Фото: Игор Бансколиев

Реакцијата на меморандумот од повеќе од педесетина македонски интелектуалци, предводени од еминентни и докажани историчари и научници (но и од други институции и индивидуалци) претставува исконска артикулација на реакцијата на целото македонско општество за неприфаќање на континуираното негирање на посебноста, автентичноста и постоењето низ историјата на македонскиот идентитет. Одговорот на македонските интелектуалци на бугарскиот меморандум го изразува и незадоволството од флагрантното пренебрегнување на бугарската политика на основните цивилизациски права и принципи на современите меѓународни односи, дрско игнорирајќи го правото на самоопределување, самоизјаснување, постоење на јазик, култура, традиција и национална историја

Последниот бугарски меморандум до земјите-членки на ЕУ со својата ултимативно деградирачка содржина во однос на македонскиот идентитет, национална посебност низ историјата, како и автентичноста на македонскиот јазик, претставува отворена опструкција пред почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ и покрај гласната декларативност на Бугарија дека е најголем поддржувач на македонските евроинтеграции. Овој т.н. објаснувачки меморандум само го одржува континуитетот на нивната многугодишна негаторска политика кон Македонија и македонскиот народ, која одвреме-навреме со помош на меѓународната заедница достигнува и кулминации (Санстефанска Бугарија, Букурешки мировен договор итн.). И сега повторно, таа нивна деноминирачка и денационализаторска политика влегува во климакс, засега премолчно поддржана од меѓународни спонзори и „друштво на привилегирани“. Бугарски квазинаучни, повеќе политички отколку историски памфлети лиферувани од бугарските институции, упорно настојуваат да ги „освестат Македонците дека се одродени Бугари“, а овој пат таквата апсурдна теза и официјално е доставена како барање до ЕУ, да биде вградена како услов во преговарачката рамка за Македонија.
Колку и да е лицемерството „позната прагматична вредност“ во политиката и во геополитиката, колку и да се анахрони и познати бугарските позиции во однос на македонското прашање, најновите постапки на агресивната бугарска дипломатија, предизвикаа поширока општествена реакција во Македонија, наспроти политичката калкулативна попустливост манифестирана со игнорирање и релативизирање по линија на помал отпор, во интерес на евроинтеграциите. И покрај дел од политичките толкувања дека ваквите бугарски памфлети до ЕУ се пред сѐ наменети за внатребугарска политичка употреба, за свртување на вниманието од тамошните антивладини протести, кои траат повеќе од два месеци, сепак опсесивноста на Бугарија со македонското прашање трае многу подолго, речиси два века, што секое одмолчувањето од македонска страна во интерес на иднината (па дури таа и да е европска) претставува само прилог во самодеструкција на сопствениот идентитет, јазик, историја.

Затоа, реакцијата на меморандумот од повеќе од педесетина македонски интелектуалци, предводени од еминентни и докажани историчари и научници, претставува исконска артикулација на реакцијата на неприфаќање на континуираното негирање од страна на целото македонско општество за посебноста, автентичноста и постоењето низ историјата на македонскиот идентитет. Одговорот на македонските интелектуалци на бугарскиот меморандум го изразува и незадоволството од флагрантното пренебрегнување на бугарската политика на основните цивилизациски права и принципи на современите меѓународни односи, дрско игнорирајќи го правото на самоопределување и самоизјаснување.
Како одговор на бугарскиот меморандум реагираа и од Советот на амбасадори на С Македонија.
– Советот на амбасадори на Република Северна Македонија го смета за целосно неприфатлив и штетен за добрососедските односи текстот на објаснувачкиот меморандум од Владата на Република Бугарија упатен до членките на ЕУ пред започнувањето на разговорите за членство на Република Македонија во ЕУ. Тој содржи една идеолошка позиција на Република Бугарија од времето на комунизмот во времето на Тодор Живков и од таа позиција се обвинува денешна Република С Македонија дека „не раскинала со идеолошкото наследство на комунистичка Југославија“… – се вели во соопштението на Советот на амбасадори.

Понатаму во писмото македонските амбасадори потсетуваат дека „европските вредности и цели не подразбираат негирање на посебноста на чиј било јазик ниту националност во ЕУ, ниту пак инсистирањето на таквото негирање од кој било сосед може да биде пречка за напредокот на Македонија во процесот на нејзиното зачленување во ЕУ. Советот на амбасадори ја изразува својата увереност дека земјите-членки на ЕУ ќе го разгледаат внимателно објаснувачкиот меморандум од Владата на Република Бугарија и дека нема да дозволат такви идеолошки позиции да влијаат врз преговарачката рамка на ЕУ за членство на Македонија во ЕУ и врз процесот за нејзиното целосно вклучување во ЕУ.
Во контекстот на широка институционално-интелектуална реакција од македонската јавност на бугарскиот меморандум, која на некој начин создава амбиент на обединетост на македонските граѓани околу идентитетската поврзаност преку јазикот, историјата и Македонија, прес сеѐ, особено емотивна е реакцијата на македонскиот режисер Столе Попов, на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, при примањето на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.

– Нема ништо поиманентно за слободата од идентитетот на човекот, од неговиот јазик, неговата култура, неговата духовност и културата на средината во која живее. Во тој дух би сакал да го свртам вниманието, особено на луѓето што се занимаваат со политика, да не ги забораваат и да не ги запоставуваат тие фундаментални вредности на светската цивилизација и демократија, кои сѐ почесто се запоставуваат и се губат. Секогаш треба да се има една работа на ум, дека сосила и насила – убавина нема.
Македонската кинематографија да го продолжи својот пат , со добри, одлични филмови, кои ќе нѐ претставуваат секаде во светот, како македонската кинематографија, така и Република Македонија. Гледајќи ја оваа награда, особено ми е драго што на неа пишува „Друштво на филмски работници на Македонија“. Особено ми е драго што е задржано генеричкото име, она име што треба да стои. Мислам дека е време да исчезнат сите комбинации околу некои бришења, негации, кои одат до тоа да исчезнат придавките, кои никогаш и не биле предмет на разговор, а камоли на прифаќање – изјави режисерот Столе Попов.