Според аналитичарите довербата кај македонските граѓани во изборниот процес е ниска Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во светски рамки, највисок степен на доверба во изборните процеси е забележан во скандинавските земји како Норвешка, Финска, Данска и Шведска, каде што таа достигнува и до 87 отсто кај испитаниците. Од друга страна, САД и Турција се меѓу земјите со најниска доверба во изборните процеси. Какви се состојбите во Македонија

Каква е довербата на македонските граѓани во изборните процеси во земјава. Ова прашање се наметнува по објавувањето на резултатите од анкетата на „Галуп“ за тоа колкава е довербата на гласачите во другите земји во светот.
Според анкетата, највисок степен на доверба е забележан во Шведска Финска, Норвешка и во Данска, каде што таа достигнува и до 87 отсто кај испитаниците.
Од друга страна, САД и Турција се меѓу земјите со најниска доверба во изборните процеси, која во САД изнесува 40 отсто, додека во Турција 39 отсто од испитаниците. Во истражувањето на „Галуп“ не е опфатена Македонија. Сепак, со оглед на фактот што кај нас изборите се закажани за 12 април и веќе сме во некоја предизборна атмосфера, интересно е да се види какви се размислувањата за довербата на македонските граѓани во изборните процеси.

Во сублимиран заклучок претставниците на организациите и институтите со кои се консултиравме, кои ги следат изборите во Македонија, велат дека довербата на гаѓаните во нашиот изборен процес е отсликување на довербата во институциите и дејствувањето на партиите во предизборието.
Златко Димитриоски од граѓанската асоцијација МОСТ вели дека одговор на прашањето колкава е довербата на граѓаните во изборните процеси на државата не е лесен да се даде, бидејќи ова прашање е малку потешко да се одговори имајќи предвид дека станува збор за перцепција, која може да се измери само со научни истражувања.

– За жал, во неколкуте релевантни истражувања што се прават кај нас не постои вакво прашање, така што многу тешко може да се даде одговор, кој ќе биде сериозно поткрепен – вели Димитриоски.
Според него, од друга страна, а имајќи ја предвид улогата на МОСТ во изборниот процес како домашен набљудувач на истиот тој, ако ги анализираме последните 3 изборни процеси, по промената на власта во 2017 г., може да се забележи тренд на драстично намалување на изборните нерегуларности, а со тоа и подобрување на условите за фер избори.
– Овој тренд е потврден и од страна на меѓународните набљудувачи. Доколку ова прашање го гледаме од овој аспект, тогаш можеме да кажеме дека има подобрување на изборниот процес, што би требало да придонесе кон тоа граѓаните да почнат да ја враќаат довербата во него, која се изгуби во периодот кога бевме заробена држава – вели тој.

Димитриоски резимира дека доколку ваквите позитивни трендови продолжат, особено со сегашниве избори, довербата на граѓаните може понатаму само да се зголемува.
Иван Стефановски, извршен директор на организацијата „Евротинк“, вели дека во неговата работа на дневна основа е запознаен со резултатите од големиот број анкети и истражувања на оваа тема, кои доколку се простудираат, секогаш имаат ист заклучок, а тој е дека довербата кај македонските граѓани во изборниот процес е традиционално многу ниска.
– На едно истражување од реномирана светска организација на оваа тема забележав фрапантен податок, кој вели дека дури една половина од луѓето во државата за време на гласањето во земјата сметаат дека тие нема да влијаат на исходот од изборниот циклус. Ако се размисли, тоа е навистина страшна реалност, која мора да ја подобриме сите заедно и државните институции и невладините организации, но и самите граѓани – вели Стефаноски.

Според нашиот соговорник, тоа ни покажува дека ниската доверба или високата недоверба на граѓаните во изборните циклуси е производ на долгогодишно заплашување на гласачите од политичките партии, кои сѐ уште веруваат дека кога гласаат некој знае како тие ќе гласаат или, пак, уште потрагично е што има луѓе што веруваат дека во пенкалата има мини-камери за да се евидентира гласањето.
Стефановски вели дека подобрување на состојбите на ова поле е возможно, но тоа подразбира долг процес на транзиција во кој меѓународната заедница, преку ЕУ и НАТО заедно со партиите од власта и од опозицијата, ќе се обиде да влијае и да го подигне нивото на демократскиот капацитет на земјата за време на изборните процеси.
Џабир Дерала, од организацијата „Цивил“, која со години ги мониторира изборните процеси во земјава, вели дека во моментов довербата на граѓаните во изборните процеси е таква бидејќи е одраз на довербата во институциите и истовремено во голема мера врз овие случувања влијае однесувањето на партиите за време на изборите.

Тој објаснува дека организацијата што ја претставува ги следи состојбите на терен и во нивните систематизирани сознанија за овие случувања може да се констатира дека граѓаните во изминатиов период ја изгубиле довербата во изборниот процес, а сето тоа во голема мера е резултат на црната и подземна кампања што ја водат некои политички партии во однос на важни општествени и политички прашања.
Според Дерала, довербата во изборните процеси кај државата е расположение што кај граѓаните, односно гласачите лесно се губи, но тоа потоа потешко се враќа.

– Она што можам да го констатирам е дека довербата во овие општествени случувања варира од период до период. На пример, во последните неколку изборни процеси како за време на претседателската трка, референдумот или локалните избори, сметам дека довербата на граѓаните во изборните процеси започна да се враќа, во споредба со долг низ претходни изборни циклуси, каде што состојбата не беше таква за електоратот. Дополнително врз сите овие настани влијае и работата на ДИК, за која можам да констатирам дека сосема солидно си ја работи работата, иако е предводена од луѓе претставници на опозицијата. Тоа ни кажува дека првите луѓе на ДИК си ја знаат работата, а гласачите веднаш знаат да го препознаат тоа – вели Дерала.
Тој објаснува дека, сепак, нивото на земјата на оваа тема не е на посакуваните европски висини бидејќи сѐ уште партиите и од власта и од опозицијата треба уште многу да направат за да се искристализираат недореченостите во Изборниот законик и изборниот список, со што процесот на изборите би бил заснован на уште подобри темели.

– За да се подобри сликата, исто така треба да се најде и успешно решение на проблемите на нашата земја. „Цивил“ во својот ангажман за време и по изборите констатира дека нашето општество, за жал, сѐ уште е исполитизирано и поделено. Тоа за изборите, можеби, најмногу се забележува во работата на избирачките одбори, кои повеќе се ставени во служба на партиите од кои доаѓаат отколку на државата. Ние сме регистрирале случаи каде што тие вршат мобилизација на гласачи и прават паралелна евиденција на гласањето со што грубо го кршат Изборниот законик – вели Дерала.
Според него, врз довербата на системот во последно време многу силно влијаат и агресивните спроведувани кампањи од центри на моќ, чија единствена цел е ширење лажни вести и дезинформации со политичка заднина.

[email protected]