Фото: Игор Бансколиев

Колку се веродостојни овие тврдења, со оглед на фактот дека доаѓаат од високи функционери од соседството? Колку овие тврдења се дел од хибридната војна со која се дискредитира и нашата земја? И колку треба Македонија да стравува од последиците од ваквите (дез)информации? Интересот на граѓаните за вакви појави е исклучително чувствителен и поради најавите на некои аналитичари за можноста за нарушување на политичко-безбедносната состојба, по одбивањето да добиеме датум за почнување преговори за ЕУ, а истовремено сѐ уште сме во чекалницата за прием во НАТО

Колку Македонија треба да биде загрижена од тезите и констатациите што доаѓаат од страна на високи државници во регионот дека во нашата земја и во регионот се силно активни одредени странски опскурни разузнавачки центри, чија цел е продуцирање таканаречена хибридна војна меѓу државите на Балканот?
Впрочем, историски гледано, регионот и нашата држава отсекогаш биле арена во која се судирале високи геополитички интереси и се одвивала битката за превласт на големите суперсили. Меѓутоа, деновиве слична приказна се рециклираше од страна на високи функционери од соседството. А токму нивната одговорна функција, во контекст на искажаното, носи и голема одговорност и голема специфична тежина, особено кога изјавите се лиферувани преку јавните медиумски сервиси.

Подготовка на терористички напади врз земјите од регионот

Имено, претседателот на собраниската комисија за Косово и Метохија во српскиот парламент, Милован Дрецун, неодамна за државната РТС изјави, повикувајќи се на информација од седница на Атлантскиот сојуз, одржана завчера во Софија, од каде што произлегло и предупредување за бугарските власти, дека на територијата на Бугарија во моментов се води една вистинска т.н. хибридна операција од страна на Русија, во која се подготвува операција за терористички напади врз соседните држави од регионот.
– Јас исто така претходно во јавноста неодамна информирав дека е формиран еден своевиден, маскиран разузнавачки центар во Скопје, каде што припадници на службите за безбедност од некои соседни земји како Хрватска, Македонија и Бугарија дејствуваат. Овој случај, всушност, кога ќе се расветли ќе може во јавноста да се коментира. Но сето тоа покажува дека против Србија долго и континуирано се водат низа хибридни операции од повеќе страни и дека е неопходно земјата да го доизгради својот механизам за одбрана од тие операции, кои се насочени кон тоа да се влијае и на надворешната и на внатрешната политика на државата – вели Дрецун.
Претходно минатиот месец во Скопје на дебата на Регионалната школа за безбедност слична изјава даде професорка на Државниот универзитет во Софија, Татјана Дронзина, која за новинарите истакна дека за време на изборите во Македонија, Русите воделе хибридна војна од територијата на Бугарија.

Колку се веродостојни овие тврдења, со оглед на фактот дека доаѓаат од високи функционери од соседството? Колку се дел токму од таа хибридна војна со која се дискредитира и нашата земја, и колку треба Македонија да стравува од последиците од ваквите (дез)информации? Или можеби треба да се засилат безбедносните контраразузнавачки мерки и активности за спречување и елиминирање на евентуално постојните „центри за хибридна војна и тероризам“? Интересот на граѓаните за вакви појави е исклучително чувствителен, токму и поради најавите на некои аналитичари за можноста за нарушување на политичко-безбедносната состојба, по одбивањето да добиеме датум за почнување преговори за ЕУ, а истовремено сѐ уште сме во чекалницата за прием во НАТО.

Несериозни изјави од сериозни странски државни функционери

Благоја Марковски, претседателот на Балканскиот форум за безбедност, вели дека тврдењата дека во нашата држава функционираат специјални бази на странски разузнавачи што работат против интересите на трети земји може да бидат класифицирани само како несериозни.
Марковски вели дека кога се анализираат ваквите случувања треба да се има предвид дека основните стратегиски определби на Македонија на внатрешен план се да се овозможи демократско и слободно функционирање на нашето општество, а на надворешен и безбедносен план сето тоа се прави со почитување на принципите за градење добри односи со сите земји преку почитувањето на меѓународниот поредок и зајакнување на стратегиските определби за членство во НАТО.
– Во тој контекст јас верувам дека Македонија е сосема отворено општество и кај нас не се создаваат никакви тајни сојузи ниту пак нашите државни тела дејствуваат против интересите на соседните земји. Натаму во државата не постојат никакви тајни центри, особено не бази од каде што би се воделе хибридни војни насочени или асиметрични операции против други држави. Ние својата безбедност единствено ја засновуваме во членството на Алијансата и врз партнерскиот однос со сите држави во светот – заклучува Марковски.

Поранешниот министер на МВР, Павле Трајанов, има сличен став и вели дека овие изјави најблаго кажано се неаргументирани.
– Според мои информации можам да заклучам дека во Македонија нема никаков центар за хибридно дејствување против Србија. Сето тоа е една измислена работа, пропагирана од одредени центри на моќ, чија единствена задача е да шират дезинформации и вести со лажна содржина, кои би влијаеле врз меѓудржавните релации на балканските земји. Натаму, од друга страна, верувам и дека тврдењата за асиметрично руско дејствување во Бугарија се пренагласени. Ако се погледне фактичката состојба ќе се види дека Русија има добра соработка со Бугарија и во полето на политиката, одбраната и економијата. Таа соработка меѓу Москва и Софија особено е зајакната преку дејствувањето на тамошниот претседател Румен Радев. Јас верувам дека овие две земји немаат латентен судир и конфронтации, туку нормално функционираат, иако Бугарија е членка и на НАТО и на ЕУ – вели Трајанов.
Тој додава дека кога во јавноста ќе се употребат вакви „силни“ безбедносни констатации треба да се примат од граѓаните со доза резервираност бидејќи во најголем дел информациите се пренапумпани.

Во контекст на актуелните случувања, за потсетување е информацијата дека во стратегискиот документ на Министерството за одбрана на земјава насловен „Долгорочен план за развој на одбранбените способности 2019-2028“ се истакнува дека во годините што доаѓаат државата, освен тоа што ќе се вооружува во согласност со стандардите на НАТО со современи системи за одбрана на копно и во воздух, ќе ги унапредува и своите комуникациски системи и ќе ги развива капацитетите за борба со хибридни закани и ќе ја развива сајбер-одбраната.
Во овој документ, се оправдува потребата од развојот на одбраната за хибридните војувања со процената дека современите закани кон државите денес се главно од хибридна природа и се под големо влијание на процесот на глобализација.

Фото: Дарко Андоновски

[email protected]