Фото: Маја Јаневска-Илиева

И покрај вообичаената меѓународна практика за изгледот на личните карти, која има тенденција тие да бидат форматски, визуелно и содржински изедначени со европските, па и со поголем број од земјите во светот, претставниците од политичката партија Беса сметаат дека „заради усогласување на законот со Уставот“, а пред сѐ повикувајќи се дека „припадниците на етничките заедници имаат право да ја искажат својата етничка припадност“, четворица пратеници на партијата Беса, кои се дел од владејачката коалиција на СДСМ, предлагаат образецот за личните карти на граѓаните на Македонија да се дополни и со податоци за етничка припадност… Каде води таа иницијатива и кои се реалните рефлексии?

Иницијативата за нови лични карти
(со графа за етничка припадност) како повод

Четворицата пратеници на партијата Беса, кои се дел од владејачката коалиција на СДСМ, предлагаат образецот за личните карти на граѓаните на Македонија да се дополни и со податоци за етничка припадност. Тие веќе и поднеле до Собранието предлог-законски измени на Законот за лична карта, со кои би се вовела и графата за етничка припадност на граѓаните, што досега не беше случај со овој документ за идентификација. И покрај вообичаената меѓународна практика за изгледот на личните карти, која има тенденција тие да бидат форматски, визуелно и содржински изедначени со европските, па и со поголем број од земјите во светот, пратениците од Беса сметаат дека „заради усогласување на законот со Уставот на Република С. Македонија, а пред сѐ од причина што сметаме дека припадниците на етничките заедници имаат право да ја искажат својата етничка припадност“. Затоа тие предлагаат членот 5 став 2 од Законот за лични карти, односно образецот на лична карта да се дополни и со податоци за „етничката припадност “. Извори од коалицискиот партнер на Беса, партијата СДСМ, велат дека тоа било договорено во предизборната коалиција, но и дека тоа како намера било договорено и ставено во соопштение од една владина седница уште пред две и пол години, односно пред да биде донесен Преспанскиот договор…

Проблем во внатрешното право, а проблем и во меѓународното право

Покрај генерирањето проблем во спроведувањето на коалицискиот договор поврзан со (не)внесување на графата „етничка припадност“ во македонските лични карти, со ваквата иницијатива се генерира и проблем заради неусогласеноста со меѓународната практика за користење на националните документи за идентификација и како патни исправи.
– Проблемот може да настане во тоа што во патните исправи не треба да стои етничката припадност, а како што е познато, со неколку држави ние како земја имаме склучено договор и личната карта може исто така да се користи како патна исправа, како што се Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, односно во тие држави да може да се патува и со лична карта. Сега сакаме таков договор да склучиме и со Грција, но стравуваме да не излезе некој правен проблем околу тоа. Затоа и сакаме да се консултираме со нашите странски партнери, но тоа ќе го оставиме за по празниците. Затоа и ќе почекаме, да не направиме заради избрзување некој пропуст. Инаку, реално нема проблем да стои во образецот за лична карта етничката припадност – изјавиле за македонската јавност извори од СДСМ.
Овој навидум „технички проблем“ во имплементацијата на коалицискиот договор ја открива претежно етничко-политичката мотивираност на ваквиот предлог, кој може да се предизвика непотребни компликации во македонското општество на внатрешен план, но и да се рефлектира и во надворешните односи на државата, како и да ја искомплицира меѓународната комуникација на македонските граѓани.

– Воопшто не е меѓународно вообичаено во лични документи за идентификација да се наведува етничка припадност. За таквата практика, најчесто како пример се истакнува САД, но тоа функционира и во земјите на ЕУ – во личните документи (лична карта, пасош) да биде наведено само државјанството и да не се наведува етничката припадност. Всушност, во САД, за да се биде лојален државјанин – најважно е да се плаќа данокот на државата. Во Македонија, тој критериум за државјанство е релативизиран, но затоа има постојано нови барања за етничка самоидентификација. Не е исклучено, ако помине предлогот за графата со етничка припадност, во личните карти, утре-задутре да се побара да биде внесена и графа за верска припадност. Симптоматично е што под изговор за задоволување на човековите права, во Македонија никој не зборува за почитување на индивидуалните права на граѓанинот, туку сѐ се бараат колективни права. Во сите побарувања и коалициски договори на политичките партии, никаде не може да се забележи интересот за индивидуалните права на граѓаните, туку веднаш сѐ се „врти“ на колективни права. Ако некој граѓанин од малцинствата, на пример има некаков граѓански судски случај, веднаш се проблематизира како загрозеност на колективното право. Тоа многу личи на злоупотреба на правото. Всушност тоа се претвори во политички фолклор во Македонија – наоѓање форми и барања како да се злоупотреби правото и државата – вели Борче Давитковски, професор по управно право на Правниот факултет при УКИМ.

Дискриминација на граѓаните од иста држава

Професорот Давитковски смета дека сите овие побарувања на политичките партии со етнички предзнак за наводна заштита на малцинскиот етнички идентитет сѐ повеќе придонесуваат за деградација на либералниот концепт на граѓанска држава. Според него, најсоодветно е личните карти на македонските граѓани да го следат образецот на овие документи за идентификација што се применува во земјите на ЕУ. Односно граѓанинот може да има само една лична карта, а со неа се утврдуваат податоците како: презиме и име на граѓанинот, државјанство, пол, датум на раѓање, матичен број, датум на издавање на личната карта, датум на важење, место на раѓање, живеалиште и адреса, надлежен орган што ја издал, како и број на личната карта и потпис на нејзиниот имател. Давитковски предупредува дека наведувањето на етничката припадност во личната карта, во одредени случаи може да биде и повод за дискриминација на граѓаните од иста држава. Како пример го наведува неодамнешниот случај кога соседна Албанија дозволуваше македонските граѓани со албанско етничко потекло да влегуваат таму само со лични карти, додека на сите други граѓани на Македонија за влез во оваа соседна држава им беше потребен пасош. По одредени укажувања од меѓународната заедница, Албанија ја промени таквата одлука, по што сега сите македонски државјани можат да патуваат таму само со лична карта.