Фото: Игор Бансколиев

Одбележаниот јубилеј, 45 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“, е исклучително значаен за македонистиката. Освен во Русија, македонскиот јазик се изучува и во Полска, Србија, Хрватска, Австрија, Унгарија, Романија, Франција, Турција и други држави

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со свечен настан го одбележа значајниот јубилеј 45 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Филолошкиот факултет на московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ – јубилеј што е исклучително значаен за македонистиката. Овој настан е само уште една потврда за посебноста на македонскиот јазик и неговото опстојување и постоење низ историјата.
– И денес овде се присутни некои од луѓето, лектори, некогашни и сегашни, предавачи и професори, што вистински се вградиле во работата на Лекторатот по македонски јазик на Филолошкиот факултет на московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“, пред сè како кадри што излегоа од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Секако, не смееме да ги заборавиме оние без кои ова немаше да се случи, а тоа се пред сè академик Рина Павловна Усикова и нејзиниот руски ментор, професорот Самуил Борисович Бернштејн, како и нејзиниот македонски ментор, професорот Блаже Конески – истакна ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, во своето поздравно обраќање на свеченоста.
Сергеј Александрович Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во РС Македонија, го повтори ставот дека за руската научна мисла не постои никаква дилема за постоењето, односно автентичноста и посебноста на македонскиот јазик како рамноправен јазик во големото семејство на (јужно)словенски јазици.

За тоа колку е значаен јазикот за една држава и нација показател е и мислата на Емил Бенвенист, во вториот том од неговата „Општа лингвистика“, каде што пишува дека човек се раѓа двапати: еднаш од своите родители и еднаш во јазикот (…), а јазикот е култура и културата е – јазик!
Во услови кога Македонија се соочува со апсурдни блокади и негации од Бугарија, токму ваквите настани и јубилеи им даваат дополнителна тежина на македонскиот јазик и македонскиот идентитет.
– Многу е важен овој настан што се одбележува на една од најстарите катедри од дваесеттиот век, каде што уште руски научници биле заинтересирани за македонскиот јазик. Македонскиот јазик се изучува уште на многу други катедри, како во Полска, уште во триесеттите години на 20 век. Потоа македонскиот јазик се изучуваше и на германските катедри во Минхен и Келн, каде што од различни причини се укина. Потоа се изучува во Србија и Загреб, во главниот град на Хрватска, катедра што, за среќа, сѐ уште опстојува, а на времето ја формира професорот Кепески и оваа група е една од нашите гордости, бидејќи сѐ уште опстојува. Македонскиот јазик се изучуваше и во Грац и во Виена, се изучува во Унгарија и Романија и во Франција, каде што Катедрата беше основана благодарение на наши македонски професори. Сметам дека стоиме лошо со катедрите и тоа треба да го поправиме како држава. Имаме Катедра за македонски јазик и во Истанбул, која беше отворена уште во 1970-тите години и, за среќа, сѐ уште постои. Затоа извонредно е важно ова со изучувањето на македонскиот јазик на катедрите во другите земји да го издигнеме на повисоко ниво, на ниво на држава, и натаму да се негуваат тие катедри. Сега и јас сум вклучен во идејата да отвориме лекторат за македонски јазик во Корча и во Тирана, бидејќи и таму има Македонци, иако Бугарите со сите сили го оспоруваат постоењето на Македонците – вели професор д-р Људмил Спасов.

По одбележувањето на овој јубилеј, 45 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Филолошкиот факултет на московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“, во наредниот период ќе се случи и одбележувањето на уште еден јубилеј – 35 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Истанбулскиот универзитет, а се планира и промоција на Зборникот од Првата зимска школа на МСМЈЛК – „Конески на 11 јазици“.
Сите настани се дел од годишната програма на МСМЈЛК при УКИМ, а се остваруваат во рамките на богатата програма посветена на големиот јубилеј на великанот Блаже Конески, како дел од програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ С.К.