Ако се има предвид дека изборите во Бугарија треба да се одржат во март, а и следниот Совет на ЕУ е закажан за март, тогаш се поставува прашањето дали со интензивирањето на преговорите со Бугарија сега, Македонија активно се вклучува во бугарската предизборна кампања

Дилемите за интензивирањето на преговорите со Бугарија по празниците

Македонските власти не се откажуваат од преговорите со Бугарија за наоѓање решение за деблокирање на евроинтегративниот процес на земјава, иако повеќе од јасно е дека официјална Софија нема намера да отстапи од позициите што впрочем и доведоа до блокадата.
Потврда за тоа е и нонпејперот што македонската страна го испрати до Бугарија со одредени мислења за тоа како би можеле да бидат надминати разликите, а на кој сè уште нема одговор.
Од тие причини се поставува прашањето дали Македонија свесно оди со главата во ѕид давајќи им ветер во грб на актуелните бугарски политичари во пресрет на изборите, кои токму на темата „Македонија“ си го градат политичкиот рејтинг.

– Во такви предизвикувачки моменти треба да ги покажеме европските вредности. Дијалог наместо конфликт. Смиреност и подготвеност за соработка наместо национализам за внатрешна употреба и нова изолација. Заеднички успех наместо заеднички неуспех. И ние и бугарската страна имаме обврска да им обезбедиме на македонските и бугарските граѓани европска иднина, но со почит кон европските вредности – рече премиерот Зоран Заев, најавувајќи интензивирање на дијалогот со Бугарија по празниците.
На иста линија е и министерот за правда Бојан Маричиќ, кој смета дека разговорите мора да продолжат.
– Разговорите со соседна Бугарија ќе продолжат, тие се наши соседи и мораме преку европска достоинствена политика и дијалог да бараме решение за недоразбирањата. Разговорите ќе продолжат со оваа и која било друга идна бугарска влада – нагласува Маричиќ.
Интензивирање на разговорите најави и министерот за надворешни работи Бујар Османи, без оглед што Софија сè уште не одговорила на нонпејперот што македонската страна го испрати пред Нова година.
– Македонската влада се подготвува за продолжување на комуникацијата, како и за пристапот и динамиката во наредниот период – рече Османи, притоа додавајќи дека со премиерот ќе има координација за разговорите со Бугарија и дека ќе разговара за пристапот и динамиката на идните разговори.

Но ако се има предвид дека изборите во Бугарија треба да се одржат во март, а и следниот Совет на ЕУ е закажан за март, тогаш се поставува прашањето дали со интензивирањето на преговорите со Бугарија сега, Македонија активно се вклучува во бугарската предизборна кампања.
Некои од домашните аналитичари сметаат дека интензивирањето на преговорите со Бугарија во овој период најмногу му оди во прилог на актуелниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој освен национализам, нема што друго да им понуди на гласачите.
– Кога би се однесувало само на Бугарија, не ни одговара да влегуваме во нејзината предизборна кампања бидејќи тие на македонското прашање печалат, и Борисов, но најмногу Каракачанов. Тоа би било како Ципрас да му кажеше на Заев да преговара со Златна зора. Кога имаш таков елемент во преговорите многу е проблематично бидејќи ние со Каракачанов не можеме никогаш да најдеме пресек на позициите – вели Петар Арсовски, политички аналитичар.
Според него, причината за нашето активирање во овој период е на преостанатиот дел од меѓународната заедница да ѝ се покаже дека земјава е заинтересирана за решавање на овој проблем.
– Ние мора да ја држиме меѓународната заедница, условно речено, загреана за ова прашање и мора одвреме-навреме да покажуваме некакви иницијативи бидејќи на Бугарија не ѝ одговара некаква иницијатива, но нас ни одговара. Мислам дека причината за таквите иницијативи е ние да покажеме пред преостанатиот дел од меѓународната заедница дека ние сме заинтересирани за решавање – истакнува Арсовски, притоа додавајќи дека придобивката од меѓународната заедница е поголема одошто ризикот од предизборието во Бугарија.
Од своја страна, политичкиот аналитичар Александар Пандов смета дека инсистирањето на преговори во овој момент со Бугарија е само последен обид на премиерот Зоран Заев да издејствува почеток на преговори со ЕУ бидејќи нема што друго да им понуди на македонските граѓани.

– Заев, немајќи време и никаква останата економска, образовна, судска програма, како и привлекување некакви странски инвестиции, игра и понатаму на картата на ЕУ. Свесен дека ако во март ја пропушти оваа шанса, тој нема да испорача ништо за ЕУ и реално пролетва ќе мора да поднесе оставка и да бара нова доверба бидејќи довербата што ја доби од граѓаните беше врз основа на ветувањето за влез во ЕУ. Главниот столб на неговата изборна програма сега е напукнат и тој преку некакви преговори со Бугарија се надева дека ќе добие некаков сигнал од Софија – смета Пандов.
Тој изразува зачуденост што македонските власти продолжуваат да ги игнорираат препораките на американските дипломати.
– За мене е зачудувачки што по јасните пораки на одреден број американски дипломати, во кои јасно посочуваат дека билатералните преговорите со Бугарија не треба да бидат во рамките на преговарачкиот процес со ЕУ, желбата на Заев, Димитров и на Османи и понатаму билатерално и како услов за ЕУ е тие да преговараат. Ме плаши дека Заев и понатаму е подготвен по која било цена да ги води тие преговори, а од друга страна по јасно посочените црвени линии и барањата од Бугарија реално не постои нешто за што би можело да се разговара и да се преговара со тие луѓе – констатира Пандов.