Фото: Игор Бансколиев

На десетина дена по почетокот на новата учебна година, Министерството за образование, народниот правобранител и експертската јавност делат различни, на моменти и спротивставени мислења за досегашниот тек на образовниот процес. Во овој таканаречен македонски образовен бермудски триаголник засега најголема жртва се учениците, кои се чувствуваат како да се предмет на уште еден експеримент

МОН на една страна, омбудсманот на друга,
учениците во средина

Треба ли да се менува нешто во моделот по кој почна наставата во земјава од 1 септември, има ли безбедносни ризици по здравјето на учениците, но дали и колку се почитуваат протоколите во услови на пандемија? Овие дилеми веќе подолго време тлеат во јавноста при што гледиштата се различни. Сепак, десетина дена по почетокот на новата учебна година, со сосема различни и крајно спротивставени мислења во однос на овие и редица други прашања излегоа две значајни институции во земјата, МОН и народниот правобранител.
Народниот правобранител укажува на јасни пропусти во спроведувањето на протоколите во училиштата и побара од Министерството за образование итно да преземе мерки, за што ќе треба во рок од 10 дена да го извести. Од МОН, пак, го тврдат спротивното, нагласувајќи дека нема ризик по здравјето на децата и бројот на заразени ученици е минимален.


МОН засега не го менува сценариото

Според министерката за образование Мила Царовска, засега нема потреба учениците од настава со физичко присуство, да преминат на онлајн настава.
Таа додаде дека се следи состојбата, а ако има индикација да се промени сценариото за учење, тоа ќе се направи. Таа рече дека 24 ученици биле новозаразени вчера, но не посочи во кои општини, односно градови.
– Завчера новозаразени се 0,01 проценти. Што значи дека е помал бројот на новозаразени во споредба со понеделникот. Епидемиолозите следат, тие дејствуваат врз основа на општина, регион. Досега нема индикација дека треба моделот да се менува. Кога ќе добиеме индикација, подготвени сме да постапиме. Инаку, 240 илјади ученици се на училиште, а процентот на заразени е 0,01, што е навистина низок број. Највисок интерес на учениците е да бидат во училница – рече Царовска.
Таа смета дека одењето во училиште е во интерес на учениците.
Посочува и дека процентот на вакцинирани наставници е висок, над 74 проценти и тие во континуитет се вакцинираат.


Народниот правобранител укажува на серија пропусти

Укажувањето што народниот правобранител го испратил до Министерството за образование и наука е дека часовите со физичко присуство треба да бидат пократки, а одморите помеѓу часовите да бидат зачестени и подолги.
Омбудсманот отворил предмет по сопствена иницијатива, откако со почетокот на оваа учебна година зачестиле јавувањата и поплаките од ученици и родители, кои се во врска со начинот на реализација на воспитно-образовниот процес во основните и во средните училишта, укажувајќи на неможност да се почитуваат, односно спроведуваат во целост протоколите, но и на конкретни проблеми.
Ученици, родители и наставници реагираат дека е потребно постојано да имаат заштитна маска на лицата, што, пак, според нив, предизвикува голем замор, придружен со главоболка и намалена концентрација за следење, односно за реализирање на наставата, а кај дел од децата, како што наведуваат родителите, има исип во пределот на лицето што е покриен со маска.
– Главоболките и други непријатности од здравствен аспект што учениците и наставниците ги чувствуваат се и поради честото или постојаното проветрување на училниците, односно поради целосно отворени прозорци и постојано држење на отворена врата од училниците за време на часовите, поради што учениците во текот на целиот ден се изложени на провев, проблем што е и сега присутен, а со заладувањето и намалувањето на температурите во следниот период, истиот тој уште повеќе ќе се потенцира – вели народниот правобранител.
Оттаму додаваат дека има голем број ученици по паралелка, често повеќе од 30 ученици, во училница/и, кои најчесто е/се со простор од околу 30 квадратни метри, со што е невозможно одржување физичка дистанца.


Што велат експертите

Нашиот весник побара мислење и од други извори, со цел да се соочат, споредат и измерат фактите и на едната и на другата институција и да се извлече одредена резултанта, која ќе биде во полза и на учениците и образовниот процес.
Експертите велат дека тешко може да се направи вагање на состојбата, а сепак, сето тоа да биде во корист на учениците, но и на наставниците.
Посочуваат дека можеби најдобрата одлука е да се прави процена на епидемиолошката состојба во секоја општина поединечно според бројот на заболени во истата таа, на дневно ниво.
Во меѓувреме, Тетово и Гостивар до 20 септември ќе продолжат со онлајн учење, зашто ваква одлука донела Владата поради влошената епидемиолошка состојба во овие два града.
Микробиологот Никола Пановски вели дека министерството се повикува на одлуката на Комисијата за заразни болести и не навлегува повеќе во детали.
– Тешко е да се направи вагање на состојбата. Ќе видиме како ќе биде кога ќе залади. Ако онлајн часовите траеја 30 минути, која е логиката сега со физичко присуство кога се децата во училница да траат 45 минути. Треба да има повеќе време за проветрување на просториите и учениците да имаат два големи одмори за да излезат од училниците – посочува тој.

Сепак, вели дека позитивно во ситуацијата е што децата полесно го поминуваат вирусот, а средношколците веќе во голем дел имаат и природен имунитет, односно го прележале вирусот.
Поранешниот заменик-министер за образование и наука Петар Атанасов вели дека состојбата во земјава е загрижувачка, особено со бројот на нови заболени, но и со секојдневната бројка на починати од ковид-19.
– Што се однесува на тоа како понатаму да се одвива училишната година и каква е состојбата во училиштата, одговорноста за учениците ја сносат три институции, како МОН, општината каде што се наоѓа училиштето и самото училиште. Одлуките не може генерално да се носат, зашто состојбата во секоја општина и во секое училиште е различна – вели тој.

Според него, не може ниту министерката да се правда дека препораките на комисијата се такви, зашто токму МОН треба да ги штити децата, во соработка со општината и училиштето.
– Не може да важи истото правило каде што има до 10 деца во училница, или онаму каде што има многу деца, па дури и до 30 ученици во училница. Средните училишта според тоа се многу засегнати. Ако се влоши здравствената ситуацијата, одговорност ќе сносат МОН, општината и училиштето. Мора да се најде начин ако во одредена општина има повеќе заболени, да се намали бројот на деца на училиштето, сѐ додека не паднат бројките на заболени во таа општина. Да се најде некој модел барем со ротирање на децата или хибриден модел, една недела да одат со физичко присуство, а друга да бидат онлајн од дома – заклучува Атанасов.
Вели дека мора поинтензивно да се носат мерки и правила со кои ќе се заштитат децата и наставниците.
– Не треба да се чека и не може никој да ги обвинува родителите за нивните реакции и барања, зашто тие сакаат апсолутно заштитени деца – додава тој.