Каква корист што пресудата на меѓународниот суд за правда во Хаг беше во корист на Македонија, а против Грција

По менувањето на Уставот и името на Република Македонија и по ратификацијата на спогодбата од Мала Преспа во грчкиот парламент, настаните се одвиваат како по одлично научени лекции од најдобрите учебници за принципите на медијацијата.

Двете легитимирано официјални страни во спорот за името изразуваат задоволство од постигнатиот разумен компромис, изјавуваат дека донесените решенија еднакво ги задоволуваат интересите и потребите на двете држави и го постигнале најдоброто што можеле да го постигнат. Истакнуваат дека нема поразени, дека двете страни се победници и добитници во решавањето на тој историски конфликт. Со меѓусебни фалби, комплименти и признанија си честитаат едната на другата за решениот спор.

На нивните исклучително позитивни оцени се надоврзува и посредникот, а не штедат ласкави изјави и надворешните помагачи во решавањето на спорот. И од сите произлегува клучната порака, клучното начело во решавањето на споровите со помош на медијација: заборавете го минатото – гледајте во иднината.

Иако јазикот (речникот) по успешното завршување на медијацијата најчесто знае да биде претерано лицемерен, шминкан и додворувачки, како што е и во сегашниот случај, во реалноста секогаш останува горчливиот вкус од исходот. Во таа дилема меѓу фалбите и горчилата може да се побараат и некои од деталите за постигнатата спогодба, која и кај дел од македонската и кај дел од грчката јавност предизвикува не мало незадоволство. Што донесе и што допрва ќе носи таа, освен промената на името на Република Македонија во Република Северна Македонија или, пократко, Северна Македонија, гледано од македонски и од меѓународен аспект?

Спогодбата, постигната под американско и германско покровителство, е составен дел на затворање на неколку сѐ уште отворени историски прашања на Балканскиот Полуостров. Со неа привршува историјата на Македонија каква што ја познаваме еден век, или последните седумдесет и пет години. Со нејзиното ратификување уште еднаш, сега засекогаш, со нова меѓународна поддршка, се ревидира Букурешкиот договор од 1913 година, според кој сегашната територија на Република Македонија ѝ припаѓаше на Србија. Таа, по прифаќањето на новото име во Обединетите нации, дефинитивно е територија на новата држава, на Република Северна Македонија. Со прогласувањето на новата држава како признаен политичко-правен субјект, се комплетира уште едно нерешено прашање по распадот на Титова Југославија. ФИРОМ и ПЈРМ се нужно минато, а асномска Македонија останува само спомен, светол датум во историјата, иако тој ден и тој високонационален настан никој не го оспорувал, не го доведувал во прашање.

Инаку, распадот на бившата СФРЈ сѐ уште не е окончан, а нема да заврши до решавањето на конфликтот меѓу Србија и Косово и воспоставување конечни граници меѓу тие две држави. Според некои стратегиски согледувања, не е исклучено во тој склоп да се доведат во прашање и границите на Северна Република Македонија, нејзиниот западен дел, населен со мнозинско албанско население, можност што се отвора при најавеното територијално обединување на Косово и Албанија. Дури кога ќе се затвори албанското прашање, тогаш со сигурност ќе може да се рече дека Балканот не е веќе буре барут.

Со Преспанската спогодба, по сѐ изгледа, му се става дефинитивен крај и на историското таканареченото егејско прашање, што влече подлабоки корени, но дојде до најсилен израз по грчката Граѓанска војна во средината на минатиот век, кога близу сто илјади Македонци беа насилно протерани од своите огништа во Грција. Таа табу-тема за Грците овој пат не само што ги разбранува нивните страсти туку ги растресе нивните политички лидери. Премиерот Ципрас навистина првпат во грчкиот парламент јавно проговори за постоење на славомакедонците, за нивниот егзодус, но и за нивното живо присуство во Грција. По прашањето за името и за Егејците настана политички хаос, тоа предизвика уште поголема разединетост во грчкото општество, што во вакви околности може да се оцени како македонски успех, многу поголем од пресудата на Меѓународниот суд во Хаг што беше во корист на Македонија, а во Грција портретирана како шамиче за бришење нос. Таква политичка збрка на Грција каква што ѝ направи Македонија не успеале да ѝ направат ниту Турција ниту Русија, ниту НАТО, ниту ЕУ.

Овде, можеби надвор од контекстот, можеби во заграда, треба да се направи една дозволена дигресија и да се каже дека во текот на преговорите во 1990-тите години еден од грчките предлози за името беше токму „Славомакедонија“. Тогаш претседателот Киро Глигоров беше подготвен да го прифати тој предлог, но при консултациите наиде на жесток отпор кај албанските партии, по што предлогот го заклучи во фиока. Инаку, за потсетување „егејското прашање“, поточно барањето на правата на Македонците во Грција беше жежок костен во нејзините раце, особено што тие барања беа дел од стратегиските определби на Република Македонија во комунистичко-социјалистичкиот период.

Што се однесува до самото „македонско прашање“,тоа не е сосема решено, и покрај постигнатиот договор за пријателство со Бугарија и спогодбата за името со Грција. Тоа е можеби решено набљудувано во голема слика, но сѐ уште е отворено во деталите и ќе биде отворено до приемот на Северна Македонија во Европската Унија. Тој проблем нема да го предизвикува статусот на државата туку статусот на нацијата, кој засега и теоретски и практично виси во воздух. Дебатите за државјанството и националната самобитност нема да запрат наскоро, тие најверојатно, со текот на времето, ќе одат на штета на второто. Тоа уште долги години ќе биде камен на сопнување во односите меѓу трите држави.

Според сите изјави и најави, Северна Македонија ќе се труди да ги избегне сите можни недоразбирања, да ги елиминира евентуалните изливи на неконтролирано искажување македонизам и да ги изолира и сведе на минимум поддржувачите на идеите за враќање на името Република Македонија. По стапувањето во сила на спогодбата, што ќе се случи во најскоро време, во државата ќе почне процесот на менување на имињата на сите институции што имаат национален, македонски предзнак. Дали тоа е решено само со амандманите на Уставот или ќе се донесува посебен закон, дали за тоа ќе решава државата или тие одлуки ќе ги донесуваат самите институции останува да се види. Потоа, лека-полека ќе почне да се менуваат учебниците, а од рафтовите на библиотеките ќе се тргаат книгите со досегашната македонска историја. Ќе бидат заменувани со нови. Наскоро ќе видиме што е договорено за топонимите – дали за нив ќе се употребува македонските или грчките имиња. Дали Солун ќе остане Солун или ќе биде Тесалоники, на пример. Александар Македонски ќе се врати во грчкиот непознат гроб, а сонцето од Вергина ќе згасна на македонското небо.

За да нема забуни и заблуди, колку и да не се сака, мора да се признае дека спогодбата со Грција е конечна. Нема влада, која било и од која било страна, вклучувајќи ја грчката, што ќе може неа да ја поништи, измени или да ја врати на повторно разгледување. Таа со сите придружни документи ќе биде депонирана како финален документ во Обединетите нации. Треба отворено да се каже дека залуден ќе биде отпорот на „бојкотирам“ или „Чкртај Северна“, тие ќе треба да бараат нови форми или мотиви за изразување на своето незадоволство. Треба да се прифати сознанието дека сe затвора една богата, бурна, најверојатно најзначајната страница во историјата на македонскиот народ, кога тој доби своја прва држава, своја територија, свој политичко-административен кадар. И кога го дефинира и зацврсти националниот идентитет, ја изгради државата, го кодифицира јазикот, умешно живееше со сите малцинства, живееше во мир и просперитет.


Каде се парите

Секоја медијација подразбира и користење средства и награда за медијаторот по успешно завршеното решавање на спорот. Во принцип, парите за наградата ги плаќаат еднакво двете страни. Интересно ќе биде да се дознае дали и колкав износ на парична награда доби медијаторот Метју Нимиц, на кој начин и од кого е исплатен, ако е исплатен. Дали од Обединетите нации, дали еднакво од Македонија, Грција, од Америка или од некоја друга страна.
Во грчките и во нашите медиуми во декември минатата година беа објавени информации дека при расправата меѓу министрите Каменос и Коѕијас биле споменати употребени 45 милиони евра за да се реши проблемот за името. Притоа беше споменато дека дел од тие пари стигнал кај некои личности и во Македонија. Во грчките медиуми како финансиер-донатор беше спомнат и Џорџ Сорос, кој има силни политички и медиумски инсталации и во нашата држава.