Фото: Игор Бансколиев

Во април 1896 година, тогашниот бугарски кнез Фердинанд и иден цар на Бугарија, во разговор со дипломатскиот претставник Владан Ѓорѓевиќ, истакнал: „Во Македонија, главна маса од населението ниту се Бугари ниту Срби, туку Словени и христијани, кои зборуваат јазик еднакво далечен или, ако сакате, еднакво близок на српскиот и на бугарскиот јазик, но јазик што е посебен дијалект, ако не и посебен јазик.“ Не треба да се заборави и мемоарот на Фердинанд за реформи во Македонија до рускиот цар Николај Втори од 1903 година, во кој се вели: „Бидете уверени, Ваше Величество, дека тој проект ќе биде прифатен од македонскиот народ, кој никогаш не се води од панбугарските идеи.“ Во овие извори јасно може да се види дека Фердинанд говори за посебен македонски јазик и македонски народ. Ова се историските факти, а „пред фактите и боговите молчат“

Во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се вели дека заедничката комисија за историски прашања ќе придонесе за објективно и научно толкување на историските настани врз основа на автентични и на докази засновани на историски извори. Во оваа формулација нема ништо спорно, затоа што историчарите сознанието за минатото го темелат врз основа на историските извори, а меѓу нив се и пишаните извори, кои се во облик на извештаи, писма, весници, дневници, мемоари итн. Но Комисијата за историски прашања не беше оставена да ја извршува својата задача врз основа на историските извори. Напротив, нејзината работа беше политизирана од страна на бугарската држава.
Не треба да се заборави дека сите ние бевме сведоци на закани и уцени што пристигнуваа од Бугарија. Во овој дух беше и изјавата на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која истакна дека Бугарија не го оспорува правото на Македонија на самоопределување, ниту нивното право да го нарекуваат својот јазик како што сакаат. „Ние сме подготвени да ја потврдиме сегашната реалност, но тие треба да ја признаат ’историската вистина.’“

Ако внимателно се анализира, може да се заклучи дека бугарската политичка елита не е заинтересирана за историската вистина. Доколку ја интересираше вистината и само вистината, ќе ја оставеше намира комисијата да си ја извршува својата задача и немаше да употребува закани и уцени. Сосема логично се наметнува прашањето доколку историските извори ја потврдуваат бугарската „историска вистина“, зошто бугарската елита се служи со притисоци? Одговорот е многу едноставен, доказите засновани врз историските извори не ги потврдуваат бугарските тези за минатото на македонскиот народ. Очигледно е дека бугарската елита се плаши од историската вистина и затоа постојано врши политички притисок врз Македонија, со што ја обезвреднува работата на Комисијата за историски прашања.
Постојат стотици извори што потврдуваат дека македонскиот народ не е творба на Коминтерната и Тито, туку на повеќевековен историски процес. Со намера да го потврдиме ова искажување ќе посочиме историски извори со кои е запознаена и бугарската историска фела.

Во април 1896 година, тогашниот бугарски кнез Фердинанд и иден цар на Бугарија, во разговор со дипломатскиот претставник Владан Ѓорѓевиќ, истакнал: „Во Македонија, главна маса од населението ниту се Бугари ниту Срби, туку Словени и христијани, кои зборуваат јазик еднакво далечен или, ако сакате, еднакво близок на српскиот и на бугарскиот јазик, но јазик што е посебен дијалект, ако не и посебен јазик.“ Не треба да се заборави и мемоарот на Фердинанд за реформи во Македонија до рускиот цар Николај Втори од 1903 година, во кој се вели: „Бидете уверени, Ваше Величество, дека тој проект ќе биде прифатен од македонскиот народ, кој никогаш не се води од панбугарските идеи.“
Во овие извори јасно може да се види дека Фердинанд говори за посебен македонски јазик и македонски народ. Ова се историските факти, а „пред фактите и боговите молчат.“

Да завршиме со Лукијан од Самосата, кој вели дека историчарот не смее да пишува во сообразност со современите собитија само за да добие пофалба или чест од современиците. Тој треба постојано да го има на ум времето што доаѓа, да пишува за потомците, од нив да го бара надоместот за она што го сработил. За него треба да велат: „Овој бил слободен и искрен човек. Кај него нема ласкање, нема понизност; од неговите зборови блика вистина. Човекот не треба да размислува за она што му треба денес, та да се обидува да им угоди на оние што се сега на цена. Треба да се пишува во име на вистината, со ум свртен кон иднината. Тоа е правилото, тоа е мерката врз која почива добро напишаната историја.“