Претседателот на Владата Зоран Заев денеска ги прими во посета заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан Метју Палмер и амбасадорката на САД Кејт Мери Брнз.

На средбата е потврдено дека Македонија и САД успешно го одржуваат и зајакнуваат воспоставеното стратешко партнерство во интерес на граѓаните на двете земји, како и во остварувањето на заедничките цели за демократски просперитет на регионот и во заедничките акции во борбата против тероризмот и екстремното насилство.
Премиерот Заев во разговорот со Палмер изрази благодарност за ратификацијата на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО во американскиот Сенат, што е од особен придонес во заокружувањето на овој процес за полноправно членство на нашата земја во НАТО.

Заев истакна дека земјата и понатаму останува посветена на процесот за интеграција во ЕУ и дека во периодот што претстои ќе продолжат реформските процеси, одржувањето атмосферата на релаксирани меѓуетнички односи, како и добрите односи со соседите.  На средбата заеднички беше констатирано дека е непоколеблива определбата на земјата за евроатлантските процеси и дека Македонија и САД го делат оптимизмот дека ќе бидат успешно заокружени. 

Палмер на средбата го реафирмираше јасниот став на САД дека тие остануваат сојузник на Македонија на патот до полноправно членство во НАТО и ЕУ, како и на континуираните напори и политики на земјата да обезбеди одржливи услови за просперитетна иднина за граѓаните на Македонија.