Заменикот министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, го прими Дејвид Спроул, генерален директор за европски и евро-азиски прашања во Министерството за надворешни работи на Канада.

На средбата беше направен пресек на билатералните односи помеѓу двете земји, кои беа оценети како традиционално блиски и пријателски, со потенцијал за нивен натамошен развој и унапредување. Соговорниците се осврнаа и на состојбите и актуелните прашања во регионот.

Жерновски, заблагодарувајќи се на континуираната поддршка од Канада во остварување на стратешките приоритети на нашата држава, изрази очекување за продолжување на соработката меѓу двете земји во областите од заемен интерес. Од страна на директорот Спроул беше истакнато дека полноправното членство на нашата земја во НАТО и отпочнувањето на процесот за интегрирање во ЕУ претставува значаен придонес кон стабилноста и просперитетот на регионот.

Соговорниците со задоволство констатираа дека полноправното членство на Македонија во НАТО претставува ново стратешко сојузништво со Канада на глобален план.