Фото: Игор Бансколиев

Општиот впечаток за тоа колку успешно државата ги воспоставила внатрешните механизми за функционалност е дека Македонија и по 30 години сѐ уште има мноштво слабости, а континуирано се генерираат прашалници и на внатрешен и на надворешен план за тоа каков е всушност карактерот на нашата држава?!

Три децении самостојност

Македонија одбележува 30 години самостојност, три децении вложени напори, заложби, енергија да се создаде демократска држава меѓународно етаблирана и почитувана, но и внатрешно организирана, функционална и способна да одговори на сите потреби и очекувања на нејзините граѓани.
За овие три декади од самостојноста, на површина испливаа голем број проблеми, кризи и предизвици, кои бараа од државата да го покаже сопствениот капацитет да се справува со предизвиците и да го задржи сопствениот интегритет, како пред меѓународната заедница, така и пред своите граѓани.
Општиот впечаток за тоа колку успешно државата ги воспоставила внатрешните функционални механизми, како и дефинирањето на нејзиниот карактер, во најголем дел се сведува на тоа дека Македонија ги има атрибутите на држава, но дека внатрешните слабости остануваат и натаму и ги прават повеќето институции партизирани и нефункционални, а државниот карактер да биде „растеглив“.
Некои од аналитичарите сметаат дека формалноправно Македонија ги има сите прерогативи дека може да биде држава, но длабоката партизација сите овие години оневозможува функционирање на внатрешните механизми што се инструменти на секоја правна држава, за владеење на правото, економски раст и развој…
– Мислам дека не успеавме да ги воспоставиме механизмите за да може да кажеме дека имаме внатрешно функционална држава.

Според мене, неколку механизми се клучни. Судството не успеа да испорача неселективна казнивост и одговорност. Во делот на територијалната реорганизација се етнизираа општините наспроти сите демографски логики, што создава услови за етничка сегрегација и нерамномерен регионален развој. Во делот со менаџирањето на ресурсите кај јавните претпријатија, мора да се департизираат надзорните и управните одбори што раководат со експлоатација на ресурсите, од вода, струја, до шуми итн. Тој дел мора да го сочинуваат луѓе што се компетентни и се партиски независни – вели Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија.
Тој додава дека колосално проблематичен е и делот од локалната самоуправа, вклучувајќи го и финансискиот модел на децентрализација.
– Финансирањето на општините мора да се базира на самостојност на општината, а не на контрола на централната власт врз општината, со тоа што главните финансиски средства од општината ги контролира централната власт и тие не можат самостојно да располагаат со сопствените средства – истакнува Трошановски.
За него, за нефункционалност на внатрешните механизми на државата придонесува и искривеното толкување на Охридскиот договор под закрила на капата на едно или еднакво општество за сите.
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека немаше да има потреба од толкаво странско присуство ако во државата се постигнеше подобра внатрешна организираност.
– Немаше да има толкава потреба од меѓународно присуство ако државата внатрешно се организираше и беше строго определена за правна држава, владеење на право, почитување на човековите слободи и права и да не беше динамиката во која најчесто натежнуваа партиските интереси на една од двете владејачки партии кога беа на власт и во рамките на тоа се вметна и албанскиот фактор, што доби големо влијание и моќ што е над потребите и можностите, односно стандардите во ЕУ и меѓународното право – вели Андревски.

За него, Македонија во овие три децении формалноправно и уставноправно ги воспоставила сите институции што функционираат, но со слабости.
– Во поглед на внатрешното функционирање, во смисла на обезбедување демократски капацитет, квалитетен животен стандард на луѓето, отворање перспективи, тука имаше потфрлања и оттаму еден дел од тие внатрешни механизми може да се каже дека не функционира најдобро – нагласува Андревски.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека за две-три децении тешко се воспоставуваат функционални внатрешни механизми што се одлика на една држава.
– Нецелосно се воспоставени овие внатрешни механизми и причината за тоа, помеѓу другото, е што секогаш во првите две-три декади тешко се воспоставуваат тие системи, а во Македонија и воопшто на Западен Балкан тоа е дополнително пролонгирано поради нашата долготрајна несигурност околу интеграцијата во ЕУ и членството во НАТО. Ние, заедно со Албанија, БиХ, Црна Гора, Србија, долго сме надвор од тој процес, односно во тој процес сме само со една нога и тоа дополнително го одолжува воспоставувањето на тие механизми – истакнува Арсовски.


Не е дозволиво за сериозни државни ентитети карактерот на државата да биде аморфен

Со текот на времето, по првичниот занес дека македонскиот народ конечно добил своја самостојна држава, случувањата во овие 30 години доведоа до тоа веќе да не е препознатлив ниту самиот карактер на државата.Со други зборови, се наметнува прашањето дали е дефиниран карактерот на државата, со оглед на постојаните промени на кои бевме подложни сиве изминати години, со чести промени на Уставот, па дури и на името на државата итн.
– Многу елементи од внатрешните белези на државата по сила на околностите мораа да се менуваат. Прво Уставот, по еден месец по усвојувањето, мораше да се дополнува со откажување од аспирации за заштита на правата на малцинствата во соседните земји, се смени знамето, потоа изби конфликтот во 2001 година како крупен удар врз државата што предизвика уставни промени. Нам, сликовито кажано, автопатиштата ни се воспоставени, но внатре треба постојано нешто да дополнуваме, доградуваме, да видоизменуваме и некако да балансираме државата пак да опстои како некое организирано општество – вели професорот Андревски.
За првиот човек на Институтот за демократија, Марко Трошановски, карактерот на државата не е препознатлив особено по потпишувањето на Преспанскиот договор.
– Карактерот на државата со уставните реформи за одобрување на Преспанскиот договор исто така беше променет на мала врата. Малкумина знаат дека Македонија повеќе не е национална држава на македонскиот народ, туку е држава на граѓаните што живеат во неа и припаѓаат на разни народи.

Оттука, државотворноста на македонската нација веќе не постои како таква и Македонија е уставно дефинирана како граѓанско општество, што става знак равенство за сите етникуми што живеат во неа – истакнува Трошановски.
Според него, главните партии во земјава за да си осигурат доминација во своите етнички средини продолжуваат да водат политики што го фрагментираат и дополнително заоструваат меѓуетничкиот конфликт во државата наспроти негова трансформација во граѓанско општество.
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, Македонија и по три децении независност сè уште трага по сопствениот карактер.
– Факт е дека ние сè уште се пронаоѓаме и во смисла кои се нашите вистински атрибути и во смисла каков систем ќе воспоставиме. Ние наследуваме една стара дефиниција од 19 век за нација-држава, а новата реалност кај нас не е таква. Ние сме една, условно речено, шопска салата од различни мултикултурни перспективи и ние сè уште се пронаоѓаме да бидеме комотни во таа наша улога. Сè уште не сме комотни – заклучува Арсовски.