Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во пресрет на германското преземање на претседателствувањето со Европската Унија

Би можела ли Македонија да очекува подинамични чекори на патот кон европското интегрирање низ сложените процеси на преговорите за време на германското шестмесечно претседателство со Европската Унија? Тоа започнува на први јули, откога Германија ќе ја преземе од Хрватска раководната позиција на ЕУ. Може ли нашата земја да ја почувствува посилно и поконкретно поддршката на ЕУ или, пак, поединечно од земјите-членки на Унијата за време на претседателствувањето на една од најсилните членки, која и досега беше исклучително конзистентна во својата надворешна политика кон Македонија и кон Западен Балкан?

Официјален став од германската амбасада во Скопје

Во одговор за актуелните прашања поврзани со оваа тема, за „Нова Македонија“ заменик-амбасадорот и вршител на должност во амбасадата на СР Германија, Ото Граф, истакнува дека Македонија со сигурност ќе биде во централните елементи на досието за проширување.
– Програмата на германското претседателство со Советот и трио-програмата ќе се актуализираат уште еднаш, со оглед на влијанијата од пандемијата на коронавирусот. За политиката на проширување можам уште сега да кажам дека работата на преговарачката рамка со Северна Македонија сигурно ќе биде во централните елементи на досието за проширување – вели Граф.
Германскиот дипломат истакнува дека притоа се разбира дека централно значење ќе има помошта во реформите, пред сѐ во областа на владеење на правото, одговорно владеење и демократија.
– Германија е свесна дека по завршувањето на пандемијата на коронавирусот особено мора да се најдат и одговори на економските прашања. Во тој контекст, и покрај општото економско оживување, би сакал да го споменам и оптимизирањето на доставувачките синџири во продукцијата. Овде ќе ги вклучиме земјите од Западен Балкан во нашите размислувања. Како и во минатото, Германија и за време на претседателството со Советот активно ќе ја поддржи Северна Македонија на својот пат кон Европската Унија – резимира заменик-амбасадорот Граф.

Размислувања на некои дипломати и универзитетски професори

Дипломатите и универзитетските професори со кои се консултиравме, во сублимиран заклучок велат дека периодот што следува ќе биде динамичен за Македонија, а нашата земја е можно да биде во т.н. комфорна позиција во регионот во битката за членство во ЕУ.
Универзитетскиот професор Михал Вит, кој е одличен познавач на германската дипломатија, но и на политичките релации во Македонија, во изјава за „Нова Македонија“ вели дека периодот што следува со германското претседателство, во најмала рака, ќе биде динамичен.
– Германија во моментов е во привилегирана улога во Унијата, во состојба во која Британија сега е надвор од ЕУ, но и по спроведените одлучни политики поврзани со случувањата со ковид-19. Сето тоа дополнително ја зацврсти и позицијата на Ангела Меркел и во земјата и во Унијата и создаде клима земјата (Германија) да ја разбере потребата од политички заложби насочени кон иднината, односно кон процесот на проширување на ЕУ и намалувањето на политичките тензии со Русија и Кина и државите од Блискиот Исток – вели Вит.

Професорот истакнува дека сите овие состојби ја ставаат Македонија во комфорна позиција во правец на ЕУ пред другите земји од Западен Балкан.
– Единствениот „проблем“ во оваа состојба во моментов е да се оцени колку ќе бидат силни капацитетот и волјата на Германија да го предводи темпото на проширувањето нанапред кон Македонија. Во секој случај, Германија во моментов ги има картите на триумф во своите раце – резимира професорот Вит.
Иван Стефановски, извршниот директор на „Евротинк“, сметав дека нашата земја може да се надева на позитивни сигнали од овие случувања, бидејќи исто како што Хрватска беше благонаклона кон Македонија, таква е и Германија.
– Меѓутоа, во оваа компарација, мора да се истакне дека, за разлика од Хрватска, Германија е многу помоќна и дипломатски повлијателна земја во Унијата. Па во тој правец би можеле за време на германското претседателство да очекуваме и исполнување на одредени стратегиски интереси на Скопје и Берлин во овие политики. Јас очекувам во овој период од шест месеци што следува да се случи и конкретна засилена поддршка на меѓународната заедница, проследена со усвојување на преговарачката рамка за нашата земја и со одржување и на првата меѓувладина конференција на оваа тема – вели Стефановски.
Тој резимира дека во секој случај, преземањето на претседателството со ЕУ со уште еден силен партнер на Македонија на меѓународно поле е само дополнителен поттик за поддршка во исполнување на нашата цел.

Германија би можела да направи многу, но не зависи сѐ од неа

Симонида Кацарска, директорката на Институтот за европска политика, смета дека германското претседателство во секој случај ќе даде приоритет на донесувањето на повеќегодишната финансиска рамка на Унијата во однос на закрепнувањето по кризата од ковид-19.
– Во однос на нашата земја, очекуваме Германија да ја преземе организацијата за усвојувањето на преговарачката рамка, како и да ја организира првата меѓувладина конференција. Фактот што Германија го има претседателствувањето би требало да ни помогне да се остварат овие две цели, бидејќи оваа земја во изминатиот период се постави како поддржувач и мотор на проширувањето – вели Кацарска. Таа додава дека, сепак, мора да имаме предвид дека нашето портфолио е релативно занемарливо во однос на првата точка, односно буџетот на ЕУ, како и поголеми надворешни прашања за Унијата.

Поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски смета дека, во принцип, Германија секогаш била наклонета кон зачленувањето на Македонија во Унијата и може да се очекува дека и во иднина ќе продолжи тоа, односно дека сето тоа ќе биде нагласено во следните шест месеци.
– Меѓутоа, работите на ова поле не зависат само од Германија. Факт е дека Унијата е во тешка криза, дека има силни отпори на проширувањето и дека тој процес е на некој начин замрзнат во Брисел. Не можеме да се надеваме дека Германија ќе го одмрзне тој процес, бидејќи кризата во Унијата е длабока и долгорочна.

Од друга страна, ја имаме и Бугарија, чија позиција на некој начин кај нас се потценува, но Софија е сериозна во намерите. Условите што јавно ни ги постави ќе важат и ние мора да бидеме подготвени на сериозни сопки. Од една страна, Софија сака да ги почне преговорите за да може да ги реализира сите свои нецивилизациски барања во однос на Македонија, ама, од друга страна, ќе направи сѐ за да нѐ присили на попуштање – вели дипломатот.
Тој прогнозира дека пристапувањето во Унијата ќе биде тешка мора за Македонија и таа ќе трае најмалку десет години.

[email protected]