– Имено, референдумите на пример за локалните прашања, ретко се практикуваат, па дури и кога ќе се практикува тие генерално не се обврзувачки за властите. Дополнително граѓаните не се запознаени и дека постојат термини каде што тие можат да ги увидат локалните политики лично, односно да ги следат заклучоците на ГУП-овите и ДУП-овите што ги носат партиите, а сето тоа е дополнително нарушено зашто локалните власти и самите немаат интерес да работат најтранспарентно и најдемократски. Па кога ќе никне некој облакодер на место каде што никој не сака да го види, тогаш нагло имаме проблем, а во суштина сето тоа е резултат на недоволната демократичност на општините – вели Арсовски.
Според него, сѐ додека не создадеме клима на вистинска европска демократија и на чело на земјата не дојдат прогресивни демократски партии, нас земјата и натаму како и во сите земји од Југославија ќе ни ја водат бившите комунисти и бившите антикомунисти преточени во разни политички опции со модерно име.
Политичкиот аналитичар истакнува и дека во Македонија имаме состојби каде што малцинските заедници уживаат поголеми демократски права, за разлика на пример од сличните релациите на истите групи народи во соседните земји.

Тоа, според Арсовски, се должи на фактот дека во Македонија имаме меѓуетнички релјеф што е поблизок до оној на Швајцарија или Босна, а подалечен од оној на соседна Грција, Бугарија, Албанија или Србија.
– Овие релации формираат една клима во кои вредностите се изместени поради лошо протолкуваната мериторактија, во која одредени граѓани можат да напредуваат во своите позиции наспроти другите – вели Арсовски.
Тој објаснува дека овој процес некогаш мора да запре ако сакаме во иднина да имаме прогресивна држава.
Политикологот и публицист Џабир Дерала во својот осврт на случувања вели дека демократизацијата на партиите, кои би требало да се движечка сила за земјата, е исклучително бавен процес.
– Иако кај нас има одредена доза волја за подобрување на овие состојби за партиите, сепак задоволителното ниво на демократија во нив е далеку од посакуваното – вели Дерала.
Според Дерала, за жал, ние денеска на овој светски јубилеј сме сѐ уште многу далеку од посакуваното ниво на вистинска демократија на нашето општество и држава, а сето тоа е препознатливо по релациите во партиите и по функционирањето на државните институции, кои иако се движат во вистински правец ни одблизу не наликуваат на нивните европски колеги – објаснува Дерала.
Тој се надева дека во одредена точка во блиска иднина ние како држава ќе се најдеме на позиција да се демократизираме во вистинска смисла на зборот, а тоа ќе значи дека квалитетот и способноста за раководење со одговорни функции во Македонија ќе се доделува врз основа на индивидуалните квалитети на лицата, а не врз основа на политичката или националната припадност.
– Дополнително солидна основа за градење силна демократија кај нас би била и онаа каде што владејачките гарнитури ќе го слушаат народот и ќе се во директна комуникација со нив за сите прашања. На овој начин би се издигнало и нивото на политичка култура, кое во моментов е многу ниско и во кое наместо демократските вредности сѐ уште владеат политичките големци и националните агенди на партиите – вели Дерала.

Политикологот нотира дека Македонија за разлика од нејзините соседи дополнително има и нелогичен распоред на демократските слободи во кои одредени етнички групи имаат дури и преголеми права ако се гледаат низ призмата на европскиот стандард.
– Партиите кај нас не разбираат дека уживањето на граѓанските слободи и права треба да биде над она на националните групи. Тоа треба да е примат врз кој ќе ги градиме идните политики, затоа што на ваков начин сите знаеме дека етничката припадност под плаштот на наводни битки за демократски вредности често и се злоупотребува од одредени центри на моќ – резимира Дерала.

[email protected]