Деценискиот проблем со несовесното создавање сметишта и фрлање секакво ѓубре во речните корита и одводни канали, нивното неодржување и нечистење, сега природата како бумеранг ни го враќа назад. Или, како што вели народот, со свој камен по своја глава

Дождовите како повод

По врнежите од дожд што изминативе денови ја зафатија земјава, драстично се зголемија нивоата на реките, што на одредени места предизвика и нивно излевање и поплави. Тоа, пак, на површина повторно го исфрли деценискиот проблем со негрижата за природата и животната средина, при што можеше да се види како во речните корита пловат енормни количества пластични шишиња, јоргани, делови од покуќнина и мебел и што уште не.
Овој децениски проблем со несовесно создавање сметишта и фрлање секакво ѓубре во речните води и одводни канали, сега природата како бумеранг ни го враќа назад. На социјалните мрежи веќе кружи видеоснимка од реката Пена, чии води носат огромни количества ѓубре што се фрлало покрај речното корито и во речните води. Се чини дека лекциите од минатото не се научени, кога по поплавите во скопско Стајковци имаше дури и човечки жртви.
Очевидци од Прилеп велат дека состојбата со Прилепска Река е очајна, бидејќи сега поројните дождови го исфрлија на површина повеќедеценискиот проблем. Сето ѓубре што беше исфрлено во горниот тек на реката, деновиве пристигна во долниот дел, па кај мостот „Диме Наредникот“ сега има купишта од пластични шишиња, делови од покуќнина и секакво ѓубре исфрлено поради несовесното однесување на граѓаните. Токму поради ваквите состојби со реките, населението со право се плаши од нивно излевање од речните корита.

Од УХРМ предупредуваат на внимателно движење покрај водотеците, суводолиците и во клисурите, поради можност од појава на големи води, излевања, свлечишта и одрони.
Во однос на временската состојба, се очекува сите водостои кај водотеците и езерата и понатаму да бидат во покачување, а како најкритични надлежните ги посочуваат реките Вардар, горен и среден тек, Треска, Лепенец, Пчиња, Крива, Црна, Радика, Сатеска и нивните притоки. Во текот на денот, доколку има појава на интензивни врнежи на југот и југоистокот, се очекува продолжен пораст на водостојот и на водотеците од овој дел на државата, и тоа реките Брегалница, Струмица, Анска, Тркајна и други.
Од центарот за управување со кризи велат дека има локални излевања на реката Вардар кај Рашче, на реките Крива и Пчиња во Кумановскиот Регион, водотеци во Охридскиот и Битолскиот Регион. Поради заситената почва со влага, има и појава на заезерување во одредени рамници и делови на Пелагонија, Полог и други.
– Врнежите што паднаа во изминативе 24 часа дополнително ги зголемија нивоата кај сите водотеци и езера низ државата. На сите хидролошки станици од националната хидролошка мрежа има пораст на водостоите, а особени покачувања бележиме кај реката Вардар – горен тек, каде што на Јегуновце во однос на вчерашните податоци бележиме покачување од 114 см, реката Лепенец кај Скопје 45 сантиметри, на реката Вардар во Скопје 45 сантиметри, на реката Треска – Македонски Брод покачување од 87 сантиметри, на реката Црна во Новаци 100 сантиметри, на Радика – Бошков Мост 66 сантиметри итн. – велат надлежните.

Се очекува врнежите да продолжат и во наредните денови, со посилен интензитет на југот и југоистокот од земјата.
За состојбата со поплавите и зголемените водотеци побаравме мислење и од Општина Тетово.
– По поплавите што се случија во 2015 година во Полошкиот Регион, Општина Тетово пристапи кон чистење на браните и санирање на штетите што беа направени од надојдените води заедно со целокупниот смет.
Со средства од буџетот на Општина Тетово редовно се чистат коритата на реките во Полошкиот Регион, а со средства од донации е подновен и возниот парк за механизација за таа намена, па, така, минатиот месец добивме и нов багер, донација од УНДП, преку програмата финансирана од швајцарската влада, во рамките на програмата „Подобрување на отпорноста на поплави во Полошкиот Регион“.
Инаку, и покрај сите наши заложби и апели, продолжува несовесното фрлање смет во реките, кое ја отежнува работата на екипите.
Од Инспекторатот вршат редовни контроли, но фрлањето на сметот се врши во текот на ноќните часови и се отежнува постапката тие да бидат казнети.
Во текот на изминативе денови, поради обилните врнежи на дожд, имаше излевање на неколку места на реките, како во Порој, Фалише и Речица, без направени значителни штети по населението.

Од овие места водата полека се повлекува, а истовремено се чистат и се санираат штетите на овие места од страна на Секторот за комунални дејности при Општина Тетово – вели Снежана Новаковска од Општина Тетово.
Инаку, врнежите од дожд што паднаа во Битола, иако не беа обилни и изнесуваа само 17 литри на квадратен метар, можеа да предизвикаат вистинска хаварија во водоснабдителниот систем во Битола. Дождовите што паднаа го зголемија нивото на реката Драгор, која се излеа кај местото Довлеџик и по уривањето на дел од брегот сериозно ја загрози пумпната станица на ЈКП „Водовод“, од каде што со питка вода се снабдуваат не само Битола туку и другите две општини Могила и Новаци. Благодарение на брзата и ефикасна интервенција на сите битолски јавни комунални претпријатија беше спречено надојдените води на Драгор да ја однесат пумпната станица на ЈКП „Водовод“, по што прашање е со какви последици ќе се соочеше Битола. Иако, според првиот човек на ЈКП „Водовод“, Горан Козаров, состојбата беше алармантна, сега, еден ден подоцна, таа е стабилна и не е нарушено нормалното снабдување на градот со пивка вода.
Покрај брзата интервенција на јавните комунални претпријатија, голема среќа за Битола е што само пред извесно време на тој дел од градот од ЈКП „Водовод“, заедно со општината, беше изграден потпорен ѕид, кој во голема мера ја заштити пумпната станица. Доколку не беше изграден потпорниот ѕид, надојдените води во Драгор сигурно ќе ја однесеа пумпната станица, уверуваат стручњаците.
Тоа го тврди и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.

– Надојдената вода изврши сериозен ископ на брегот на речното корито на реката Драгор, во близината на пумпната станица преку која се врши водоснабдувањето на нашата и на околните општини. Пред крајот на декември 2020 година завршија градежните активности за санацијата на потпорниот ѕид кај пумпната станица „Довлеџик“. Станува збор за регулација на коритото на реката Драгор, која поради нерегулираноста, при надоаѓањето на вода, вршеше поткопување на земјиштето, а со тоа и на дел од патот, при што се спречуваше пристапот до пумпната станица, со која се овозможува водоснабдувањето на градот – изјави Наташа Петровска.
Инаку, на тој дел од реката Драгор, кај Довлеџик, на излезот за Охрид, голем дел од речното корито е однесен.
– Проблемот е што текот на речното корито е изместен – вели директорот на ЈКП „Водовод“, Горан Козаров.
Да потсетиме, „Нова Македонија“ предупреди на овој проблем уште пред повеќе од две години, во јули 2018 година, но, за жал, надлежните општински институции ништо не презедоа да се спречи затрупувањето на речното корито на реката Драгор, која беше претворена во депонија за фрлање смет и шут.
Уште тогаш напишавме и предупредивме дека реката Драгор е претворена во депонија од шут и неупотребливи отпадни градежни материјали.
На самиот излез од Битола, кај местото Довлеџик, од левата страна на реката Драгор, се нафрлани огромни количества шут и отпад од градежни материјали и земја, со што во голема мера е намален протокот на водите по реката. Тоа што особено загрижува е што за ваквата појава воопшто не реагираат ни надлежните комунални служби и инспекции од локалната самоуправа на Битола, пишуваше пред повеќе од две години нашиот весник.

Екипа на „Нова Македонија“