Фото: Игор Бансколиев

Иако спорењето од страна на Бугарија за постоењето на македонскиот јазик, народ и историја има долга традиција, а бугарскиот хегемонизам од одредени институции и поединци со децении беше различно изразуван од нив, со потпишувањето на договорот за добрососедство со Македонија таквите тенденции добија конкретна форма и облик. Иако македонската страна (поттикната од ЕУ и интегративните процеси) тргна во проектот за добрососедски договори со многу доверба и верба во вредностите на Унијата и меѓународното право, другата договорна страна, за жал, имаше различна диоптрија и цели

Подметнувања со умисла од страна на Бугарија, во договорот за добрососедство со Македонија

Потпишан пред три години, на 1 август 2017 година, договорот за добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија почнува сѐ поинтензивно да ги покажува стапиците на неговата асиметричност во обврските за едната, односно нашата договорна страна.
Имено, сѐ појасно станува постоењето на извонредно филигрански искреирани стапици за македонската страна. Замислата за тоа што треба да биде духот на добрососедскиот договор ние ја прифативме како верба во меѓународното право, во Повелбата на ОН, во универзалните вредности на индивидуите и колективитетите, со заемно уважување и соработка заради повисоки заеднички цели на просперитет и благосостојба. Но се случува нешто друго. Нашата волја за добрососедство доби форма и содржина во која соседите испроектирале свои долгорочни унилатерални цели.

Токму таквите елементи сега бугарската договорна страна почнува најбезобѕирно да ги активира, ултимативно, во процесот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Иако во односниот добрососедски договор е наведено дека Бугарија, како членка на ЕУ, ќе ѝ биде поддршка на Македонија во исполнување на критериумите за членство во Унијата, а викендов и еден поранешен највисок бугарски функционер изрази свое мислење дека нема да бидеме блокирани на првата меѓувладина средба, бугарските политичари не пропуштаат ситуација отворено да се заканат дека ќе блокираат доколку Македонија не ги исполни преземените обврски во однос на усогласувањето на историјата, односно прифаќање на бугарската верзија како заедничка историја, а следствено на тоа и деградирање на македонскиот јазик како западнобугарски дијалект.
Во спротивно, Бугарија ќе ја блокира секоја фаза на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, почнувајќи од првата меѓувладина конференција, доколку нејзините барања не бидат инкорпорирани во преговарачката рамка.
– Бугарија ќе оди докрај со ваквите неразумни побарувања и уцени за Македонија, доколку не ја запре меѓународниот фактор, т.е. ЕУ, укажувајќи ѝ дека тоа не е соодветен начин за градење односи во Унија изградена на демократски принципи.

Ќе одат докрај зашто ова им е последна шанса да го реализираат она што претставува нивна амбиција и фрустрација од формирањето на бугарската држава, а тоа е Македонија и Македонците да прифатат дека се дел од Бугарија. Всушност, основната интенција на договорот за добрососедство од 2017 година е Македонците да прифатат сѐ во насока на бугарските тези за еден народ и дека македонската нација е од 1944 година. Тоа што не им успеа со асимилацијата и денационализацијата на македонското малцинство во Бугарија, сега им се укажува можност преку политичките методи на македонските политичари да поставуваат услови за Македонија во контекст – немате иднина без нашето минато – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Како најзабележливо ирационален момент во договорот за добрососедство и соработка, Чепреганов ја наведува одредбата според која државите треба да се договорат за заедничка историја. Историчарот смета дека тоа досега не се случило, а особено е контрадикторно во 21 век да се случува политичарите да нудат решенија за историски прашања, односно комисиски да се договара некаква заедничка историја.
– Пред сѐ, Македонија и Бугарија имаат две различни колективни мемории, кои не се компатибилни. Ние Македонците ги немаме нивните приказни во нашата меморија, а тие се присилуваат себеси нашите приказни да ги слават како свои.

Илинденското востание во Бугарија го славеле Македонците што живееле таму, а не бугарската држава. Дури во 1968 година, Тодор Живков (период од кој и самите Бугари би сакале да си направат пауза во сопствената историја) го преименува за бугарско историски, Илинденското во Преображенско востание. И сега предложената заедничка историја, Бугарија сака да ја пишува сама. Од здраворазумски аспект е несфатливо како би можел некој да се пазари со сопствената колективна меморија. Без преседан е за влез во некоја организација да си ја промените колективната меморија – вели Чепреганов.
Уште една клучна слабост на договорот за добрососедско со Бугарија, но и на Преспанскиот договор со Грција е што Македонија преку нив се откажува од своето малцинство во овие соседни земји.
– Сега ни се случува ново национално разградување на ткивото на македонскиот народ. Ако порано нѐ делеле некои други, сега македонските политичари и државници самите го делат македонскиот народ. Атина и Софија искористија една состојба на промена на геополитичката ситуација во Европа, за да ги остварат соништата на нивните мегаломански политики. Имаме ситуација наша влада, наши државници да прифатат дека во егејскиот дел нема Македонци, нема македонско малцинство. Кај Бугарите, пак, има нешто друго. Тие самите се откажаа од побарување бугарско малцинство го Грција, туку дека со размена на население и иселување го снемало од таму (притоа мислејќи на македонското население)… Ако веќе не можат да имаат такви побарувања за бугарско малцинство спрема Грција, заради сојузништвото во ЕУ и во НАТО, тогаш решија да бараат дека македонскиот народ и бугарскиот народ се едно, односно дека Македонците се Бугари од Македонија.

Сега со оној потпишан договор со Бугарија од 2017 година, настојуваат да извлечат признание дека ние немаме сопствено историско минато, туку дека тоа е заедничко – изјави во едно медиумско гостување универзитетскиот професор по историја, Михајло Миновски.
Академикот на МАНУ, Ѓорѓи Поп Атанасов, кој и самиот потекнува и се образувал во Пиринска Македонија, која географски ѝ припаѓа на Бугарија, оценува дека договорот за добрососедство е во полза на Бугарија и нивните тези дека сѐ што е македонско е бугарско.
– Циничната стапица во тој договор е што самите треба да се прогласиме за немакедонци. За жал, со многу постапки на македонската влада веќе е избришано македонското малцинство во Бугарија. Дури и во Општословенскиот лингвистички атлас што го издаде МАНУ просторот за македонски дијалекти во Пиринска Македонија е празен, односно како да не се правени истражувања или се оставени да бидат дел од бугарските дијалекти – вели академик Поп-Атанасов, кој е загрижен дека во голем дел за оваа состојба на уцена од соседите за Македонија придонесува и ниската национална и државна свест како на македонските политичари, но и на граѓаните, кои како да се помириле со немакедонската иднина што претстои доколку и понатаму се прават отстапки со националниот идентитет, историја и со македонскиот јазик.