Покрај топлото време, ќе биде намалено и количеството на врнежи / Фото: Игор Бансколиев

Ваквите прогнози воопшто не се охрабрувачки ако се има предвид дека земјава, пред моменталниот влажен бран, подолг период се соочуваше со суша, што доведе до значително намалување на нивоата на водите, но влијаеше и врз земјоделството

Метеоролошкиот сервис „Акуведер“ со неповолна прогноза

Од година на година летните температури одат сè повисоко, а според првичните прогнози на климатолозите, се очекува ова лето да биде едно од најтоплите во последните неколку години. И покрај релативно студеното и дождливо време деновиве, првичните прогнози предвидуваат дека бројот на тропски денови, со температури од над 30 Целзиусови степени, летово ќе се задржи во пониските предели во интервал од 30 до 55 дена.
Исклучително жешко и сушно лето ја очекува Македонија во периодот што следува, прогнозира, меѓу другите, и светскиот метеоролошки сервис „Акуведер“ во најновата сезонска прогноза за регионот.

Ваквите прогнози воопшто не се охрабрувачки, ако се има предвид дека земјава, пред моменталниот влажен бран, подолг период се соочуваше со суша, што доведе до значително намалување на нивоата на водите, но влијаеше и врз земјоделството.
Во прилог на предвидувањата на „Акуведер“ беше и неодамнешниот топол бран што ја зафати земјава кон средината на мај, при што температурите се искачија на над 30 Целзиусови степени.
– Очекуваме речиси во цела Европа, со исклучок на Британија и мал дел од Скандинавскиот Полуостров, исклучително голема веројатност и до 80 отсто за многу топло лето. Постои голема опасност од појава на топлотни бранови – предупредуваат американските метеоролози.

Сушата би требало да биде најизразена во јули, нешто слично на онаа од 2007 година, кога родот на житните култури и овошјето беше намален од 20 до 70 отсто. Топлотните бранови ќе донесат температури над 40 Целзиусови степени, а ноќите ќе бидат потешко подносливи. Предвидувањата се дека ова ќе биде едно од три или четири најтопли лета што ги паметиме последниве децении.
– Сите бунари пресушија. Долготрајната суша нè остави без капка вода. Сега за да ги наводнуваме земјоделските насади, плаќаме цистерни да ни донесат вода. Ако и ова лето биде сушно, тогаш и тие малку извори што останаа ќе пресушат, бидејќи и онака се со намалена штедрост – изјави пред извесно време Јакуп К. од скопски Чифлик.
Климатолозите сметаат дека покрај топлото време, ќе биде намалено и количеството на врнежи.

– Врз основа на моменталните анализи, сè упатува дека ќе имаме уште потопло лето од вообичаено, со температури дури два степена повисоки од просекот, но и со количество на врнежи нешто пониско од вообичаеното. Во пониските предели се очекуваат врнежи од 120 до 240 милиметри – велат климатолозите.
Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека и тие наскоро ќе излезат со прогноза за ова лето.

– Сите податоци се собрани, во тек се анализите, така што кон крајот на месецот ќе излеземе со прогнозата за ова лето за нашата земја – велат од УХМР.
Инаку, според прогнозите на „Акуведер“, од југот на Франција до Украина се очекува жешко и суво време, а се најавуваат и голем број топлотни бранови, поради што се предупредува и на опасност од разорни пожари.