Фото: Игор Бансколиев

Македонија во моментов нема избор, освен кинески и руски вакцини, кои ЕУ не ги признава. Дилемата што сега им се наметнува на македонските граѓани е да се чекаат западните вакцини и да се ризикуваат здравјето и животот или да се вакцинираат со источни вакцини и да се откажат од патувања во ЕУ?

Вакцините како алатка за нови блокади од брисел

Европската комисија (ЕК) може сериозно да го поткопа процесот на имунизација против ковид-19 во Македонија со најавите дека во Европската Унија ќе може да патуваат само оние граѓани што се од земји со поволна епидемиолошка состојба и кои се вакцинирани со вакцини одобрени во Унијата, односно со западните вакцини „Фајзер“ или „Астра Зенека“.
Со оглед на фактот дека Македонија не е меѓу земјите со поволна епидемиолошка состојба и првите посериозни количества вакцини со кои се планира масовна вакцинација се од Кина и од Русија, се поставува прашањето дали ваквата препорака на ЕК ќе премисли голем број граѓани што закажале вакцинација да се откажат од намерата и да ги чекаат западни вакцини, кои не се знае кога и дали ќе пристигнат, или, пак, имунизацијата да ја прават во некои од соседните држави како што претходно беше случајот кога илјадници македонски граѓани отидоа да се вакцинираат во Србија.

Конфузиите што ги внесува ЕК, почнувајќи со воведувањето на „ковид пасошите“, па сега и со препораките какви вакцини ќе се прифаќаат за влез на граѓаните од земји надвор од Унијата на териториите на 27-те земји-членки може само дополнително да влијаат врз одложувањето на одлуката за вакцинација додека се чекаат конечни одлуки дали ЕУ ќе ги прифати кинеските и руските вакцини, што во меѓувреме секако ќе влијае и врз зголемување на бројот на новозаразени, но и смртни случаи во земјава. По ветото од Бугарија за наше интегрирање, кое ЕУ го премолчи, на овие најави во однос на вакцините се гледа како на нова необјаснива европска пречка за Македонија и нејзините граѓани.
– Од здравствени причини јас морам да се вакцинирам само со кинеската вакцина, која е по онаа стара стандардна технологија. Имам работни обврски во Германија и сега произлегува дека ако се вакцинирам со кинеската вакцина нема да можам да одам. Не знам што да мислам, секој ден само некакви одлуки соопштуваат, еднаш ги признаваат кинеските и руските, другпат само западните вакцини. Тотален хаос се направи – вели Бојан Димчевски, приватен стопанственик.
Микробиологот Никола Пановски смета дека ваквите препораки што ги дава ЕК од кој било аспект се лоши и несомнено ќе влијаат и врз процесот на имунизација во земјава.

Конфузиите што ги внесува Европската комисија со воведувањето на ковид-пасошите, па сега и со препораките какви вакцини ќе прифаќа за влез во Унијата, не само што ќе ја забават имунизацијата во земјава туку може да чинат и многу загубени животи на македонските граѓани

– Ваквата препорака на ЕК за западните вакцини апсолутно ќе влијае врз процесот на имунизација во земјава и неколку стотици луѓе само во Македонија ќе го загубат животот поради тоа. Токму поради кампањата што се водеше против „Астра Зенека“ повеќе наши сограѓани над 80 години, кои немаа намера да патуваат, го загубија животот чекајќи друга вакцина, наводно безбедна. Сега луѓето поради ваквите изјави нема да се вакцинираат со кинеската вакцина туку ќе чекаат до септември, ризикувајќи да се заразат. Во таков случај, до септември ќе отидат уште стотина луѓе што можеле да се спасат. Таа одлука на ЕК од кој било аспект е лоша – вели Пановски.
Според него, и претходната одлука за ковид-пасошите и препораката за признавање само на западните вакцини се голема глупост.
– Ова со ковид-пасошот е најголем срам за човештвото и уште еден голем срам за ЕУ. Воопшто и што постои пасошот како идеја е глупост, а да не зборувам сега па за тоа кој со која вакцина ќе се вакцинира, во што има мотиви кои не се само медицински туку и економски итн. Ова на ништо не личи. Па нашата војска што е дел од НАТО се вакцинира со руската вакцина, зарем нема да ја пуштат на мисија во земјите каде што се бара западна вакцина? Навистина неразбирливи одлуки – констатира микробиологот Пановски.

Социологот Илија Ацевски вели дека препораките што стигаат од ЕУ за тоа кои вакцини ќе се прифаќаат, секако, ќе влијаат врз процесот на вакцинација во земјава без оглед какви одлуки ќе се донесат подоцна.
– Конфузијата што ја предизвикува ЕУ, најверојатно, ќе предизвика дел од населението во Македонија да почека со имунизацијата, што од друга страна некој од нив може да го чини и живот. Се создава сомневање не толку за самата вакцина, колку за тоа како ќе се однесува ЕУ и дали ќе ги прифаќа сите вакцини – нагласува Ацевски.
Тој уште додава дека без оглед каква ќе биде одлуката на ЕУ за признавањето на вакцините и можностите за патување, црвот на сомнежот кај луѓето веќе е всаден.
– Сомнежот реално е создаден. Дури и утре да речат дека овие препораки не важат, сомнежот ќе остане. Тоа е една голема некоректност спрема граѓаните. Геостратегиската игра ќе остане и натаму, но стотина луѓе да завршат трагично поради одложување на одлуката за вакцинирање токму поради ваквите изјави е навистина страшно – истакнува Ацевски.