Карикатура: „Нова Македонија“

Користењето на придавката „македонски“, особено за означување на потеклото на производите, како проблем е неосновано запоставуван и иако е суштински, сѐ уште кај нас е некако потиснуван во втор план. Да биде ситуацијата уште понеповолна за нас, Грција своевремено (кога од регионот била единствена членка на ЕУ) си го регистрирала терминот „Македонија“ како ознака за потекло на нејзините производи, создавајќи монопол на сите придавки што произлегуваат од него (македонски, македонска итн.). Сега постои силна реална опасност дека нашите производи за извоз нема да можеме да си ги означиме како македонски!?

Реална опасност дека нашите производи за извоз нема да можеме да си ги означиме како македонски

Функционалноста и одржливоста на меѓународните договори, емпириски се проверува преку нивната применливост. Всушност нивното почитување, односно практикувањето на правата и обврските што произлегуваат од нив, го прават конкретниот договор „жив и одржлив“. Меѓутоа, дали е тоа случај со фамозниот Преспански договор? Или со други меѓународни договори што сме ги склучиле, сакајќи да ги задоволиме аспирациите на своите соседи, а и да ги „одоброволиме“ за да не нѐ блокираат во нашиот евроинтеграциски и општ напредок како нација и држава.

Опасност од тешки девијации заради сообразување со Преспанскиот договор

Да го земеме за пример бизнисот. Сѐ повеќе е очигледно дека на работењето на македонскиот економски бизнис-сектор (соочен со предизвиците на политичката реалност предизвикана од гореспоменатиот договор), му се закануваат тешки девијации. Имено, за македонскиот бизнис тоа конкретно е поврзано со употребата на термини (имиња) за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци, а произлегуваат од употребата на терминот Македонија. Во политичките приоритети што досега се форсирани во контекст на Преспанскиот договор, беше и користењето на именката „Македонија“. Од друга страна, користењето на придавката „македонски“, особено за означување на потеклото на производите, беше неосновано запоставувана во втор план. Да биде ситуацијата уште дополнително понеповолна за нас, Грција своевремено (кога била единствена членка на ЕУ од регионот) си го регистрирала пред надлежните институции во ЕУ терминот „Македонија“ како ознака за потекло на нејзините производи, создавајќи монопол на сите придавки што произлегуваат од него (македонски, македонска итн.). За тоа до неодамна речиси малкумина (дури и во ЕУ) биле свесни, односно дека Грција на тој начин го решила означувањето на своите производи во Унијата. Но дали таа итроштина на Грција е легална?

Регистрирањето во ЕУ на терминот „Македонија“ од Грција само за грчки производи не е во согласност со Лисабонскиот договор

Добро е да се знае дека ваквото решение што го издејствувала грчката политика во ЕУ е во колизија со Меѓународниот договор за географски називи на производи (Лисабонски договор, според кој се решаваат евентуалните спорови околу имињата за комерцијална намена и трговските марки). Но токму затоа Грција го нема ратификувано овој меѓународен договор! Меѓутоа, во ваква актуелна состојба, на македонските бизнисмени (и држава) ќе им бидат потребни голема упорност, доследност, аргументирана непопустливост за стипулирање (договори, утврди) и задржување на придавката „македонски“ на своите производи при пласман на меѓународниот пазар.
– Во согласност со одредбата од спогодбата од Преспа, формирана е Меѓународна група на експерти, во која учествуваат стручни професионалци, како од наша, македонска страна, така и од грчката, за темата на трговските марки и употреба на имиња за комерцијални цели. Целта на работата на оваа комисија е да ги поттикне бизнис-заедниците во двете земји да преговараат околу евентуалните проблеми со содржината на имињата на производите. Ако не можат да го решат проблемот, бизнис-заедниците треба да се обратат до својот дел од комисијата, за да се најдат решенија во согласност со меѓународната регулатива. Треба да се знае дека работата на комисијата, т.е. на Меѓународната група на експерти е на рамноправна основа и евентуалните забелешки од бизнис-заедниците околу користењето на трговските марки, означувањето на потеклото на производите… би се решавало врз основа на правична примена на меѓународната регулатива! – вели адвокатот Валентин Пепељугоски, дел од македонскиот експертски тим.

Има и компромисни решенија, но треба да се постигне компромис

Во однос на употребата на придавката „македонски“ во имињата на производите што потекнуваат од Македонија (но и од Грција), амбасадорот Ѓорѓи Филипов, координатор на македонскиот дел и копретседавач на Меѓународната група на експерти (МГЕ) за трговски марки, формирана во согласност со спогодбата од Преспа, цени дека тие можат и понатаму да се пласираат така именувани на меѓународниот пазар, но со назначување на етикетата на меѓународно признаеното име на државата, како земја на потекло. Тоа би значело дека на етикетите од македонските производи би било наведено дека се македонски, но и дека се „продукт од Северна Македонија“, но и грчките производи дополнително мора да бидат означени како „продукт од Грција“, иако во ЕУ веќе ја имаат регистрирано одредницата за потекло.
– Постоењето на трговските марки е да се направи дистинкција меѓу производите, за да не предизвикува забуни кај потрошувачите на пазарот. Во досегашната практика на пазарот во ЕУ, откако Грција си го регистрирала правото на ознака на регионално потекло, не се правеше разлика меѓу регионот Македонија и државата. Тоа е затекната состојба од времето кога само Грција била членка од ЕУ, од сите земји што имаат дел од регионот Македонија (покрај нашата земја, тука се и Бугарија, Албанија, па извесен дел има и во Косово и во Србија). Ниту во ЕУ тогаш не обрнале големо внимание на ваквиот потег на Грција, веројатно поради тогашниот недостиг од интерес за овој регионален пазар. Но сега ситуацијата е поинаква и потребно е сообразување и координирање со таквата реалност. Затоа е формирана и Меѓународната експертска група, да им помогне на стопанствениците од двете земји да ги решат недоумиците што би се појавиле како проблем од оваа затекната состојба. Бидејќи станува збор за приватни трговски марки, тоа треба да се договори на ниво на бизнис- заедниците, а државните субјекти можат да се вклучат само со експертска помош – вели амбасадорот Филипов.

Што е Меѓународната група на експерти (МГЕ) и што треба да сработи за решавање на прашањата за трговските марки

Меѓународната група на експерти (МГЕ) за решавање на прашањата за трговските марки, комерцијалните имиња или географските називи е формирана во согласност со спогодбата од Преспа, чл. 1.3.ж. Таа работи двојно: а) преку заеднички средби, кои се одржуваат наизменично во Скопје и Атина и б) секој дел (македонски или грчки) поединечно во насока на охрабрување, советување и толкување на одредени состојби од спомната проблематика. Групата е формирана на 22 јуни 2019 и досега се одржани две средби официјални по една во Скопје и Атина, а поради ковид-кризата соработката на двете групи се сведува на онлајн кореспонденција, додека и грчкиот и македонскиот дел работат многу интензивно на сопствен терен, што е и нејзина основна задача. Создаден е правилник за работа на групата, кој е усогласен со спогодбата од Преспа и со договорите што ги имаат потпишано членовите на МГЕ со соодветните МНР на Грција и Македонија. Во крајна инстанца, сѐ се сведува на асистенција на деловните заедници и институциите од двете земји (Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопанските комори и Стопанската комора на Северозападна Македонија, како и асоцијацијата на информатичките компании МАСИТ од македонска страна и нивните хомолози од грчка страна) во разговорите што тие би ги воделе и дискутирале или одлучувале за прашања, каде што сметаат дека одредена трговска марка, комерцијално име или географски назив би ги довеле во заблуда потрошувачите околу производителот или географското потекло на производот.
– Запознаени сме со фактот дека постојат контакти меѓу деловните заедници, меѓутоа досега не сме повикани на заедничка билатерална средба на која присуствувале и грчки и македонски деловни претставници.

Од друга страна, МГЕ – македонски дел, соработува со заедниците, одржувани се и семинари во Стопанската комора на Северна Македонија, разговарано е со претставници на СКМК, МАСИТ, како и со претставници на СК на СЗМК и со асоцијацијата на винопроизводители „Вина од Македонија“ – вели амбасадорот Ѓорѓи Филипов, координатор на македонскиот дел и копретседавач на МГЕ за трговски марки во согласност со спогодбата од Преспа.
Според амбасадорот Ѓорѓи Филипов, засега работите на комисијата се одвиваат во согласност со македонските и грчките закони, како и законите на Европската Унија од оваа област, но и меѓународните конвенции за индустриска сопственост и Светската трговска организација.
– Тоа значи дека правата на трговските марки се регулираат во согласност со постојните закони. МГЕ им стои на располагање на деловните заедници три години од формирањето (значи, до есента 2022) и ако не постојат отворени прашања таа би требало да престане да работи, а прашањата натаму би се решавале во согласност со домашните и меѓународните закони. Тоа е регулирано и во самиот чл. 1.3.ж. Меѓутоа, македонскиот дел на МГЕ ги охрабрува и повикува македонските и грчките бизнисмени да ја интензивираат соработката и да разговараат, па дури и да не постојат отворени прашања – порачува Филипов.