Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние за „Нова Македонија“

Деновиве во Битола беше одбележана 100-годишнината од Версајскиот договор. Поводот го искористивме за разговор за „Нова Македонија“ со амбасадорот Кристијан Тимоние.

– Ако нешто може да научиме од Версајскиот договор, тогаш тоа се неговите лекции за внимателност и реализам: не смее да има победници ниту победени, туку секое решение треба да ги задоволи сите страни, затоа што пријателите сами ги избираме, но не и соседите. Од друга страна, сметаме дека во перспектива, Унијата кога ќе биде подготвена ќе прими држави што сакаат да соработуваат, а не заедници што во себе сѐ уште го носат чувството на омраза, па макар и од инает. Европската конструкција се базира врз релативизирање на границите во полза на еднаквите права и заедничкото членство – вели Тимоние.

Го прашавме и за тоа што некои земји, како што се Албанија и Косово, не го кријат фактот дека тие се за обединување на сите Албанци во една држава, додека српскиот претседател Александар Вучиќ отворено се залага за разграничување на Србија со Косово, а претседателот на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, не го крие фактот дека тој е за независност на Република Српска.

– Можам да констатирам дека таквите перспективи, доколку се точно формулирани, не се воопшто во духот на приближувањето кон Европската Унија. Но вистина е дека некои идеолози од овие простори треба сосема јасно да изберат помеѓу 19 и 21 век ако не сакаат регионот повторно да биде зафатен од тие наизменични насилства и беда – одговара Тимоние.

Тимоние искоментира и за другите услови што треба да исполни Македонија, освен промената на името, за почеток на преговорите со Европската Унија.

– Земјите-членки на ЕУ едногласно го поздравија договорот, чија вредност претставува позитивен симбол за стабилноста на регионот. Токму ваквите активности и вести може да го променат нашето мислење во позитивна насока и затоа засегнатите страни не треба да ги оспоруваат таквите придобивки, потхранувајќи ја повторно сликата за нестабилен и непредвидлив регион. Ако се земе предвид ова, тогаш барањата за отворање преговори беа други уште од почетокот. Се разбира, прашањето за името мораше да се реши како пречка на патот, но тоа не можеше да ја ослободи земјата од другите технички и правни критериуми. Позицијата на Франција, иако некои жалат за тоа, отсекогаш била, повеќе од другите, сосема јасна во тој поглед – рече Тимоние.