Во врска со ставот на Грчката Влада дека Премиерот Зоран Заев и Светиот Синод на МПЦ побарале од Светиот Синод на Вселенската Патријаршија со бришење на името Македонија да биде признаена автокефалноста Охридската Архиепископија, претседателот на Македонска Aлијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, упати реакција преку соопштение.

– Македонската Алијанса сака да верува дека Светиот Синод на МПЦ-ОА не влегол во некаква авантура за загрозување на македонскиот национален идентитет. Црковните власти својот легитимитет го црпат од македонските верници кои векови наназад заштитата од крвниците на македонскиот идентитет ја гледаат токму во црквата. Сигурни сме дека Светиот Синод е свесен дека таквиот евентуален грев, македонскиот народ никогаш нема да им го прости! Напротив, македонскиот народ очекува поддршка од Светиот Синод на МПЦ-ОА и заедно рамо до рамо да го браниме светото христијанско и вековно име Македонија – се наведува во соопштението.

Македонска Алијанса бара референдум за преговорите за името.

– Ниту еден политичар или партија немаат мандат за да го распродаваат светото македонско име и национален идентитет. Сакаме да знаме дали Заев, Димитров и Шекеринска се подготвени да прифатат Горна или Северна Македонија за ново уставно име. Тие, пред воопшто и да помислат да стават потпис на нов меѓународен договор, требаат прво да го прашаат македонскиот народ дали се согласува со промена на Уставното име! Македонскиот народ конечно мора да се изјасни дали одобрува политичарите во негово име да преговараат за светото македонско име и идентитет – смета Македонска Алијанса.