Фото: Игор Бансколиев

Несомнено, хуманитарната димензија е исклучително важна и Македонија треба да помогне. Но дали поучени од досегашните бегалски искуства, кога и покрај сите ветувања од страна, државата ни беше оставена сама да се справува со проблемите, стекнавме знаење и искуство со менаџирање вакви бегалски кризи? Имаме ли и реален капацитет да овозможиме пристојни услови за бегалците? Во услови на долга верига од кризи, кои кај нас се надоврзуваат еднаподруга, поради што не успеваме и да ги исполниме планираните стратегиски цели на Македонија, ризикуваме ли повторно да бидеме цел на критики на меѓународната заедница поради лошото менаџирање со бегалците, со што ќе си натовариме на грб уште еден тежок тест за функционалноста на државните институции, како и нов (неисполнет) услов за приклучување во Европа?

Драматичните настани во Авганистан иницираат нов бегалски притисок однадвор и нови главоболки однатре

Македонија од осамостојувањето до денес ја покажа својата огромна хуманост сочувствувајќи со сите оние на чија територија се водеа војни, беа погодени од разни природни катастрофи и временски непогоди, прифаќајќи бегалци што маката ги принудила да ги напуштат родните огништа.
Така беше за време на крвавите војни на територијата на поранешна Југославија, кога земјава на своја територија згрижи голем број бегалци, најпрво од Босна и Херцеговина, а потоа и од Косово, кога го презеде најголемиот товар примајќи прекуноќ над половина милион бегалци.
Тогаш тоа претставуваше наплив на ново население, што беше речиси 18 отсто од постојното население и креираше сериозна закана за нарушување на демографската структура во земјата. Згора на тоа, државата тогаш претрпе и огромни економски штети, кои не ѝ беа надоместени, но наместо некаква компензација, две години подоцна земјата се соочи со оружен конфликт, кој во најголем дел беше увезен и менаџиран токму од Косово.

Колку и да се подготвуваме, секогаш тешко оди менаџирањето на бегалските кризи

Сега повторно, по драматичните настани во Авганистан и повлекувањето на НАТО по дведеценискиот престој таму, одново се најавува бегалска криза, а од Македонија се бара да ги прифати бегалците.
– Македонија ќе отстапи хотели и одморалишта за бегалците од војната во Авганистан, а оперативата и трошоците за време на нивниот престој до обезбедувањето крајна дестинација целосно би ги покриле САД… Ние сме солидарна земја, нашиот народ и нашето општество секогаш давале поддршка и помош, исто како што сме добивале помош при огромни катастрофи. Заеднички со САД ќе ги планираме идните чекори за натамошното постапување – најави неодамна премиерот Заев, притоа додавајќи дека САД се веќе информирани за нашата подготвеност да им помогнеме на цивилите од Авганистан.
Несомнено, хуманитарната димензија е исклучително важна и Македонија треба да помогне. Но дали поучени од досегашните бегалски искуства, кога и покрај сите ветувања од страна, државата ни беше оставена сама да се справува со проблемите, стекнавме знаење и искуство со менаџирање вакви бегалски кризи, а имаме ли и реален капацитет да овозможиме пристојни услови за бегалците? Во услови на долга верига од кризи, кои се надоврзуваат еднаподруга, поради што не ги исполнуваме и планираните стратегиски цели на Македонија, ризикуваме ли повторно да бидеме цел на критики на меѓународната заедница поради лошото менаџирање со бегалците, со што ќе си натовариме на грб уште тест за функционалноста на државните институции и нов (неисполнет) услов за приклучување во Европа…

Треба да се држиме до обврските во согласност со меѓународното право

Имено, кога и самата се наоѓа во тешка економска криза, дополнително соочена со ковид-кризата, на која не ѝ се наѕира крајот, дилемата што се наметнува е како ќе згрижи бегалци од Авганистан, кога и самата е исправена пред неизвесна иднина. Се покажа дека без оглед на сите отстапки што ги направи досега, повторно е заглавена во чекалницата на ЕУ, без реални шанси скоро да ги почне пристапните преговори со ЕУ, а никој не знае што ја очекува и на економски план, бидејќи постојаните задолжувања веќе ги пробија сите плафони.
Сето ова го наметнува и прашањето зошто од толку богати и добро уредени европски држави, прифаќање бегалци се бара од Македонија, Албанија и Косово, кои реално ниту имаат капацитети, ниту, пак, финансиска моќ да им понудат квалитетно засолниште на бегалците.
– Ова што сега го прават македонските власти, нудејќи се да дозволат влез за бегалците од Авганистан, е гол популизам и додворување до западните сојузници. Не е потребно тоа да се прави, туку земјава во однос на сите бегалци има обврски во согласност со меѓународните закони и треба да се држи до тоа – вели поранешниот дипломат Драган Јањатов.
Според него, под превезот на агендата за прифаќање бегалци од Авганистан има и друга заднина, која актуелната власт ја затскрива.
– Целата работа има и друга заднина. Имено, многу платеници од Македонија војуваа во Авганистан на страната на талибанците и сега, со прифаќањето на бегалците, целта е и тие да се протнат тука и да минат без правни последици поради војувањето во туѓи земји – смета Јањатов.
Тој уште додава дека Македонија во минатото во неколку наврати ја покажала својата хуманост, но дека тоа од никого не било ценето.
– Треба да се престане со популизам и додворување, туку земјата да се држи до меѓународните закони. Ова што се прави е само на штета на државата – заклучува Јањатов.