Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според аналитичарите, за да излеземе како победници од оваа голгота, ние мораме да изградиме блиски врски со нашите сојузници, бидејќи очигледно некои земји во Унијата нѐ поддржуваат повеќе во нашите напори, а некои помалку. Истовремено, ако сакаме да имаме успех во преговорите со ЕУ и во споровите со соседите, треба да имаме и чувство на национален интерес зад кој ќе стојат сите партии во државата

ДЛАБОКИТЕ ВНАТРЕШНИ ПОДЕЛБИ ВО ЕУ ПО РЕДИЦА ПРАШАЊА, ПРЕДИЗВИК И ЗА НАШАТА ДРЖАВА

Во последно време расте бројот на спротивставени барања, па дури во одредени сегменти и контроверзни размислувања во и онака длабоко поделената и расцепкана Унија. Најновите димни сигнали доаѓаат од Франција и од Германија, државите што се сметаат за мотор, односно движечка сила на ЕУ, но оттаму сѐ поактуелни се најавите дека одредени партии се залагаат овие земји да ја напуштат Европската Унија, како што го изврши тоа Британија. Во Франција овој процес го заговара Марин Ле Пен од Националниот фронт, а во Германија тоа е партијата Алтернативна Германија. Дополнително, Унгарија и Полска се закануваат со сличен чин, бидејќи се во политичка битка со Брисел за низа прашања, додека државниот врв на Италија веќе подолго време силно го критикува раководството на Унијата поради непринципиелните политики, па дури и најавува можност за референдум за излез од меѓународната организација.
Во тој правец, францускиот претседател Емануел Макрон неодамна сите овие настани во ЕУ ги опиша како конфликти што се на ниво на „културолошка војна“ по овие прашања во ЕУ.
Од друга страна, сите овие случувања внатре во Унијата се интересни за анализирање и од македонска перспектива на настаните, бидејќи нашата земја е во долгогодишен процес на водење преговори за членство во ЕУ, кој во моментов е блокиран од Бугарија и нејзините ирационални, уценувачки и неприфатливи барања и политики кон Македонија.

Универзитетскиот професор Михал Вит, за „Нова Македонија“ објаснува дека Европската Унија повеќе не е унитарното тело како што го паметат и во изјавите редовно го тврдат поголемиот број од политичарите од Балканот, тука вклучувајќи ги и оние од Македонија.
Според професорот, ЕУ изминативе години е во фаза на трансформација и во етапа на геополитичко насочување, а сето тоа е природен чин по корона-кризата, брегзит, но и по промената на Доналд Трамп во релациите на ЕУ со САД.
– Оттука, може слободно да се каже дека Унијата има свои приоритети, а очигледно проширувањето не е процес што е приоритет за Брисел – вели Вит.
Професорот истакнува дека Македонија не треба да се откажува од своите национални политики за членство во Унијата, но додава дека притоа државата мора мудро да си ги одмери дипломатските чекори и да одлучи кога е правото време за дејствување, во кое ќе се постигне најголем дипломатски успех – вели Вит.
Професорот истакнува дека дискутабилно е дали овој период е вистинскиот за решавање на спорот со Бугарија, бидејќи во моментов очигледно Брисел не троши толку многу енергија со проширувањето колку што троши кон надминување на кризата и економското заздравување од пандемијата.
Тој советува, македонските политичари внимателно да ги избираат своите европски сојузници и во тесни корелации со нив да атакуваат одлучно за членство, но само во моменти кога вистинското време ќе биде дојдено и кога ќе може реално да се очекува напредок во процесот за зачленување на земјата во ЕУ.
Слично размислува и политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, кој додава дека се чини дека во државата во овој момент нам ни е потребен документ што би ги отсликал националните линии во процесот на зачленување во ЕУ.
Според аналитичарот, нашите политичари од практиката треба да ги исфрлат флоскулите во изјавите во кои се добива впечаток дека по секоја цена тие се согласни на сите услови што ни се поставуваат нам од државите во ЕУ.

– Процесот за членство во ЕУ е закочен со години, и тоа најверојатно ќе потрае. За да излеземе како победници од оваа голгота, ние мораме да изградиме блиски врски со нашите сојузници, бидејќи очигледно некои земји во Унијата нѐ поддржуваат повеќе во нашите напори, а некои помалку – вели Пекевски.
Аналитичарот заклучува дека ако сакаме да имаме успех во преговорите со ЕУ и во споровите со соседите, треба да имаме чувство на национален интерес зад кој стојат сите партии во државата.
Црногорскиот професор Веско Гарчевиќ, кој е дел од Катедрата по меѓународни односи на Универзитетот во Бостон, САД, во свој осврт на случувањата констатира дека балканските политичари, послушноста кон Брисел непотребно ја дигаат на ниво на државна религија, за на друга страна да скријат дека всушност не прават доволно за да ги реформираат своите држави.
– Еднаш може да се влезе во театар без да се плати билет. Може да се хакира и компјутерска програма за да не се плати лиценца. Но не може да се хакира влезот во ЕУ – пишува Гарчевиќ.
Тој истакнува дека кога е во прашање ЕУ, државите како Црна Гора или Македонија сметаат дека сториле доволно и очекуваат дека тој напредок треба да биде признаен, бидејќи морале да донесат политички болни одлуки, меѓу другото и целосно да ја приспособат својата надворешна политика кон ЕУ, но меѓутоа, во очите на членките како Холандија, Данска, Шведска, Франција или Германија, тоа не е доволно доколку сето тоа не е проследено со сериозни реформи на полето на владеењето на правото или борбата против ендемската корупција.
Токму затоа, професорот објаснува дека во оваа точка лежи и фундаменталното неразбирање на двете страни од равенката, односно дека зачленувањето во Унијата не треба да биде слепо залагање, туку треба да биде темелено врз мудри мерки, кои ја легитимираат земјата како вистински кандидат за членство во ЕУ.