Фото: Маја Јаневска-Илиева

Едно е народ, сфатено како нација, а друго е граѓанство – граѓанин на одредена држава. Тоа значи дека сите, како граѓани на една држава, во случајов, Република Македонија, сме едно. Меѓутоа, од тоа не произлегува дека како народ (припадници на етички заедници) сме едно. Доколку овој принцип на разликување не се почитува, може да доведе до бришење на нацијата, сфатена како етнос. Тоа значи бришење на сите национални карактеристики како: јазик, историја, традиција, фолклор…

Идејата за спроведување т.н. македонски концепт, односно концепт за македонска политичка нација, до скоро подискретно, а сега сѐ почесто, отворено и директно се актуализира. Во сите споменувања тој концепт се промовира како едно од решенијата за надминување на сите поделби во општеството и сигурен пат до остварување на евроинтеграциските цели. Споменатиот концепт на прво слушање звучи исклучително прифатлив, со енергија што обединува гравитирајќи околу една идеја, во светлината на толеранција и уважување внатре во едно општество и држава. Такво нешто најчесто сме среќавале во теориите, а овој пат се нуди во практика, кај нас.
Интересни позиции на концептот за македонска политичка нација во јавноста лансира и брани политичарот Петар Богојевски (од десничарска провениенција), кој во своите колумни гласно се залага за македонската политичка нација како носечка идеја на платформата „Македонски концепт“.

– Иднината на оваа држава е повторно она што извира од догмата на ВМРО – тоа е промоција на современата македонска политичка нација, кон која чувство на припадност ќе имаме сите, денес присутни во државава. И македонисти и антички Македонци и македонски Бугари… и Албанци и Срби… и Турци и Власи… сите на купче ќе бидеме чеда на Републиката, сите ќе си бидеме Македонци! Така ќе си живееме среќно и весело. Така оваа максима „Македонија на Македонците“, ќе ја добие својата вистинска смисла… Да не се лажеме! Умре времето на етнос. Сега не се знае кој со кого е направен. Ако сакаме да опстои современата македонска нација, таа може да продолжи само како политичка нација! А во неа ќе си бидеме сите топтан.

Тогаш сите пораки од Софија, од Атина, од Белград, од Тирана, од Приштина, од Брисел, од Берлин, од Париз, со свиркање ќе си ги дочекуваме. Тие ќе си лаат, ние ќе си тераме напред. Во стилот на онаа „кучињата лаат, ние ќе си тераме напред“. Во стилот на онаа „кучињата лаат, карванот си врви“. Така и ние, во овие историски времиња – пишува Богојевски во една од своите колумни.

Дали елементи на овој концепт случајно се совпаднаа со една изјава на премиерот Заев кога во една пригода спомена „мојот мултиетнички народ“, која беше изречена во контекст на Националната стратегија за развој на концептот едно општество и интеркултурализмот во Македонија, наречен – Едно општество за сите? Навистина, идеите за интеркултурализам имплицираат позитивен и цивилизациски напредок, но во согледување на целосната слика и во комплексните околности во кои се наоѓаме, се наѕираат и можни предизвици и стапици содржани во овие тези. Неколку интелектуалци со кои се консултиравме, професори и дипломати од кариера, фрлаат друго светло на т.н. тези за македонска политичка нација.

– Во нив воопшто не се прави разлика меѓу поимите „народ“ (во смисла – демос, популос) и нација (етнос), или она што Хрватите го нарекуваат „пуќанство“ што упатува на граѓанство. Според тоа, едно е народ, сфатено како нација, а друго е граѓанство – граѓанин на одредена држава. Тоа значи дека сите, како граѓани на една држава, во случајов, Република Македонија, сме едно. Меѓутоа, од тоа не произлегува дека како народ (припадници на етички заедници) сме едно. Доколку овој принцип на разликување не се почитува, може да доведе до бришење на нацијата, сфатена како етнос. Тоа значи бришење на сите национални карактеристики како: јазик, историја, традиција, фолклор – вели професорот по филозофија Љубомир Цуцуловски.

Промовирањето на концептот за македонска политичка нација, во контекст на актуелните внатрешни, но и надворешни политички односи во и на Македонија, поранешниот дипломат Ристо Никовски смета дека таквите идеи водат кон разнебитување на македонизмот.

– Целта за создавање некаква политичка нација во Македонија е многу јасна – бришење на македонскиот народ. Тој концепт е американски и се спроведува веќе триесетина години, веднаш по стекнувањето на независноста на Македонија како држава. При евентуална таква солуција, Албанците остануваат тоа што се (бидејќи нив никој не ги оспорува), и со други зборови, на еден или друг начин државата ќе стане главно албанска. Со законот за албанскиот јазик (Законот за употреба на јазиците) Македонија станува своевидна јазична федерација и неформално – трета албанска држава. Тоа е таа процедура со која се разнебитуваат Македонците и доаѓаат до израз Албанците. Сѐ што капитулантски прифаќаат нашите актуелни политичари, води во таа насока и спроведувањето на идејата за политичка нација ќе биде врвот во уништувањето на македонизмот. Договорите со Грција и со Бугарија, како и законот за албанскиот јазик се веќе реализирани процеси во разнебитувањето на македонизмот.

Кога сето тоа е спроведено и е создадена јазична федерација, сѐ понатаму е техника до создавањето политичка федерација – вели амбасадорот Ристо Никовски, говорејќи за скриените предизвици и стапици содржани во концептот за македонска политичка нација.

Фото: Дарко Андоновски