Фото: Маја Јаневска-Илиева

Атина не само што не презема ништо во духот на Преспанскиот договор и добрососедството туку, напротив, состојбите таму дополнително се радикализираат во односот кон Македонија

Иако меѓународната заедница ја поздравува спогодбата од Преспа како меѓународен договор со кој е решен децениски ирационален спор меѓу Македонија и Грција, фокусот на мониторингот за неговото спроведување сепак е насочен најмногу спрема Македонија. Навистина, како што многу политички познавачи на меѓународните односи забележаа уште по неговото потпишување во Нивици, договорот е сосема асиметричен и, според него, Македонија е таа што презема најмногу обврски (кои произлегуваат од самото менување на името на државата), сепак и Грција се обврзува да спроведе одредени (повеќе формални) промени во духот на преспанскиот контекст.

Но се чини дека по ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент, а потоа и ратификацијата на протоколот за членство на Македонија во НАТО, официјална Атина не само што не презема ништо во духот на Преспанскиот договор и добрососедството туку, напротив, состојбите таму дополнително се радикализираат во однос кон Македонија. И додека кај нас од корен се промени сѐ, почнувајќи од имиња на институциите па до налепници на регистарските таблички на возилата, во Грција на пример сѐ уште стојат патните табли со назнака ФИРОМ, а во своите изјави грчките политичари и понатаму нѐ ословуваат како скопјани и фиромјани. Исто така, во Грција се зголеми и бројот на радикални структури како резултат на Преспанскиот договор, а речиси секојдневно се испраќаат и нови потпалувачки, навредливи, па и погрешни пораки кон Македонија од разни структури во Грција.

Грчките медиуми деновиве пишуваат за постоењето на „вжештените глави“ – националисти во Грција, чиј повод за радикализација е токму Преспанскиот договор.
Постои оцена на грчкиот новинар Димитрис Псарас дека „Грција и Северна Македонија можеби официјално го закопаа горчливиот тридецениски спор, но резултатот од ова решение всушност ѝ дава ветер во едрата на грчката крајна десница и за нова сорта екстремисти надвор од Златна зора, чија популарност опадна поради различни обвиненија за криминал од 2015 година наваму.“

– Неколку нови групи се борат да го освојат овој простор. Некои го избегнуваат неонацистичкиот симболизам што го користеше Златна зора. Но, исто како и Златна зора во 1992 година, сите го користат спорот за името Македонија како своја лансирна рампа – пишува Псарас.

Оцените се дека национализмот во Грција воопшто не е намален по потпишувањето на Преспанскиот договор туку, напротив, добива нови димензии, кои ќе се манифестираат и на претстојните избори во земјата.

– Оние десничарски групи што се повеќе „мејнстрим“ и што не се обвинети за криминал меркаат место во парламентот преку изборите закажани за годинава.
Основачите на „Комитетот за грчкиот карактер на Македонија“, главниот организатор што стои зад протестите, минатиот месец најавија дека ќе формираат нова партија, која ќе се нарекува Епос (епска), како кратенка од Хеленска политичка свест. Се појави и партијата наречена Хеленско решение, која е формирана во 2016 година од поранешен член на опозициската конзервативна Нова демократија, Кирјакос Велопулос, но која привлече внимание за време на протестите во 2018 и 2019 година. Велопулос се најде во центарот на вниманието во 2018 година, кога на некој начин го поддржа насилниот напад врз градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, гласен критичар на десничарската политика. И овие групи го искористуваат гневот предизвикан од договорот постигнат околу Македонија – оценува грчкиот новинар Костас Кукумакас.

Што се однесува, пак, до исполнувањето на грчките обврски од Преспанскиот договор, како што поминува времето сѐ повеќе се чини дека тие ќе бидат целосно игнорирани. Иако Македонија ги смени таблите на граничните премини, каде што е наведено новото име на државата, ги смени имињата на државните институции…, во Грција и понатаму опозицијата и медиумите продолжуваат со својата стара практика на употреба на акронимот ФИРОМ, или Скопје за означување на нашата земја.
Регионалниот грчки гувернер под чија управа се Солун, Халкидики, Кукуш, Серес и други области, Апостолос Ѕиѕикостас, откако Македонија ги смени таблите со името на државата на граничните премини, порача дека тој нема да ги промени таблите со патокази што водат кон Македонија. Гувернерот на регионот Централна Македонија јасно истакна дека нема намера да го почитува Преспанскиот договор, според кој знаците што досега беа именувани со „Скопје“ треба да се заменат со „Северна Македонија“.

– Сакам да бидам јасен, знаците на улиците во регионот Централна Македонија нема да се променат. Додека сум регионален шеф, на знаците ќе пишува Скопје, а не Северна Македонија, штом соседите избираат име што не им припаѓа. За мене тие беа и ќе останат Скопје – рече Ѕиѕикостас.

Состојбата со патната сигнализација во Грција за означување на правецот кон Македонија и понатаму е непроменета.

Иако, според Преспанскиот договор, грчката страна наводно го признава македонскиот јазик, грчкиот лингвист и поранешен ректор на Атинскиот универзитет, Г. Бабаниотис, уште пожестоко ја негира реалноста на официјалниот јазик во Македонија. На прашањето на новинарката на „Та неа“ дали постои македонскиот јазик, тој вели дека тој треба да се нарекува „србобугарски“, или „бугаросрпски“.

– Постои, се разбира, јазикот што го зборуваат во Скопје (во денешно време „Северна Македонија“), но овој јазик е словенски јазик, да бидам прецизен: бугарско-српски, кој ја користи азбуката на словенската кирилица, јазик што е намерно избран од страна на Скопје за да го носи лажното име „македонски“, за да се однесува на грчкиот јазик на Македонија (античка и нова). Тоа е затоа што јазикот е елемент на идентитетот, а не едноставно име, а со тоа и една од главните компоненти за поддршка на македонскиот етникум – вели грчкиот лингвист Бабаниотис.

По ваквите тези и провокации, се поставува прашањето дали македонските власти и меѓународната заедница ги следат случувањата и дали некој се чувствува повикано да реагира.