Првиот печатен македонски текст е дел од „Речникот од четири јазика“ на свештеникот и учител Даниил Москополец, објавен во 1802 година во Венеција. Гане Тодоровски во своето научно дело „Македонската литература во XIX век“ дури го нарекува и „првата печатена македонска книга“

Вистината забележана во светските речници и документи

Пред речиси 220 години (односно точно 219) во Венеција е отпечатен првиот текст на македонски јазик. Во науката, македонистиката и славистиката, овој факт не е ново сознание, но политичкиот контекст создаден во последнава половина година со оспорувањето на посебноста на македонскиот идентитет и јазик, како аргумент за вето пред ЕУ, активира зголемен интерес и на македонската јавност за теми што обично остануваат затворени во научните кругови.
Првиот печатен македонски текст е дел од „Речникот од четири јазика“ на свештеникот и учител Даниил Москополец, објавен во 1802 година во Венеција. Гане Тодоровски во своето научно дело „Македонската литература во XIX век“ дури го нарекува и „првата печатена македонска книга“, со посебен осврт во поглавјето „Белешки за првата печатена македонска книга, Кон ’Речникот од четири јазика’ на Даниил Москополец“.

Првиот печатен македонски текст е дел од „Речникот од четири јазика“ на свештеникот и учител Даниил Москополец, објавен во 1802 година во Венеција. Гане Тодоровски во своето научно дело „Македонската литература во XIX век“ дури го нарекува и „првата печатена македонска книга“, со посебен осврт во поглавјето „Белешки за првата печатена македонска книга, Кон ’Речникот од четири јазика’ на Даниил Москополец“.
– Во текот на 1802 година, во Венеција се појавува од печат необична книга на грчки јазик, потпишана од свештеникот и улител Даниил Москополец, погрчен Влав од Албанија, во рамките на која првпат во Европа се претставува македонскиот јазик (охридското наречје) во облик на печатена книга – под туѓо име и со туѓа графија. Тоа е книгата (со грчки наслов – Исагогики дидаскалија, н.з.) Почетница или Началное обучение, како што се нарекувале ваквите книги во текот на XIX век. Составен дел од книгава е „Четиријазичниот речник“ (Лексикон тетраглосон, н.з.), или подобро речено „Речникот од четири јазика“ (затоа што подоцна низ течењето на векот, Синаитски и Пулевски така ќе насловуваат некои од своите книги). Овој „Речник од четири јазика“ е значаен за нашата културна историја како првообјава на македонската реч, за непристорениот јазик на македонската народна низина, за говорниот јазик на народното мноштво, на она што се подразбира под поимот „општ јазик“, или „коине дијалектос“ – наведува во својот научен труд истражувачот на македонската литература од 19 век, Гане Тодоровски.

Понатаму Тодоровски констатира дека „јазичната норма што е регистрирана во Данииловиот ’Речник од четири јазика’ е всушност основата на денешниот современ македонски јазик“. Денес ова е многу ретка книга, со вистинска библиографска вредност, за која се знае дека постојат уште само пет-шест примероци по библиотеките на Виена, Атина, Букурешт, Лондон, Софија и Скопје. Од 1802 до 1977 година, оваа книга доживеала осум изданија, а научно внимание ѝ посветиле истакнати имиња на европската етнографија и лингвистика, како и познати слависти и македонисти.
Во научниот опис на содржината на речникот на Даниил Москополец е наведено дека освен грчкиот текст, содржи уште три негрчки текстови: албански, влашки и македонски. Постојат претпоставки дека изданието на „Речникот од четири јазика“ на Москополец, од 1802 година, е всушност второ издание, а се претпоставува дека првото е објавено уште во 1794 година, но денес нема зачувани примероци. Всушност, овој речник е повеќе разговорник, односно грчки текст преведен на три јазика, а намерата на Даниил Москополец (што ја изнесува и во самиот текст) била да ги „освести“ Македонците, Албанците и Власите да го учат грчкиот јазик. Македонскиот текст во речникот е всушност превод на извесен поп Стефан од Охрид, за што сведочи неговата преписка со Даниил Москополец. Текстовите на сите јазици во речникот се пренесени со грчко писмо.

– Во периодот на турското владеење, сѐ до 19 век, се засилуваше грчкото влијание, особено во нашите јужни краишта. Тоа наоѓаше поткрепа во привилегираната положба на Цариградската патријаршија и на грчкиот трговски сталеж во Отоманската Империја. Во поглед на писменоста, тоа се изрази на таков начин што во јужна Македонија употребата на грчката азбука надвладеа над употребата на кирилицата. Особено во првата половина на 19 век, кога се пројави јасно стремежот да се пишува на народен јазик, настана во тие наши краишта цела една книжнина, пишувана со грчка азбука – ги објаснува уште Блаже Конески причините за користењето на грчкото писмо во македонските (словенските) текстови од 19 век.
Сепак, фактот дека во овој речник (разговорник) од почетокот на 19 век е објавен текст со карактеристиките на охридскиот говор од тој период претставува аргумент тој да се смета за „првата печатена македонска книга“, како што вели Гане Тодоровски.
– Континуитетот на живоста на македонскиот збор е многувековен, кој во пишувана форма започнал да се воведува од 16 век, со преводот на зборникот „Сокровиште“ (Венеција, 1558), напишан од Дамаскин Студит на грчки народен јазик. Првиот словенски превод бил направен во Македонија од страна на епископот пелагониски и прилепски Григориј, во периодот од 1560 до 1580 г., на црковнословенска основа, со проткаени народно-говорни елементи од југозападна Македонија. Во XVII век се засилила и иницијативата за пишување мешовити зборници, во кои започнале да се користат термини потребни за секојдневното живеење: како лексика од медицината, терминологија потребна за просветата и образованието итн.

Дамаскинарската литература, ракописните споменици што се определени како македонска јазична редакција, како и првпат отпечатените македонски зборови во Данииловиот „Четиријазичник“, силно влијаеле во почетокот на 19 век врз просветителскиот процес, односно врз македонската културна преродба, која започнала со печатењето книги, речници, учебници, буквари на македонски народен јазик, што водело кон тенденцијата за нормирање современ македонски литературен јазик – накратко го претставува континуитетот на македонското литературно творештво професорката Валентина Миронски-Христовска од Институтот за македонска литература во Скопје, потврдувајќи го значењето на „Речникот од четири јазика“ од Даниил Москополец, како прво печатено сведоштво на македонскиот народен збор.