Вкупно 600 мапи на кои е прикажана Македонија денес се наоѓаат во Британската библиотека во Лондон, во Француската национална библиотека во Париз, во австриската Национална библиотека во Виена, во Државниот архив и Националната библиотека во Загреб, во Народната библиотека во Белград… Во специјалната збирка на НУБ „Климент Охридски“ се чуваат копиите обезбедени во последниве неколку децении. Картографите отсекогаш знаеле каде е и до каде е Македонија. Затоа на сите мапи со крупни букви го пишувале нејзиното име токму во просторот обележан со прецизни топографски линии

Според географските карти од античките врeмиња до денес:

Во географските карти што ги поседува НУБ „Климент Охридски“ во Скопје, Македонија е точно дефинирана земја, почнувајќи од античко време, па до денес. На сите мапи во библиотеката, Македонија е прикажана со многу подробности, со планините на север, со Виа Егнација и Виа Милитарис, патиштата Солун – Скопје, Битола – Стоби и други. Картографите отсекогаш знаеле каде е и до каде е Македонија. Затоа на сите мапи со крупни букви го пишувале нејзиното име токму во просторот обележан со прецизни топографски линии. Притоа, сите, околу 600 мапи, на кои е прикажана Македонија, денес се наоѓаат во Британската библиотека во Лондон, во Француската национална библиотека во Париз, во австриската Национална библиотека во Виена, во Државниот архив и Националната библиотека во Загреб, во Народната библиотека во Белград… Во специјалната збирка на НУБ „Климент Охридски“ се чуваат копиите обезбедени во последниве неколку децении. Меѓу авторите на овие мапи се и Птоломеј, Касториус, Гасталди, Меркатор, Кантели, Валк, Сенекс, Лапи, Де Лил, Киперт и други.

Македонците обележени како посебен ентитет!

Во првата половина на 19 век, подготвувајќи се за престојните војни, Наполеон испратил стручни лица во тогашната европска Турција за да извршат картографски снимања и да изработат воено-топографски карти. Тие карти денес се исклучително значаен извор на информации за состојбата на теренот на почвата на Македонија. Тогаш биле изработени и првите карти без античката топонимија, но се даваат и многу податоци за актуелните селски населби, анови, патишта, тврдини, мостови, како и растојанијата меѓу одредени точки во часови. Како одговор на картографите на Наполеон, Австро-Унгарија изработува уште подетални мапи, а ги прави и првите топографски мапи во крупен размер од еден спрема двесте илјади. Денес токму на нив може да се видат многу битни податоци за населбите и распространетоста на Македонците во својата Македонија. Во дел од овие мапи се обележени народите што живееле на овие простори, па јасно може да се види дека Македонците се прикажани како посебен етнички супстрат, издвоен од Србите, Бугарите и Грците.
Во зависност од тоа што сакале да прикажат, односно за што требало да служат, мапите се делат на неколку групи, но факт е дека како основна и појдовна мапа при изработката речиси на сите подоцнежни мапи секогаш била земана Птолемејовата мапа од вториот век, која го носи името на Клавдиј Птоломеј, александриски астроном и географ, кој живеел од крајот на првиот до средината на вториот век. Тој бил автор на делото „Географија“, од кое се зачувани две верзии. Неговите мапи биле препишувани со столетија, а во 1477-та за првпат биле отпечатени во книга, и оттогаш таа година се смета за почетна година во печатењето на географските карти. Интересно е тоа што Македонија е претставена на комплетниот десетти лист од мапата на Европа, како посебна земја во состав на Европа. Според таа мапа, нашата земја е дел на Европа уште од вториот век, па сегашната „европска агенда“ за влез на Македонија во Европа мора да е некаква топографска грешка! Освен Птолемеојвата мапа, како појдовна мапа за следните вакви зафати се смета и Појтигеровата таблица од средината на 4 век, каде што всушност е преземена мапата на патиштата во Римската Империја од 393 година. Значајни мапи за Македонија имаат направено и Софијанос, кој живеел во 16 век, потоа Лауремберг, автор на историски мапи на Античка Македонија и Грција во 17 век, како и Де Лил, кој во 18 век изработил повеќе од 100 мапи, а Македонија ја застапил на една географска и една историска мапа. За жал, засега не се пронајдени средновековни мапи за Балканот, а со тоа и мапа на Самуиловата држава. Многумина сметаат дека тоа се должи на фактот што на картографите од Западот не им биле познати настаните што се случувале на нашиот полуостров кон крајот на десеттиот и почетокот на единаесеттиот век. Токму затоа нема ниту една автентична мапа што ќе ја прикажува државата на цар Самуил, односно Македонија во негово време.

Грчки картограф пред сто години ги раздвоил Елада и Македонија!

Меѓу таканаречените етнички мапи во кои точно се обележувале териториите каде што живееле одделни народи, особено внимание заслужува мапата на атинскиот научник Сотеријадис, професор по историја на Атинскиот универзитет, кој уште на почетокот на 20 век дава одлично илустрирани материјали за Првата светска војна, со етничка мапа на Македонија. Интересно е тоа што Сотиријадис во мапата на Македонија разликува шест националности: мохамеданци, Грци, Бугари, Македоно-Словени, Албанци и Власи. Според таа мапа, тој уште тогаш ги имал увидено разликите меѓу Македонците и Бугарите, но и меѓу Македонците и Грците. Грчкиот професор ги издвоил Македонците со посебна боја, а во легендата ги напишал како Македонски Словени. Освен оваа мапа на Сотиријадис, голема историска тежина има и мапата на Димитрија Чуповски, изработена на почетокот на минатиот век. Имено, за време на Балканските војни, Чуповски упатил два меморандума до Големите сили со барање да се конституира посебна држава – Македонија. Мапата на Чуповски е прва мапа на Македонија изработена од Македонец. Во неа Македонија е прикажана во своите географски и етнички граници, а била изработена за да се испрати заедно со Меморандумот до Комисијата за разгледување на македонското прашање во Лондон, односно да се види дека Македонија претставува една географска и етничка целина. Затоа, можеби е добро ваквите мапи да ги имаат предвид и оние што толку лесно се согласуваат со сѐ што ќе им подметнат како кукавичино јајце, не знаејќи дека натрапникот подоцна ќе им го конфискува и гнездото!


Три европски коридори минувале низ Македонија пред 17 века!

Во Појтингеровата мапа, изработена од Касторуис во 350 година, освен Виа егнација, со попатните станици Лигнидо, Хераклеја, Едеса, Пела и други, детално е прикажан и патот по долината на Вардар, со станиците Скупи, Агвас, Анаусаро, Гурбита, Стопис, Антигонија, Стенас, Идомена, Тавријана, Галикум и Тесалонике, односно денешниот таканаречен коридор десет, односно Александар Велики, или како што некои го нарекуваат Пријателство, но и третиот пат што се поклопува со денешниот коридор осум, кој низ Битола и преку Стоби водел до Софија, минувајќи низ попатните станици забележани на мапата од 350 година, како Стибера, Керамиеја, Евристос, Андаристус, Стоби, Транупара, Астибо и на крајот Сердика.

Блаже Миневски