На последниот министерски совет во Брисел беа утврдени и насоките како ќе се развива и ќе дејствува македонската армија како дел од НАТО. За тоа што значат овие промени за нашата армија побаравме одговори од универзитетски професори од областа на безбедноста и одбраната

ДЕФИНИРАНА УЛОГАТА НА АРМ
ВО РАМКИТЕ НА НАТО

Македонија во годините што следуваат ќе развива лесна пешадиска баталјонска група за нашето дејствување во НАТО. Овие правци во нашата одбрана беа одредени од НАТО, на последниот министерски совет во Брисел, на кој се утврди како ќе се развива и ќе дејствува македонската армија како дел од Алијансата.
– Идејата е земјите-членки меѓусебно да се поддржуваат и помагаат во справувањето со идните предизвици, особено имајќи предвид дека секоја земја развива специфични капацитети, кои заедно ја прават Алијансата поцврста и поподготвена да ги гарантира безбедноста и стабилноста на евроатлантската област – соопшти за оваа тема Министерството за одбрана.
Министерката Шекеринска неодамна информира дека ќе се набавуваат и најсовремени оклопни возила, кои ќе бидат наменети за оваа баталјонска група, а обезбедени се и комплетни униформи, целосна спортска опрема, ГПС и дополнителна логорска опрема, која е дел од опремата што ѝ припаѓа на една ваква група.
Оваа чета во наредниот период ќе биде оценувана во согласност со НАТО-стандардите, по што ќе може да се вклучи во мисии на Алијансата.
За тоа што значат овие промени за нашата армија и каква ќе биде улогата на нашата војска во операциите на НАТО побаравме одговори од универзитетски професори од областа на безбедноста и одбраната.
Тие објаснуваат дека, според она што е досега утврдено од надлежните, доколку во светот избие конфликт каде што се загрозени интересите на НАТО, може да се очекува дека Македонија ќе го даде својот пешадиски придонес во евентуални вакви случувања.

Одржувањето на мирот – најскапа инвестиција

Универзитетскиот професорот Методи Хаџи-Јанев вели дека нивото на кој начин и како ќе учествува Македонија во колективната безбедност на Алијансата е одредено врз основа на процените на НАТО за нашите безбедносни способности.
– Токму врз база на овие проценки е заклучено како може нашата армија најдобро да придонесе за колективната безбедност на НАТО. Еден од овие механизми во рамките на здруженото дејствување на АРМ во Алијансата е развојот на лесна пешадиска баталјонска група за во НАТО – вели професорот.
Тој објаснува дека сличен е случајот и со други помалобројни држави од регионот, кои преку развојот на оваа пешадиска група за потребите на Алијансата си ја подобруваат целосно армијата.
– Функционирањето на оваа модерна единица е скапа работа за Македонија, бидејќи и одржувањето на мирот е најскапото нешто за секоја земја, како предуслов таа да е безбедна и врз основа на тој предуслов натаму да го гради своето општество, економија, култура… – вели професорот.
Според Хаџи-Јанев, овој стратегиски развој на борбената група не треба да се разбере дека армијата ќе се најде на линија на огнот во мисии во странство, туку треба да се разбере дека војската ќе ја извршува улогата на модерните безбедносни системи, кои подразбираат превенција од заканите пред да се случат.
– За возврат на овие наши безбедносни активности, ние од сојузот имаме други компензации за нашиот мир, а тоа се воздушната поддршка, разузнавачкиот систем на споделување информации, гаранцијата за здружен одговор кон потенцијалниот непријател на Македонија, но и целосниот колективен систем на сојузот за политичко и безбедносно дејствување што ни стои на располагање – вели Хаџи-Јанев.
Тој посочува дека ако хипотетички некогаш во иднина на Македонија ѝ биде побарано учество на војниците во некоја мисија, тоа не значи дека работата е завршена и некој од НАТО ќе одлучи што ќе се случи со нашата војска.
– И во овој процес, цивилниот мониторинг на случувањата е запазен и секоја одлука за испраќање воена мисија на македонската армија во странство мора да биде поддржана и одобрена од парламентот и надлежните институции на државата – вели професорот.

Зададени цели до 2024 година

Професорот на Воената академија, пак, Оливер Андонов вели дека одлуката за развој на македонската лесна баталјонска група за потребите на НАТО, на која сега се повикува Алијансата, е практично одговор на тоа што Македонија му го понудила на воениот сојуз.
– Нашата држава очигледно на воениот сојуз му ги ставила на располагање нашите пешадиски сили, а сега НАТО само ја прифаќа понудената опција од државата – вели професорот.
Тој објаснува дека за да функционира оваа борбена група, потребна ѝ е модернизација на опремата, а токму затоа можеби и се наменети набавките на лесните американски оклопни возила „страјкер“.
– За да се разберат димензиите на големината на оваа единица, треба да се истакне дека во воената наука, оваа единица е слична на лесните баталјони на некогашната ЈНА, кои имаа до 1.300 војници. Овие групи од оружена техника во своите редови располагаа со минофрлачи, подвижни теренски возила и лесни ракетни лансирни системи, со гранати од 120 милиметри. Нивната намена беше фронтовска и теренска, да дејствуваат кон непријателот, во склоп на поголеми борбени единици што располагаат со сериозна воена тешка машинерија. Во сличен формат е замислена и оваа НАТО-лесна баталјонска група, која на терен ако, се јави потреба за тоа, би дејствувала во склоп и заедничка команда на обемни сојузнички армии. Хипотетички, нашите војници би ги командувал, на пример, германски или италијански генерал ако би војувале во конфликтот во Украина – вели професорот.
Тој истакнува дека во моментов ние имаме цел зададена од НАТО до 2024 година да го постигнеме очекуваниот резултат на ова поле.
Професорот советува дека Македонија во годините што следуваат би требала да ја преиначи својата заложба во сојузот и, наместо пешадија, на располагање на Алијансата да ги стави својот медицински и логистички персонал.
– На овој начин би биле принудени да ги развиваме армиските медицински сили, од кои истовремено во мирнодопски цели полза би имале и цивилните тела, во смисла на битка и справување со пандемијата – истакнува професорот.
Андонов истакнува дека ваков пристап за развој на други области од армијата што би се ставиле на располагање и на НАТО и на државата има Албанија, која ја искористила можноста да му најави на сојузот дека ќе инвестира во поморските сили, каде што степенот за ризик е помал по животите на војниците, и дека истите тие ќе му бидат на располагање на сојузот, а истовремено воените пловила државата ќе може да ги користи за заштита на државата од мигранти.

[email protected]