Владината делегација предводена од премиерот Зоран Заев ќе седне на иста маса со лидерите на земјите-членки кои ќе учествуваат на самитот на НАТО, на кој денеска и утре ќе се одбележува 70-годишнината од постоењето на Алијансата.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров ја сочинуваат владината делегација.

Премиерот денеска ќе учествува и на панелот „Разговори – Одбрана и превенција за новата ера“, во рамките на конференцијата „НАТО се ангажира: Иновирање на Алијансата“. Заев и членовите на македонската делегација за време на самитот ќе остварат и повеќе билатерални средби. Претседателот на Владата е поканет и на прием кај Кралицата Елизабета во Бакингемската Палата, што се приредува за сите делегации, како и на вечера што ја приредува премиерот на Обединетото
Кралство, Борис Џонсон.

Македонија ќе биде претставена на највисоко ниво во работата на телата на Алијансата. А по состанокот на Северноатлатскиот совет предвидена е прес-конференција на генералниот секретар на НАТО Јенс, Столтенберг.

Македонија очекува уште една ратификација на патот кон полноправно членство, откако во изминатите десет месеци 28 од 29-те членки на НАТО го ратификуваа пристапниот протокол. Предвидено е во завршната декларација од самитот да биде забележано оти Македонија е добредојдена како 30-та членка на Алијансата.