Фото: Маја Јаневска-Илиева

Термините и роковите за масовно вакцинирање на населението варираат од држава до држава. Некаде тие се бројат во денови, некаде во недели и месеци, а некаде веќе е во тек постапката за имунизација. Какви се состојбите во нашата држава

Светот живее за моментот на одбројувањето на деновите кога ќе биде прогласен крајот на пандемијата на коронавирусот. Во јавноста сѐ повеќе се појавуваат информации за подготовка на државите за организирано и систематско вакцинирање на населението против оваа опасна болест.

Како се подготвува светот за вакцинирање на населението

· Британија стана првата земја во светот што ја одобри употребата на вакцината произведена од германската фармацевтска компанија „Бионтек“ и нејзиниот партнер од САД, „Фајзер“. Според најавите, вакцинацијата на населението во Британија почнува од наредната недела. Би-би-си на оваа тема информира дека Велика Британија веќе нарачала 40 милиони дози, што е доволно да се вакцинираат 20 милиони луѓе. Она што е предизвик е како да се одржи потребната температура од минус 70 степени, колку што е потребно за вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ да остане стабилна.
· Во врска со вакцинирањето во ЕУ, „Дојче веле“ посочи дека одлуката за давање дозвола за вакцинирање во Унијата би можела да се очекува кон крајот на декември, односно почетокот на јануари. Медиумот информира дека вакцинацијата во Европа би можела да почне непосредно по Нова година.
– За вакцината развиена во Германија веројатно ќе биде донесена одлука на 29 декември, за американската вакцина – на 14 јануари. Доколку сѐ оди според планот, од почетокот на јануари во ЕУ би можело да почнат првите вакцинации со имунизирачкото средство на „Бионтек“, а за оваа намена ЕУ веќе купи 2 милијарди дози за 27-те земји-членки – информира медиумот.
· Кина официјално информира дека вакцините против новиот коронавирус што се развиваат во земјата станале достапни за поширока употреба минатиот месец. Според пишувањата на медиумите, Кина во моментов работи на четири вакцини против ковид-19, кои се во завршната фаза на клиничкото испитување, а досега спроведе серија тестирања на населението со вакцини против ковид-19.
· И руските власти информираа дека во Централниот воен округ на Русија почнала вакцинацијата против коронавирусот со вакцината „спутник 5“. Таму прво ќе биде вакциниран военомедицинскиот персонал што учествува во дијагностицирањето и лекувањето пациенти со ковид-19, па војниците на борбено дежурство, како и командниот состав и единиците во воените бази.

Рускиот министер Сергеј Шојгу најави почеток на вакцинација за војската. Планирано е да бидат вакцинирани повеќе од 400.000 руски војници со вакцината „спутник 5“ против ковид-19. Имено, вакцината „спутник 5“ ја произведува научноистражувачкиот институт „Гамалеја“, во соработка со рускиот фонд за директни инвестиции. Таа на 11 август доби потврда за регистрација од Министерството за здравство на Русија и со тоа е првата регистрирана вакцина против коронавирус во светот.
· Јапонија информира дека ќе обезбеди бесплатна вакцина за коронавирусот за 126 милиони жители на земјата како дел од законот усвоен во вторникот, во време кога архипелагот се соочува со зголемување на инфекциите со ковид-19. Според најавите во Јапонија, вакцинирањето се очекува да почне на крајот на декември, а за таа намена земјата веќе има нарачано вакцини за 60 милиони луѓе од фармацевтската компанија „Фајзер“ и уште 25 милиони вакцини од биотехнолошката компанија „Модерна“, како и 120 милиони дози од вакцината на „Астра Зенека“.
· Од земјите од регионот, пак, Србија информира дека се планира почеток на масовно вакцинирање со руската вакцина против ковид-19, кое ќе се спроведе врз населението за две недели. Како што најавија српските власти, прво ќе бидат вакцинирани лекарите, полицајците и војниците, додека за граѓаните вакцината нема да биде задолжителна.
Но какви се состојбите на полето на вакцинацијата против ковид-19 во нашата земја.

Во Македонија интензивно се работи на организација за системски приод кон вакцинирањето на населението

Министерот за здравство д-р Венко Филипче информира дека ќе се почне со вакцинација кога ќе бидат достапни вакцините против ковид-19 и дека веќе се работи на групите на граѓани за кои ќе има препорака да ја примат оваа вакцина.
– Вакцинацијата со оваа вакцина ќе биде една од најголемите логистички операции што ќе треба да ги спроведе здравствениот систем, за што веројатно ќе ни треба помош и од други сектори – да се примат вакцините, соодветно да се чуваат, да се транспортираат, дистрибуираат до местото каде што ќе им се аплицираат на лицата што претходно ќе бидат селектирани како ризични групи што треба да ја примат вакцината, и ние веќе сериозно работиме на ова поле. Ние ги ангажиравме сите економски оператори што и сега ги чуваат и ги дистрибуираат вакцините. Тие изразија максимална подготвеност и согласност да го поддржат овој систем. Комуницирано е со сите вакцинални пунктови и една американска фондација. Добивме помош со фрижидери со температура до минус 70 за вакцината на „Фајзер“, единствена што е на таа температура, но ние мора да обезбедиме услови и за таа вакцина. Така што сметам дека во делот на прием, во делот на чување на вакцините, дистрибуција до местата каде што ќе бидат аплицирани, планот веќе е подготвен, но многу веројатно е дека во текот на идната недела ќе организираме и една вежба на терен како ќе изгледа тоа – изјави министерот.

Александар Стојанов од Центарот за јавно здравје вели дека работите поврзани со вакцинирањето на нашето население, но и она во другите земји не се воопшто едноставни. Според Стојанов, кога би се спроведувало вакцинирањето против ковид во Македонија, логистиката би била нашиот најголем проблем, бидејќи за оваа намена се неопходни ладилници што би ја одржувале температурата на минус 70 степени. Тој објаснува дека во земјава институциите поседуваат вакви ладилници, но не доволно за потребните количества на државата, и додава дека приватните компании и веледрогерии може да помогнат доколку имаат услови.
Стојанов вели дека вакцинирањето ќе биде можеби и еден од најобемните и најкомплицирани процеси што ги спровел нашиот здравствен систем, за кој во моментов се разработуваат сценарија. Но на прашањето кога би можело да се почне со вакцинирањето, тој сѐ уште е резервиран.
– За мене сѐ уште е непознат терминот кога би ги добиле вакцините и од кој тип и во колкаво количество – вели Стојанов.
Стојанов резимира дека допрва следува процедура во земјава да се види која вакцина од која компанија би ја добила дозволата за употреба, па дури кога ќе се надмине тоа, ќе може да се зборува за терминот.

[email protected]