Илустрација: „Нова Македонија“

Жешко лето ја очекува „нашата земја“

Грчките потпалувања и бугарските пламени јазици за Македонија не се акутни ад хок патолошки зафати, туку напротив, колективната македонска меморија во нив препознава една хронична, константна и перманентна патологија на хегемонија и алчност за грабање историја, култура, територија, ресурси… Оние аналитичари, пак, со подолго паметење, препознаваат дури и „дел од едно пошироко заедничко сценарио, кое за крајна цел има бришење на македонскиот народ и создавање недефинирана територија што ќе стане лесен плен за соседите, чии апетити кон оваа земја не спласнаа ниту по 100 и повеќе години“. Очигледно дека климатските промени и топлотниот удар пристигнаа и во Македонија, но во политичка форма и содржина…

Македонија деновиве е зафатена од топлотен бран од Африка што донесе неподносливи горештини на почетокот на летото. Згора на тоа, температурата ни ја покачуваат и соседите со своите антимакедонски постапки и изјави, во содејство со некои домашни политичари.

Теоријата не соодветствува со практиката

Неодамна се навршија три години од потпишувањето на Преспанскиот договор. И додека целата меѓународна заедница го истакна токму овој договор како теоретски пример за тоа како се решаваат отворените прашања меѓу соседите, тој само во практиката покажа дека е документ што му овозможува на посилниот да го толкува како што нему му одговара.

Твитот на премиерот Заев во врска со „македонската фудбалска репрезентација“ предизвика бурна реакција од Атина, која експресно ја замрзна ратификацијата на трите меморандуми за соработка со земјава, кои и онака чекаа две години заглавени во грчкиот парламент без посебно образложение од грчка страна зошто не се гласаат.
На твитот на Заев претходеше и интервенцијата на грчката влада до УЕФА, која од европската куќа на фудбалот бараше да се забрани употребата на логото на ФФМ на дресовите на македонските фудбалери што настапуваа на Европското првенство. УЕФА го одби тоа.

И додека Грците повторно започнаа со старата и одамна позната приказна однесувајќи се како „волкот што се жести бидејќи јагнето низводно му ја заматува водата“, нов студен туш стигна од соседна Бугарија. Без оглед на сите обиди од страна на македонските власти да им угодат на барањата од официјална Софија, кои на ниту еден нормален човек во Европа не му се јасни, бугарските власти продолжуваат со истата реторика и ставија ново вето на проширувањето на ЕУ, само затоа што тие така сметаат дека „Македонија не ги исполнила условите за отворање на преговорите“!?
– Додека не забележиме одржливи механизми за искоренување на изопачениот став на РСМ кон Бугарија, почнувајќи од учебниците, музеите, спомениците, медиумите и државната политика, ние нема да кажеме „да“ за интеграции на земјата во Европската Унија – порача бугарскиот претседател, Румен Радев, пред почетокот на состанокот на Европскиот совет во Брисел, на кој земјава се соочи со уште едно вето, не заборавајќи притоа да се пофали дека го издржале „неверојатниот притисок“ од европските партнери.

Несомнено она што го порачува поранешниот бугарски генерал не е ништо друго туку фашизоиден инструмент за бришење на сето она што претставува македонски идентитет, јазик, историја или, попрецизно кажано, културоцид на македонскиот народ.

Се пали надвор, но се потпалува и внатре

Грчките реакции и бугарските опструкции не се акутни патолошки состојби, туку напротив, колективната македонска меморија во нив препознава една хронична, константна и перманентна патологија на хегемонија и алчност за територија, историја, култура и ресурси… Оние попесимистичките аналитичари, пак, препознаваат дури и „дел од едно пошироко заедничко сценарио, кое за крајна цел има бришење на македонскиот народ и создавање недефинирана територија што ќе стане лесен плен за соседите, чии апетити кон оваа земја не спласнаа ниту по 100 и повеќе години“.

Во нивното сценарио добро се вклопува и внатрешниот поткопувачки елемент преку претставници од албанската етничка заедница во структурите на власта, кои без оглед што се на функција од која треба да ги бранат интересите на државата, всушност работат на нејзино разнебитување. Старо-новите барања за нова химна, знаме и грб, без оглед колку некој да сака да ги релативизира, не се ништо друго освен обид да се избрише врската меѓу Македонците и нивната држава и да се создаде некаква федерална или конфедерална заедница на етнички групи, многу веројатно со право на самоопределување. Сите тие етнички малцинства што се во Македонија, како етнички групации надвор од границите на државава си имаат свои матични држави, така што повеќе од јасно е како на некој иден референдум би се прекроила државата и каде сè би се припоиле нејзините делови.

Фото: Игор Бансколиев

Затоа ни малку наивно не треба да се сфаќаат и нонпејперите што почнаа да кружат низ Балканот, а во кои се споменува и Македонија. Ако на сево ова се придодаде дека земјава тешко ќе ги почне преговорите со ЕУ скоро, тогаш несомнено државата ќе се соочи со жешко политичко лето, а можеби со уште пожешка есен кога најпрво следува пописот, а потоа и локалните избори.

Додека е жешко, ­да се искова заедничка стратегија

– Мислам дека ќе биде жешко политичко лето, можеби не прежешко, бидејќи очекувам сега да спласне ентузијазмот околу ЕУ оти нема елементи за почеток на преговори, ќе се префрлиме на попис и локални избори, кои се внатрешни и помирни теми и до декември очекувам Македонија да биде на релативно прифатлива политичка температура – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.

Тој додава дека земјава како релативно неразвиена во економска смисла, колку што е немоќна за големи историски чекори, толку е способна внатрешно да се приспособува.
– Нашево општество е како мека жица, не врши некоја посебна работа, но сепак е флексибилна и ќе се најде за нешто. Тоа сме ние, флексибилно и по малку амбициозно општество. За жал, за нас не важи она „утре е нов ден и ќе отвориме нови перспективи“, туку ние ќе напредуваме полека чекор по чекор, капка по капка, такво е нашето општество и така очекувам и во иднина да се движи – заклучува Андревски.

За поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, сега најдобро е политичарите да се посветат на предизвиците дома, кои се далеку од мали.
– Најважно е да видиме како стојат работите дома по некои клучни прашања. Засега сме во добра позиција во справувањето со коронавирусот, таа криза спласнува. Но сега е најважно да се концентрираме на справување со криминалот и високата корупција. Не може да се затвораат очите пред тоа – порачува Андов, истакнувајќи дека токму криминалот и корупцијата треба да се согорат и од пепелот, внатрешнополитички, правно и економски да изрти никулец на развој и одржливост.

Како и да е, периодот што следува ќе покаже дали состојбата дополнително ќе зоврива на политички план, или, пак, по сите премрежиња изминатите неколку години, огинот ќе тлее до новиот момент на вивнување.