Фото: Игор Бансколиев

Во текот на тридецениските напори за приближување кон целта, односно евроатлантските интеграции, македонските политички елити искусија многу нови услови и неисполнети ветувања од страна на ЕУ (па и на НАТО), но и понатаму беспоговорно ги прифаќаат условите што се поставуваат. Таквата состојба го наметнува прашањето, која е мотивацијата за таквото однесување

Евроатлантскиот пат е стратегиска определба на Македонија речиси од независноста како држава, од почетокот на деведесеттите години на минатиот век, веднаш по раздружувањето на југословенската федерација. Поставената цел за членство во ЕУ и во НАТО, во текот на изминатите три децении, никоја од партиите што се менуваа на власт никогаш не ја оспори и покрај честопати дијаметрално различните гледишта за тоа како треба да се оствари таа. Секако, овие моќни политички и воени меѓународни организации на Македонија како земја-аспирант ѝ поставуваа(т) многубројни услови и критериуми само за да се приближи пред вратите на нивните т.н. клубови на држави-членки.

Во самата Македонија, пак, со текот на времето и по неприкосновените опструкции на меѓународен план од страна на Грција, се создаде своевиден политички мит дека ако се угоди на барањата (повеќе уцените) од јужниот сосед, веднаш ќе се отворат прегратките на ЕУ и на НАТО. Реалната меѓународна позиција на Македонија во мигов е дека и покрај постигната спогодба со Грција (што значеше прифаќање на географската одредница „северна“ во уставното име на земјава, ерга омнес) и понатаму од Брисел се поставуваат нови услови за добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Во пресрет на изборите за Европскиот парламент, Натали Лоазо, министерка за европски прашања на Франција до пред два месеца, а сега носителка на листата на изборите за партијата на францускиот претседател, Емануел Макрон, гордо изјавува дека токму таа го блокирала проширувањето на ЕУ со Албанија и со Македонија.

– Кога бев државна министерка за европски прашања, токму јас го блокирав проширувањето со Албанија и со Северна Македонија – изјавила Лоазо во едно ТВ-интервју, и тој дел од интервјуто самата го издвоила на својот профил на Твитер.
Лоазо ја посети Македонија на 26 февруари годинава, еден месец пред крајот на нејзиното министерување (27 март), а потоа за француските медиуми изјави дека поставувањето датуми однапред нема смисла.

– Македонските власти го знаат тоа и велат: „Не е момент да заспиеме“. Досега сите нивни напори беа вложени во Преспанскиот договор. Ние сме само на почетокот на реформскиот процес – изјави Лоазо по посетата на Македонија.
Во текот на тридецениските напори за приближување кон целта, односно евроатлантските интеграции, македонските политички елити искусија многу нови услови и неисполнети ветувања од страна на ЕУ (па и на НАТО), но и понатаму беспоговорно ги прифаќаат условите што се поставуваат. Таквата состојба го наметнува прашањето, која е мотивацијата за таквото однесување.

– Фактот што Македонија беспоговорно исполнува сѐ што од неа бара Брисел, директно говори за нашите професионални политички капацитети. Кај нас сѐ уште не се разбира дека односот со Брисел е двостран и дека ние треба да се бориме за нашите интереси. Дека не е така, најдобар доказ е капитулантската промена на името на државата, која не беше соодветно валоризирана во ЕУ. Македонија прифати понижување со Грција, без за тоа да наплати ниту еден денар. И тоа не беше првпат нашата држава да се однесува така. Да се потсетиме на времето на бомбардирањето на Србија и косовската бегалска криза, кога НАТО бесплатно ја користеше нашата територија – оценува Ристо Никовски, поранешен македонски дипломат.
Во контекст на дволичниот однос на ЕУ спрема земјите од Западен Балкан, во колумна за американскиот „Вашингтон пост“, политичкиот аналитичар Јасмин Мујановиќ оценува дека Унијата едноставно лажела.

– Во јануари, Скопје и Атина го финализираа речиси тридеценискиот спор околу „македонското прашање за името“. Македонците беа доведени во ситуација да им веруваат на европските дипломати, дека ако ја голтнат оваа горчлива пилула – промена на името на нивната земја – тоа ќе значи забрзан пат до ЕУ и членство во НАТО. Второто е речиси сигурно, но дури и идејата за членство во ЕУ (голема награда за повеќето обични луѓе во регионот) сѐ повеќе е малку веројатна. Или поедноставно, ЕУ лажеше, а владите и народите во регионот блескаа – пишува Мујановиќ во „Вашингтон пост“.
И покрај соочувањето (и донекаде прифаќањето) на македонската политика со „флуидните“ критериуми на ЕУ, според кои земјава постојано се приближува но никако да стигне до клубот, сепак и понатаму аналитичарите сметаат дека постигнувањето на европските стандарди треба да бидат мотивација за политички, економски и социјален напредок на земјава.

– Интересот на Македонија да ги исполнува реформите за прифаќање на стандардите на ЕУ е и поради нас самите. Отворањето на поглавјата од преговорите за законодавството, гарантира најдобри законски решенија со кои ќе се регулираат општествените процеси. Освен тоа, надворешното набљудување (од страна на ЕУ) на суштинската примена на тие закони ги прави видливи сите злоупотреби на добрите законски решенија. Од економски аспект, започнувањето на преговорите за членство во ЕУ, значи и побогати фондови за поддршка на Македонија во разни сегменти на економијата: од земјоделство до инфраструктура, кои се неколкукратно поголеми од претпристапната помош -вели Марко Трошановски од македонскиот Институт за демократија.

Фото: Маја Јаневска-Илиева