Македонија вчера го почна скрининг-процесот за пристапување во Европската Унија. Во Европската комисија во Брисел се наоѓа 40-члена делегација, составена од експерти од надлежните државни институции што имаат надлежности во конкретната област, а предводена од главниот политички преговарач, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Во нејзиниот состав се и министерката за правда Рената Дескоска, главниот технички преговарач Бојан Маричиќ и експерти од Секретаријатот за европски прашања.

Државниот советник за европски прашања и шеф на кабинетот на вицепремиерот Османи, Драган Тилев, вели дека по јунските заклучоци на Советот на ЕУ, се отвори простор за историскиот почеток на подготовките за објаснувачкиот скрининг, кој официјално беше најавен со посетата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Скринингот, вели тој, практично ќе почне денеска и утре, со поглавјето 23, Правосудство и фундаментални права.

– Почнуваме маратон што ќе трае подолг временски период, чија должина ќе зависи пред сѐ од нас самите и од нашата подготвеност за промени и длабоки реформи – оцени Тилев.

Тој појаснува оти се работи за детален аналитички преглед на европското законодавство во сите 33 поглавја во кои е групирано целокупното Acquis Communautaire (целокупното европско законодавство што ги вклучува основачките акти на ЕУ, како и сите регулативи, директиви, одлуки, правна практика, но и меѓународните акти кон кои пристапила ЕУ во рамките на ОН, Советот на Европа…).

– Аналитичкиот преглед за сите 33 поглавја ќе трае една година, до следниот септември, по што ќе следува продолжување на билатералниот скрининг и подготовка на скрининг-извештаите што ќе ги подготви Европската комисија, а ќе ги одобрат земјите-членки на ЕУ низ пропишана процедура – рече Тилев.

Во овој период вкупно над илјада експерти ќе учествуваат на 33 објаснувачки сесии на аналитичкиот преглед на европското законодавство, кои вкупно ќе траат околу 70 работни дена. П.Р.