Комитетот за интеграција на Република Македонија во НАТО на денешниот состанок ја финализираше програмата за продолжување на реформите чија цел е земјата да стане што поскоро членка на Алијансата.

Програмата треба да биде усвоена од Владата, а на 6 декември ќе биде презентирана на ниво на НАТО 29+1.

-Очекуваме на тој состанок да се потврди дека станува збор за сериозен, реален и возможен документ што не зборува за реформи во далечно идно време, туку зборува за конкретни обврски што Македонија покажа дека знае да ги исполни. Со тоа ги отвораме шансите на почетокот на следната година, значи во првото тримесечје во 2019 да имаме заокружен протокол за пристапување во НАТО. Од тој момент Македонија ќе функционира како членка на НАТО Алијансата без шанса да гласа, но со целосно право да учествува во дебатите, во дискусиите, во процесот на носење на одлуки – рече Шекеринска.