Фото: Архива

Извесно е дека Бугарија ќе ја блокира одлуката за почеток на преговорите со Македонија на утрешниот состанкот на Советот на ЕУ, останувајќи на тврдите позиции за македонската евроинтеграција и не дозволувајќи да биде усвоена преговарачката рамка што треба да го отвори патот за одржување на првата меѓувладина конференција и почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Официјално Скопје, пак, ќе настојува да се дојде до решение, иако потврдува дека шансите за промена на ставот на Софија се мали.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека тој никогаш не губи надеж, а предупреди и дека може да дојде до развој на непосакувани настани на двете страни од одлуката на Софија.

И шефот на дипломатијата Бујар Османи се надева дека до одржувањето на Советот на ЕУ ќе може да се дојде до приближување на ставовите.  Неговата колешка Екатерина Захариева, пак, вели дека Бугарија кажува „не“ за старт на преговорите сега, а не и на членството на Македонија во ЕУ, бидејќи Софија смета оти Скопје во моментов не е подготвено да ги исполни условите за почеток на преговорите. Захариева одговорноста за проблемот целосно ја префрла на македонската страна.

Бугарската Влада во петокот на вонредна онлајн седница го утврди ставот на официјална Софија за преговарачките рамки за пристапување на Македонија и на Албанија во ЕУ, што треба да бидат разгледани на состанокот на Советот за општи работи на 17 ноември. Не беа соопштени детали во врска со утврдената позиција.

Бугарија на последниот состанок на амбасадорите на ЕУ на 6 ноември се спротвстави на усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија. Советот за општи работи на ЕУ на кој треба да се усвои преговарачката рамка, претходно беше одложен, за да им се даде дополнително време на Скопје, Софија и на германското претседателство, како медијатор, да ги приближат позициите и да постигнат заеднички прифатлив договор.