Заев на средба со грчката претседателка

Премиерот Зоран Заев, во рамките на дводневната работна посета на Грција, денеска оствари средба со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу. Заев се заблагодари за можноста да се сретне со претседателката Сакеларопулу како уште една афирмација и придонес за подобрување на односите и градење доверба меѓу Македонија и Грција, како пример за добрососедски односи во регионот.

За време на разговорот, на кој присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, и министерот за надворешни работи Бујар Османи, беше оценето дека Договорот од Преспа, освен решение на тридецениското отворено прашање меѓу двете соседни земји, создаде сојуз и партнерство, и денеска Грција е силен поддржувач на Македонија во нејзиниот процес за интеграција во ЕУ.

Премиерот Заев изрази увереност дека Грција ќе биде еден од главните лобисти за успешен старт на првата меѓувладина конференција за време на германското претседателство со Советот на ЕУ, со која ќе стартува процесот на преговори за членство на Македонија во Европската Унија.

Блиската соработка со Грција беше од клучна важност и за членството на Македонија и како сојузник во Алијансата, Грција е сега задолжена за чување на небото над нашата земја.

Премиерот Заев и претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу разговараа и за потенцијалите за проширување и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји која треба да биде поттикната и од вториот состанок на Советот за соработка на ниво на влади во Атина на кој ќе се разговара за натамошното имплементирање на Акциониот план за интензивирање и збогатување на соработката помеѓу Грција и Македонија, како што е предвидено во Договорот од Преспа.