Претседателот Стево Пендаровски во Брисел

Македонија е подготвена да ги почне пристапните преговори со Европската Унија. Ваква порака упати денеска претседателот Стево Пендаровски на средбите со комесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји и со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, со што ја започна неговата работна посета на Брисел.

На средбата со Вархеји, претседателот Пендаровски изразил благодарност за неговиот ангажман и поддршка за реализација на договорот за распределба на 651.000 дози од вакцината „Фајзер“ за земјите од Западен Балкан, од кои нашата држава ќе добие 119.000 вакцини.

– Претседателот порача дека е клучно да се забрза процесот на вакцинација во претстојниот период и да се овозможи животот да се врати во нормала што побрзо, заблагодарувајќи се на ЕУ за целокупната поддршка и помош во справувањето со пандемијата, како и за демонстрираната солидарност – соопштија од Кабинетот на Пендаровки.

Двајцата соговорници разговарале за можностите за исчекор на Македонија во евроинтеграциите, во контекст на претстојните состаноци во рамките на Европската Унија што треба да се одржат во мај и јуни годинава, како и билатералните прашања врзани со добрососедските односи. На средбата се размениле и мислења и информации за надминување на проблемите со Бугарија.

На средбата со Лајчак, Пендаровки разговарал за најновиот развој на настаните во регионот, како и за предизвиците со кои се соочува во поглед на регионалната стабилност.

Во рамки на посетата на Брисел, претседателот Пендаровски денеска ќе оствари средби и со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, со претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, со потпретседателот на Европската Комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, како и со европратеникот и известител за Македонија, Илхан Кјучук.

Претседателот Пендаровски утре, 28 април, среда, ќе оствари средба со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.