Премиерот Зоран Заев упати порака од форумот во Грција

„Преговорите за членство во Европската Унија би можеле да траат пет, шест или седум години, во зависност од резултатите што ќе ги покаже Македонија, но и во зависност од фокусот на ЕУ кон ова прашање“, изјави вчера премиерот Зоран Заев, на вториот ден од неговата посета на форумот во Грција, кој се одржува во Атина, во организација на „Економист“. Премиерот во својот осврт пред присутните, на тема „Европа: Зајакнување на кохезијата во турбулентни времиња“, додаде дека во овој контекст очекува поддршка од соседните земји Грција и Бугарија, но и од другите земји во регионот. Според Заев, потребна е силна политичка волја за да се решаваат сите деликатни прашања и тоа е охрабрувачка порака за Западен Балкан.
– Се надевам дека нашите постигнувања, договорите со Грција и со Бугарија, се доволно инспиративни за лидерите во регионот да се посветат на негување на мирот и стабилноста, да ја зајакнеме регионалната соработка, да постигнеме поголем економски развој и докрај да останеме посветени на евроатлантските интеграции – истакна Заев.

Говорејќи за европската перспектива, тој објасни дека нашата земја, заедно со Албанија, очекува во декември да почне преговори со Европската Унија и додаде дека германското претседателство и канцеларката Ангела Меркел се посветени на овој процес.
Премиерот на својот фејсбук-профил напиша дека медиумите од Грција и од регионот покажале голем интерес за Македонија и за постизборниот период. Како што наведува, дал интервјуа за електронското издание на Си-ен-ен, за Топ ченел од Тирана, за Та неа, за Мега ТВ, за грчката програма на Еуроњуз и за други медиуми.
Меѓу првите што беа објавени беше интервјуто на премиерот за грчката телевизија Мега, кое го пренесе весникот „То вима“. Во својот разговор со новинарите премиерот изјавил дека Преспанскиот договор ја истакнал важноста на соработката меѓу двете земји, пред сѐ на економски план. Заев изјавил дека сето тоа што се случува се важни прашања за граѓаните на двете држави, кои се во исчекување на натамошни решенија.

– Ние постигнавме многу во нашата земја и се сменивме комплетно. Северна Македонија е испишано насекаде. Северна Македонија е спомената во институции и во документи. Имињата на нашите институции секаде содржат „Северна Македонија“. Патишта, натписи. Тоа е наша обврска во договорот. Комитетите на двете земји почнаа со работа. Еден комитет работи на учебниците и историјата, а друг на брендовите – изјавил премиерот Заев.
Претходно, премиерот Заев во вторникот имал вечера со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас и бившиот претседател на Франција, Франсоа Оланд, со кои се согласиле дека „ова е време кога заедно со националните интереси на секоја земја, ги споделуваме и солидарноста и кохезијата за да направиме уште еден чекор напред кон подобра заедничка иднина“.

На првиот ден од посетата на Атина, македонскиот премиер, по покана од компанијата „Гастрејд“, оствари средба и со Кристос Копелузос, извршен директор на групацијата „Копелузос“, која е основачки акционер на „Гастрејд“. На средбата бил изразен заемен интерес Македонија да се вклучи во изградба на терминалот за течен природен гас во близината на Александрополис во Грција, како нова независна влезна точка за снабдување со природен гас на земјите од Југоисточна Европа.

[email protected]